fbpx

Сатирично видео за „авион од кој се прскаат отрови“ претставено како вистинско

Конкретното видео во постот е очигледен обид да се создаде шега базирана на сите работи во кои поддржувачите на теоријата на заговор за кемтрејлс веруваат и тоа од страна на сопственик на авион, кој залепил налепници на крилата од авионот и купил прекинувач на интернет на кој пишува дека е за „кемтрејлс“

-

Видеото во постот е очигледен обид да се создаде шега базирана на сите работи во кои поддржувачите на теоријата на заговор за кемтрејлс веруваат и тоа од страна на сопственик на авион, кој залепил налепници на крилата од авионот и купил прекинувач на интернет на кој пишува дека е за „кемтрејлс“. Самиот прекинувач кој го покажува авторот на снимката, а го има во авионот, може да се купи на интернет за 49 долари, пишува Вистиномер.мк.

 

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук во кој се вели:

Ако Бог сака да му наштети на човекот, само ќе му го земе паметот, останатото(штетата) човекот(без памет) сам ќе го направи !!! За 10 долари по галон кретениве се трујат(како што кретенов сам си кажува на клипчето со МНОГУ ТОКСИЧНИ ХЕМИКАЛИИ) самите себе, своите деца, роднини сограѓани, соселани… Еве што ни направи тоа трчање по тие проклети пари, сам себе да се труеш за пари !!! Сум видел секакви атавизми и идиотизми во животов, ама ваква планетарна моронијада да сам себе се
убијаш за пари, немам видено…и уште среќен мајмунот, демек пари му течеле !!! Пу…да ви се на**њам у тоа идиотите без мозок !!!

 

Во склоп на постот, објавено е видео, во кое пилотот ја открива „опремата за прскање“ која ја „има на неговиот авион“ и дискутира за тоа како е платен за да прска кемтрејлс.

Ова видео е сатирично, односно шега. Пилотот покажува налепница на крилото од авионот на која пишува дека „авионот е исклучиво сертифициран за „кемјтрејлс течност DK-58.12″, и вели дека резервоарот може да собере 50 галони. Потоа вели:

Нè плаќаат 10 долари по галон за да го прскаме ова.

Потоа го покажува ентериерот на авионот каде пишува „кемтрејлс“.

Авторот на видеото вели:

Го вклучувате и после тоа, само собирате пари. Така функционира тоа.

Самиот прекинувач кој го покажува авторот на снимката, а го има во авионот, може да се купи на интернет на овој линк за 49 долари.

Авионот е Цесна и регистрацискиот број видлив од видеото е N5PJ (видливо на 26 секунда од видеото од постот што го рецензираме). Пребарување за тој регистарски број, потврдува дека се работи за авион Цесна 421B регистриран на име Larson Air LLC во Скотсдејл, Аризона.

Кога ќе се пребара компанијата Larson Air LLC во Скотсдејл, во компанискиот регистар се гледа дека авионот е поврзан со Larson Holdings LLC. А на оваа страница ги има името и адресата на сопственикот на авионот: Брендон Ларсон.

Пребарувањето за Брендон Ларсон на социјалните мрежи, всушност открива и дека тој е автор на видеото. Има инстаграм профил каде е објавено видеото кое е истото од постот што го рецензираме.
Истото е објавено и овде.

Коментарите под видеата на Инстаграм сугерираат дека најголемиот дел од луѓето ја сфатиле шегата односно сатирата. Дел од корисниците замолуваат да не се збунуваат дополнително оние кои веруваат во теоријата на заговор. Трети им честитаат на креаторите за нивната досетливост и фактот што создаваат сатирични содржини.

За тоа дека станува збор за сатирично видео може да се види на следниот линк на Метбанк .

Кемтрејлс е, всушност, теорија на заговор стара повеќе од две децении. Оваа невистинита теорија заснована на дезинформации, го претставува верувањето дека вообичаените траги од кондензација што ги создаваат авионите во воздухот се „хемиски патеки“, составени од хемиски или биолошки агенси. Поддржувачите на оваа теорија се убедени дека различни влади се обидуваат негативно да ѝ влијаат на климата или на човековото здравје со тоа што прскаат токсични хемикалии, со цел да предизвикаат намалување на бројот на жители на планетата.

Оние кои веруваат во оваа теорија на заговор сметаат дека штом патеката од авионите е подолго време видлива мора да содржи некакви опасни супстанции. Според ваквите верувања, нормалната трага од авионите треба бргу да се распрсне, па оттаму, облаците кои не исчезнуваат мора да бидат полни со дополнителни, неоткриени супстанции, односно некакви отрови. Меѓутоа, белата патека што ја оставаат авионите во воздухот е патека која настанува од кондензација.

Облаците во форма на линија се произведени од издувните гасови на моторот на авионот и настануваат поради промени во притисокот на воздухот, обично на авиони кои летаат на височина неколку километри над површината на Земјата. Патеките се составени од вода, во форма на кристали од мраз. Во зависност од температурата и влажноста на воздухот, тие можат да бидат видливи само неколку секунди или минути, или може да опстојуваат со часови и да се шират неколку километри.

Конкретното видео во постот е очигледен обид да се создаде шега базирана на сите работи во кои поддржувачите на теоријата на заговор за кемтрејлс веруваат и тоа од страна на сопственик на авион, кој залепил налепници на крилата од авионот и купил прекинувач на интернет на кој пишува дека е за „кемтрејлс“.

Поради сите горенаведени факти, постот што го рецензираме го оценуваме како сатиричен.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Дебар Маало го прослави роденденот на Горан Стефановски

Во чест на роденденот најпознатиот македонски драматург, во Дебар Маало денеска повторно се слушаше гласот на Горан Стефановски преку неговите аудио драми кои ги пушташе платформата „Самоглас“. На настанот организиран...