На првото продолжение на 12. седница на Комисијата за финансирање и буџет, која се одвива без присуство на опозицијата, пратениците на СДСМ го оценија како реформски предлог-буџетот за 2018 година. Според нив, тој ќе обезбеди поголем економски пораст и повисок животен стандард на граѓаните. Тие сметаат дека за разлика од претходните буџети, овој не е популистички.

Пратеничката на СДСМ, Кети Смилевска, рече дека не се исклучува можноста за задолжување со еврообврзница и нагласи дека важно е за што ќе се трошат парите од задолжувањето. За зголемувањето на акцизата на нафтата и на нафтените деривати рече дека иако ќе се одрази на транспортните услуги, сепак не очекува зголемување на цените.

Заменик-министерката за финансии, Ширет Елези, се осврна на зголемување на наплатата на даноците по сите основи и оттука, според неа, предлог-буџетот за 2018 година е направен според реални показатели.

– Оваа година имаме поповолни движња во наплатата на даноци, последните месеци имаме побрз и повисок поврат на данокот на додадена вредност (ДДВ). Од септември до ноември повратокот на ДДВ кон стопанството изнесува 5,9 милијарди денари, што е за 26 проценти повисок износ во однос на истиот период лани – рече Елези.

Според Благојче Трпески од СДСМ, со овој предлог-буџет се кратат непродуктивните трошоци, како ставката стоки и услуги, во рамките на која, во минатото се правеле најголем дел од злоупотребите.

– Се кратат 10 милиони евра за непродуктивни трошоци, скапи ручеци, службени патувања… – рече Трпески.

Комисиската расправа за буџетот ќе продолжи во 15.30 часот.