Русија и Кина ќе проверуваат дали македонски хакери, Елон Маск или некој трет е вмешан во изборите во Венецуела

Бурлеската околу изборните резултати во Венецуела продолжува, но проблемот е во тоа што додека таа трае во земјата се одвиваат масовни протести, има многу притворени, но и жртви, пишува Вистиномер

-

Од Каракас пристигна и најновата вест според која Николас Мадуро изјавил дека ќе побара од Русија и Кина да го испитаат наводниот „сајбер напад врз комуникациите на Националниот изборен совет“ (тамошната изборна комисија), притоа обвинувајќи го милијардерот Елон Маск. Овојпат С. Македонија не беше спомната. Мадуро треба да се договори со својот обвинител Тарек Вилијам Сааб кој тоа точно е виновен за овие напади – хакери од земјава, Илон Маск или некој трет. Бурлеската околу изборните резултати во Венецуела продолжува, но проблемот е во тоа што додека таа трае во земјата се одвиваат масовни протести, има многу притворени, но и жртви, пишува Вистиномер. 

Текстот го објавуваме интегрално:

 

Властите на Венецуела ја обвинија Северна Македонија за наводни хакерски напади  и обид да се  влијае на резултатите од претседателските избори, кои изминатиот викенд (28 јули) се одржаа во оваа јужноамериканска држава и околу кои се испреплетоа низа контроверзии.

По гласањето, Изборната комисија прогласи победа на авторитарниот претседател Николас Мадуро со 51,2 отсто од гласовите, додека опозицискиот кандидат Едмундо Гонзалес, добил 44,2 отсто од гласовите. Но, опозицијата не ги призна резултатите и ја обвини власта за изборна измама. Сомневања во официјалните резултати изразија и САД и низа латиноамерикански држави.

Наспроти ова, Обвинителството во  Венецуела тврди дека сајбер напад извршен од Северна Македонија влијаел врз пренесувањето на резултатите од претседателските избори во земјата. Според главниот обвинител на Венецуела, Тарек Вилијам Сааббил направен обид за манипулирање на резултатите, но тој не успеал.

Целта беше да се измешаат вистинските извештаи. Го лоциравме и идентификувавме главниот водач – Лестер Толедо, изјави Сааб.

Според него, сајбер-нападот бил во корист на опозицијата, а против досегашниот претседател Николас Мадуро. Сааб вели дека хакерите работеле под инструкции на опозициските лидери Марија Корина Мачадо и Лестер Толедо, кои се обиделе да ги изманипулираат изборните податоците кои ги добивал Националниот изборен совет.

 

Дали македонски хакери влијаеле на изборите во  Венецуела?

Арно ама, за ваквите сериозни обвинувања за наводен хакерски напад во изборниот процес на Венецуела диригиран од Северна Македонија досега нема никакви конкретни докази.

Македонските власти се резервирани и внимателно ги разгледуваат информациите од  венецуелското обвинителство. Во врска со ова реагираше министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, кој изјави:

Внимателно го следиме процесот. Министерството не е истражен орган, но ќе се заложиме за тоа никој да не биде обвинуван во државата без да има соодветни докази за тоа и да не бидеме вмешувани во внатреполитички битки на еден авторитарен режим којшто постои со години во таа држава и неговиот однос кон опозицијата во таа држава

Андоновски посочи дека „станува збор за социјалистички режим што со години често лиферува информации непоткрепени со докази и обвинува засегнати страни и држави што немаат одговорност во таквите случаи“.

Андоновски побара од властите на Венецуела со докази да го поткрепат изнесеното обвинување.

Се надевам дека освен коментарите што излегоа во јавноста и коишто ги забележавме и со внимание ги следиме, од државата, од властите во таа држава ќе има и соодветни докази за наводно вмешување на некои наши граѓани или институции од државата. вели Андоновска.

По обвинувањата од Венецуела дека имало сајбер-напад од Македонија врз системот за пренос на податоци на изборите, се огласи и Министерството за внатрешни работи. Оттаму соопштија дека:

Секторот за компјутерски криминал ги следи случувањата во однос на наводните обвинувања кон македонски државјани и исто така наведуваме дека до сега, не се пристигнати никакви барања или информации во однос на горенаведеното од страна на властите во Венецуела за понатамошни проверки од наша страна.

Од Министерството појаснуваат дека појавувањето на македонски ИП адреси во некаков наводен напад не значи дека истите изворно потекнуваат од С. Македонија.

По досегашното искуство може да информираме дека постои голема веројатност истите да користат ВПН (Виртуелни приватни мрежи) или пак да се дел од поголема BotNet мрежа, односно да потекнуваат од таканаречени инфицирани зомби компјутери, кои се компромитирани од страна на хакери преку компјутерски вируси или малициозен софтвер и истите можат да извршат зададени задачи далечински управувани од поединци или група на потенцијални хакери,  додаваат од МВР.

Во известувањето МВР посочува дека најчесто жртви на ваквите зомби компјутери се лица кои не знаат дека нивните компјутерски системи се инфицирани со малициозен софтвер:

И без нивно знаење и согласност се вршат Ddos напади кои претставуваат злонамерен обид да се наруши нормалниот интернет сообраќај на зададениот сервер, сервис или мрежа за пристап до одредена цел во еден ист момент со цел нејзино блокирање, преоптоварување.

Но, зошто токму С.Македонија е обвинета за сајбер напади и манипулација со изборните резултати во земја на северниот дел од Јужна Америка, оддалечена илјадници километри?  Дали навистина во државата има толку вични хакери или можеби целата приказна е поради тоа што пред осум години група млади велешани се прославија по светските медиуми дека помогнале во победата на Доналд Трамп на претседателските избори во САД во 2016 година. Во тоа време македонските тинејџери од Велес станаа глобална атракција откако дел од светските медиуми тврдеа дека велешаните, преку нивните пропагандистички веб-страници со лажни вести, влијаеле на тоа Трамп, да седне во Белата куќа. Но, овој настан е одамна завршен, ваквите активности на велешаните, исто така, одамна се историја. И тоа до таа мера што веднаш на следните избори за Конгресот на САД во 2018 година, немаше речиси ниеден веб сајт од земјава, кој ширеше дезинформации во текот на тие избори.

Она што, всушност, се случува во овој настан е едноставно што С. Македонија е искористена како цел зашто некому во авторитарниот режим на Венецуела му текнало на земјава, потсетувајќи се на настаните од 2016 година. Оттогаш, има редица земји во кои, за разлика од нашава, делуваат далеку поголеми и поактивни криминални хакерски групи, кои се „докажале“ и покажале со своите хакерски активности. Но, проблем е што земјата која има голем број вакви хакерски групи е Русија, која е пријателски настроена кон режимот на Мадуро, па властите во Венецуела не сакаат да се замерат со Кремљ. Користењето на вакви хакерски групи е карактеристика на авторитарни држави и со многу од нив режимот во Венецуела е во добри односи. Ова особено откако од Каракас пристигна и најновата вест според која Мадуро изјавил дека ќе побара од Русија и Кина да го испитаат наводниот „сајбер напад врз комуникациите на Националниот изборен совет“ (тамошната изборна комисија), притоа обвинувајќи го милијардерот Елон Маск. Овојпат С. Македонија не беше спомната. Како што е многу добро познато, Русија и Кина не се никакви авторитети кога станува збор за спроведување фер избори или испитување на неправилности во текот на изборите. Во Кина избори воопшто и нема, а последните претседателски избори во Русија не беа признати од демократските земји во светот и тоа особено откако тие се одржаа непосредно по смртта на опозицискиот лидер Алексеј Навални, на нив немаше вистински опозициски кандидат и откако на нив се гласаше и на окупираните украински територии, каде што валидноста на гласовите беше многу тешко да се утврди.

С. Македонија, како мала и далечна земја, е одлична мета за вакви манипулации, па и ако се спомне во ваков бесмислен контекст, нема потреба да се изнесуваат докази. Но, од друга страна, ретко кој верува на ваквите со ништо недокажани изјави на режимот во Венецуела, каде што после секои избори во изминативе 30 години има големи сомневања во однос на резултатите проследени со масовни протести и каде што режимот редовно не успева изборните измами да не бидат видливи пред целиот свет.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Мицкоски: Ќе му биде врачен демарш на бугарскиот амбасадор Радуков

Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави ќе му биде врачен демарш на бугарскиот амбасадор во Северна Македонија Желјаско Радуков во врска со неистакнувањето на македонско знаме за време на посетата...