Изградба на пругата кон Бугарија ветуваа сите политички елити во овие три децении, а нејзината изградба е започната во октомври 1994 година. Само три дена по изборот на новата Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ, власта испрати пораки дека пругата кон Бугарија е така проектирана да биде најскапата во светот и да завршува во тунел без излез од другата страна. Набрзо следеше најава од Мицкоски за запирање на изградбата на оваа пруга и пренасочување на средствата за модернизација на пругата кон Грција. Но, дали е воопшто изводливо така лесно да се пренасочуваат европски пари за проект кој е дел од Договорот за добрососедство со Бугарија? Според доскорешниот евроамбасадор Дејвид Гир не може едноставно да се спроведе пренамената на европските пари од изградбата на железницата кон Бугарија, на пругата кон Грција. И министерката за финансии Димитриеска Кочоска, кажа дека парите од пругата кон Бугарија не може да се пренаменат за други проекти, но смета дека може да ги замолиме кредиторите да ги резервираат тие пари и за нив повторно да аплицираме во нов заем за друга намена. Николоски признава дека една од основните причини зошто станал министер за транспорт е изградбата на брза пруга Скопје-Солун. Според него за 7 години е можно да се изгради брза пруга по Коридорот 10, а долж неа како лего коцки да бидат наредени економски зони, пишува Вистиномер.
Текстот го пренесуваме во целост:
Многу прашалници отворија најавите од власта со кои станува неизвесна судбината на пругата кон Бугарија, а од друга страна нагласено се форсира идејата за брза пруга кон Грција. Особено е изненадувачка, дури чудна, изјавата на вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски дека дошол на министерската функција само за да ја изгради пругата до Солун!
Една од нашите главни заложби, една од основните причини зошто сум јас министер за транспорт е изградбата на брза пруга Скопје-Солун која треба да оперира со 200 километри на час. Идејата на таа пруга е да продолжува до Атина затоа што таа пруга е веќе изградена, но, исто така, и до Белград, Будимпешта и Виена. Помеѓу Белград и Будимпешта речиси е готова, брзата пруга во моментот се гради помеѓу Будимпешта и Виена, а во следниот период треба да се изгради меѓу Белград и Ниш, Табановце и Скопје, како би имале брза пруга долж целиот Коридор 10 за да можат граѓаните да се возат со 200 км на час. Тоа ќе значи дека патувањето меѓу Скопје и Белград ќе биде 2 часа и 15 минути, тоа ќе значи дека патувањето меѓу Скопје и Солун ќе биде некаде час и 20 минути до час и 30 минути Тоа ќе значи дека од Скопје до Будимпешта ќе се патува за 4 часа, тоа ќе значи дека Скопје – Атина ќе се патува 6 часа, што ќе е комплетно отворање на Македонија, изјави Николоски за време на официјалната дводневна посета на Белград (04.09.2024), а видеото го има на неговиот Фејсбук профил
Тој деновиве (07.09.2024) и во интервју за неделникот „Фокус“ повторно спомна дека за период од 7 години е можно да се изгради брза пруга по Коридорот 10, па изразувајќи се сликовито уште кажа дека долж неа како лего коцки ќе бидат наредени економски зони. Во таа смисла тој вели:
….Таква е географијата на Македонија, која е идеално поделена на два дела со реката Вардар. По Вардар одат најбитните коридори и за тие коридори светски и балкански војни се воделе во историјата. Сега ние треба да сме паметни и тоа да го искористиме.
Автопат за среќа имаме, треба да изградиме и брза пруга и буквално како лего коцки од левата и десната страна од брзата пруга да наредиме економски зони, каде ќе има фабрики кои ќе бидат основната додадена вредност во македонското стопанство, бидејќи секој што произведува ќе сака робата брзо да ја транспортира и извезе. Таа роба ќе излегува на 2 големи пристаништа (солунското и атинското) и ќе може со брза пруга за неколку часа да е во Будимпешта, Виена или во Прага..
Во истото интервју, прашан зошто го сопреле процесот на изградба на пругата кон Бугарија, Николоски вели дека случајот има неколку елементи, а првиот и клучен елемент е предвидената цена на чинење. Тврди дека за пругата кон Бугарија била избрана најтешката траса, со цел за да се напумпа цената.
Тоа се 24 милиони евра по километар, што е поскапо и од автопатот. Само за илустрација, цена на чинење на брза пруга каде било во Европа со 200 километри на час е 4 до 10 милиони евра, зависно од теренот. Овде за пруга која ќе оди со 60 километри на час е 24 милиони евра, вели тој.
Но, на 23 јули правејќи увид во работите на патот Ранковце-Крива Паланка, министерот излезе со поинакви, повисоки износи за чинењето на изградбата на железнички проекти во Европа.
Само за споредба, брза пруга која што оди со 200 километри на час чини помеѓу 10 и 12 милиони евра километар, кажа тогаш министерот.
Само, овие износи што ги нафрла Николоски се далеку пониски од реалните цени на европските пруги. Порталот „Независен“ повикувајќи се на Извештај на Европскиот суд на ревизорите од 2018 година, пишува дека министерот користи „алтернативни факти“ и дека цената на брзите пруги во Европа е драматично повисока – 30 до 40 милиони евра за километар. Во текстот се посочуваат неколку примери за тоа:
- Брзата пруга во Германија од Штутгарт до Минхен, која почна со изградба во 2010, а ќе заврши во 2025, е долга 267 километри. Таа чини 13,27 милијарди евра. Што значи – 49,7 милиони евра по километар.
- Во Германија, друга брза пруга што е веќе пуштена во сообраќај, од Берлин до Минхен (671 км) беше изградена за 14,68 милијарди евра. Тоа значи 21,8 милиони евра по километар. Пак сѐ зависи главно од теренот.
- Во Италија, од 2003 се гради брзата пруга од Милано до Венеција во должина од 273 километри. Треба да биде завршена во 2028. Нејзиното чинење е 11,8 милијарди евра. По километар тоа изнесува 43 милиони евра.
- Пругата од Торино до Салерно во должина од 1.007 километри чинеше 32 милијарди евра – 31,8 милиони евра по километар. Таа беше завршена уште во 2009 година.
- Има и поевтини. Во Шпанија од Мадрид до Леон пругата во должина од 345 километри е направена за 5,4 милијарди евра. По километар тоа е 15,6 милиони евра. Таа беше почната во 2001 и завршена во 2015.
Кој ли му нудел поткуп на премиерот?
На крајот на август премиерот Христијан Мицкоски обелодени дека му бил нуден поткуп за да стави потпис на тендерот за изградба на пругата кон Бугарија, вреден 560 милиони евра. Тој тоа го соопшти на прес-конференција одговарајќи на новинарско прашање дали во следниот период приоритет на Владата ќе биде само Коридорот 10.
Но, Мицкоски не прецизираше кој стои зад поткупот, само кажа дека:
Се знае како оди тоа, преку други канали за комуникација, додавајќи дека е доволно искусен за да насети дека тоа била целта на соговорникот.
Бев жртва на обид за поткуп поврзан за тој проект. Кажав дека ваков како што е никогаш нема да го поддржам. Тука не станува збор само за пари на македонските даночни обврзници, туку и на европските. Додека сум јас премиер, нема да се случи тоа.
Завршија времињата на таков тип комуникација со претседател на Владата. Можеби со некои други имало така, со овој нема, рече тој посочувајќи дека за обидот за поткуп ги информирал сите надлежни институции
Мицкоски е категоричен дека како претседател на Владата не може да стави потпис на проект и да потроши половина милијарда евра, пари на граѓаните за проект што завршува на половина тунел во слепа улица. За ова ги известил и партнерите од ЕУ со кои имал состанок, а тие „со разбирање ги прифатиле аргументите“. Според него, разбирање имале и претставниците од Европската банка за развој и Европската инвестициска банка. Дијалогот со бугарската страна ќе се одвивал во Брисел, на високо ниво, а процесот ќе го фасилитира Европската комисија.
Скопје не може да ги менува транспортните политики на Брисел
Коридорот 8 треба да ги поврзе италијанското пристаниште Бари и албанското Драч со Скопје, Софија и Црното Море, додека Коридорот 10 ги поврзува Австрија, Словенија, Хрватска, Србија, Македонија и Грција.
Наспроти уверувањето на Мицкоски дека партнерите од ЕУ имале разбирање и ги прифатиле неговите аргументи за пругата кон Бугарија, специјалниот германски пратеник за Западен Балкан, Мануел Сарацин, неодамна порача дека не може Скопје да ги менува транспортните политики на Брисел. Тој предупреди дека новата влада на С. Македонија изгубила интерес за изградба на Коридорот 8 и му дава приоритет на Коридорот 10. Според него, европскиот транспортен Коридор 8 е од стратешко значење за регионот. Како што пренесе пренесува бугарски „Труд”. Сарацин за Бугарското национално радио (БНР) изјавил:
Транспортните коридори во Европа се во надлежност на Брисел. Лично верувам дека не е во надлежност на една земја да ги менува европските приоритети во транспортната политика. Ова е долг и комплициран процес со многу различни договори. За време на моите разговори во Софија, разбрав дека Бугарија е збунета, но и загрижена од ова барање на Скопје. Изградбата на Коридорот 8 секако е од стратешко значење (27.07.2024).
Италијанскиот вицепремиер и министер за надворешни работи, Антонио Тајани, деновиве (10.09.2024) на заедничката прес-конференција со македонскиот министер за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, исто така го спомена значењето на Коридорот 8 како еден од клучните инфраструктурни проекти за регионот.
Тијани најави дека до крајот на годината ќе организира средба со С. Македонија, Бугарија и Албанија за да се забрза развојот на Коридорот 8, со цел да се поттикне економскиот раст и да се подобри внатрешниот пазар.
Организираме средба за Коридорот 8 до крајот на годината, со цел да ја поттикнеме економската соработка и развојот на пазарите во регионот, рече Тајани, истакнувајќи го значењето на овој проект.
Министерот Николоски, пак, деновиве (12.09.2024) имаше прва средба со евроамбасадорот Михаилис Рокас, на која го запознал со владината програма во делот на инфраструктурните проекти, потенцирајќи ја важноста за развој на патната и железничката инфраструктура со посебен фокус на изградба на брза пруга на Коридорот 10.
Министерот Николоски истакнал дека:
Планот за брза пруга на Коридорот 10 е реален и е од стратешко значење за Македонија, за земјите од регионот и за Европската Унија.
Сепак, во соопштението од средбата нема информација каков бил ставот на евроамбасадорот Рокас.
Во меѓувреме официјална Софија изрази зголемена доза на вознемиреност од изјавите на македонските политичари за пренасочување на европските средства за изградба на пругата кон Бугарија, сметајќи дека се насочени кон кршење на меѓународните обврски на инфраструктурно поврзување
Во соопштението на владата на Бугарија се вели дека токму Коридорот 8 е клучна логистичка рута долж јужното крило на НАТО, со кое се поврзуваат Црното и Јадранското Море и неговата изградба е од големо значење во актуелниот геополитички момент, па затоа одбивањето да се изградат главните компоненти ја ослабнува колективната безбедност на НАТО-алијансата.
Дополнително, бугарската влада ја повикува Владата на С Македонија да пристапи одговорно и со добра волја кон сите преземени обврски и договори кои се направени за навремена изградба на делниците од трасата на Трансевропскиот коридор на нејзина територија. Оттаму велат и дека од бугарска страна модернизацијата и завршувањето на железничката компонента се дел од националната програма „Транспортно поврзување 2021-2027 година“.
Коридорот 8 е транспортен проект кој е дел од Договорот за добрососедство од 2017 година, како и во неговите протоколи од 2019 и 2022 година кој не само што ја поврзува С. Македонија со Бугарија туку има за цел да ја зголеми геостратегиската автономија на Европската Унија, се вели во соопштението на бугарската влада (29.07.2024).
Можно ли е пренасочување на европските пари од еден на друг проект?
Досега, ниту премиерот Мицкоски, ниту министерот Николоски не открија детали за тоа како ќе се обезбедат средства за изградба на брзата пруга до Солун. Велат дека ќе бараат да се пренаменат парите од пругата кон Бугарија – Коридор 8, за изградба на брза пруга по Коридорот 10 и рехабилитација на постојниот Коридор 10.
Но, дали е воопшто изводливо така лесно да се пренасочуваат европски пари за проект кој е дел од Договорот за добрососедство со Бугарија?
Според доскорешниот евроамбасадор Дејвид Гир не може едноставно да се спроведе пренамената на европските пари од изградбата на железницата кон Бугарија, на пругата кон Грција.
Тој во интервју за „Слободен печат“ (31.07.2024) вели:
Не може едноставно да се пренаменат парите од Коридорот 8 на Коридорот 10, нашиот (европскиот) систем не функционира така. Дискутиравме со министерот за транспорт, со премиерот и со други и мислам дека во наредните недели, месеци, ќе најдеме заеднички јазик за најдобриот начин како да се продолжи. Значи, не може едноставно да се пренаменат парите од нешто за кое е веќе постигнат некаков напредок на нешто што сѐ уште се развива. Тоа не значи дека не инвестираме во Коридорот 10.
Гир напоменува дека двата коридора во европската патна и железничка мрежа се важни и дека инвестираат во двата.
Во случајов зборуваме за трансевропски мрежи. Низ оваа земја поминуваат два коридора. Едниот е запад-исток од Италија преку Албанија, овде, па до Бугарија, познат како Коридор 8, а другиот север-југ – Коридорот 10 оди кон Грција. Во случајот со Коридорот 8, планот е тој во делот од Скопје до Бугарија да заврши до 2030, а секцијата од Скопје низ Албанија да биде завршена до 2040 година. Сосема е разбирливо што премиерот ги разгледува инвестициите и поставува прашања. Имавме добра, опширна дискусија со Владата и за Коридорот 8 и за Коридорот 10. Коридорот 8 во однос на проектите е многу повеќе напреднат. Проектот од Скопје до бугарската граница има три секции и првата е речиси завршена, на втората секција се работи, а за третата треба тендер. Ќе ги продолжиме дискусиите, бидејќи ова е многу важно прашање. Исто така, се согласивме и дека Коридорот 10 е важен. Ние веќе инвестиравме во помош за подобрување на железницата на Коридорот 10 и минатата недела Комисијата утврди поголем фонд за тоа. Но, ќе треба повеќе време, бидејќи не е добро подготвен. На крајот веруваме дека двата може да се изградат и разговараме со Владата како да се постигне тоа, вели Гир.
И според министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска, парите од пругата кон Бугарија не може да се пренаменат за други проекти, но таа смета дека може да ги замолиме кредиторите да ги резервираат тие пари и за нив повторно да аплицираме во нов заем за друга намена.
Ги слушам изјавите, но не е така. Вие кога барате наменски кредит не може за друго да го користите. Исто е и во овој случај. Може само да ги замолиме да ги резервираат парите и да аплицираме за нов заем, но да се пренаменат не може, кажа Димитриеска Кочоска на брифинг со новинарите на почетокот на август (01.08.2024).
Според неа, добрата вест е што овој кредит не е ефектуиран, па нема трошоци и затоа нема да плаќаме пари за неповлечени средства.
Веќе имало средба со Европската инвестициска банка, каде што на маса биле ставени сите аргументи зошто пругата кон Бугарија не треба да се гради.
Тоа е траса од Драч во Албанија до Бургас во Бугарија. Хипотетички ќе ја направиме, но што добиваме економски. Од Европската инвестициска банка ми кажуваат дека е тоа НАТО аспект. Но јас ги прашав дали НАТО и ЕУ ќе нѐ сакаат ако банкротираме. Имаме проблем со пругата кон Солун која е многу поважна за нашето стопанство, вели Димитриеска Кочоска.
Уште пред половина век сме имале проект за брза пруга
За тоа дали оваа брза пруга треба да се поклопи со постоечката или ќе се пробива нова траса, министерот Николоски во интервјуто за Фокус вели дека сега открил оти уште пред половина век сме имале таков проект.
Има проект од 1978 година, сега го открив и ова е ексклузивна информација. За некои работи колку сме се вратиле назад. Во 1978 година се проектирани 4 варијанти, од кои едната оди со 160, втората со 180, третата со 200 и четвртата со 250 километри на час. Ние во 2024 година зборуваме дали е можно? Секако дека е можно и ќе го направиме.
Атина – Солун веќе е завршено, тоа го финансираа Грција и ЕУ. Белград – граница со Унгарија е завршено, Унгарија го гради во својот дел, сега треба да се изгради Белград – Ниш, Ниш – Скопје и Скопје – Солун…, наведува вицепремиерот и министер за транспорт.
Пругите во Србија и Унгарија кои ги споменува Николоски, се градат со кинески кредити и од кинески фирми. Исто така, мнозински сопственик на пристаништето во Пиреја, до каде води пругата Солун –Атина, веќе осум години е кинеска компанија – Кинеската државна бродска компанија „Коско“ .
Коридорот 10 во соседството се гради со кинески пари
Српскиот портал storyteller.rs во својата сторија за изградбата на брзите пруги, пишува дека во реалноста нивната изградба тече бавно, а Кина досега има најголема корист од овие инвестиции.
Официјалниот почеток на работите на пругата Белград-Будимпешта беше на крајот на ноември 2017 година, на делницата Белград-Стара Пазова. Изградбата на брзата пруга меѓу Нови Сад и унгарската граница започна на 22 ноември 2021 година. Трасата е долга околу 108 километри. Неколку месеци подоцна, на 19 март 2022 година, беше пуштена во сообраќај делницата Белград-Нови Сад во должина од 74,9 километри. Министерот за градежништво, транспорт и инфраструктура Горан Весиќ на крајот на август најави дека првиот воз од Нови Сад за Суботица ќе тргне на 25 ноември.
Србија полека го привршува својот дел од работата, но не и Унгарија. Весиќ пред десетина дена (27.08.2024) изјави дека според договорот со унгарските партнери, нивниот дел од пругата – од границата до Будимпешта, ќе биде завршен до 2026 година.
Како што пишува storyteller.rs изградбата на брзата пруга Нови Сад-Суботица ја финансира и изведува Кина, под услови што самата ги диктира.Тоа практично значи дека користењето на кинескиот кредит е условено со избор на кинеска компанија за извршување на работите. Секако, целиот процес се одвива без конкуренција, односно без распишување тендер на кој би можела да се пријави која било градежна компанија.
За брзата пруга нема да се користат кинески кредити?
Во ноември минатата година С. Македонија и Србија потпишаа Меморандум за соработка за воспоставување на железничка мрежа со високи перформанси како дел од железничкиот Коридор 10. Меморандумот е потпишан во Владата на Република Србија од страна на тогашниот министер за транспорт и врски Благој Бочварски и српскиот министер за градежништво, сообраќај и инфраструктура Горан Весиќ, во присуство на тогашните премиери Димитар Ковачевски и Ана Брнабиќ.
Овој Меморандум за соработка се однесува на железничката линија која треба да ги поврзе Атина-Солун-Скопје-Ниш-Белград-Загреб-Љубљана-Салзбург. Секако со крак кон Будимпешта. Конкретно зборуваме за делницата Скопје-Ниш-Белград и секако за кракот кој во Скопје ќе се поврзе со Меѓународниот аеродром во Скопје, изјави Ковачевски по потпишувањето на меморандумот во Белград (17.11.2023), а истото го напиша и во објава на Фејсбук
На македонска територија во првата фаза треба да бидат изградени 50 километри, а интенцијата е Коридорот 10 да биде целосно изграден односно до Солун и Атина. Брзината на оваа пруга ќе биде најмалку 160 километри на час.
Седум месеци по потпишувањето на Меморандум за соработка за изградба на брза железничка линија од Скопје до Ниш, се смени власта во С.Македонија. Новата Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски, се заложи за изградба на брза пруга до Солун, како дел од Коридорот 10.
Според министерот за транспорт Николоски за оваа пруга нема да се користат кинески кредити.
За Белград–Ниш (делницата) ЕУ ѝ даде на Србија 600 милиони евра, што кредити, што грантови. Сега треба да најдат финансирање за Ниш–Скопје, па ние треба да видиме со Грците да најдеме финансирање. Мојот политички став е дека финансирањето треба да биде домашно или од ЕУ или од партнерите од НАТО алијансата и ништо надвор од тоа, посочува Николоски во интерјуто за Фокус.
Новата власта веднаш стави рампа за пругата кон Бугарија
Првите пораки дека пругата кон Буграија е прескапа и неисплатлива од власта стигнаа набрзо по изборот на новата Влада,(23.06.2024). По само три дена министерување, на 26 јуни, Николоски на прес-конференција изјави дека претходната Влада предвидела пругата кон Бугарија да биде најскапата во светот и да завршува во тунел без излез од другата страна
Пруга во должина од 23,4 километри за која е предвидено да чини 560 милиони евра, а завршува во тунел кој нема излез на другиот крај. Ваква е состојбата со пругата кон Бугарија, дел од Коридорот 8, рече Николоски.
Повикувајќи се и цитирајќи податоци од „Ревизорскиот извештај за реализација на капитални инвестиции“ изготвен од Државниот завод за ревизија, Николоски кажа дека самиот проект наместо првично планираните 340 милиони евра е со зголемена цена за 220 милиони евра. Со тоа е дојдено до таква сума што оваа пруга ќе биде најскапата во светот во однос на цената за изградба на еден километар.- 24 милиони евра.
Најважното за што јавноста до денес не е запозната, се работи за железничка пруга која што треба да оди од пред Крива Паланка до граница со Бугарија. Железничка пруга којашто поминува среде град, буквално поминува среде Крива Паланка, треба десетици, а можеби и стотици куќи да се рушат, да се иселува население и најважното, завршува во тунел кој што нема крај. Ќе прашате зошто? Затоа што според проектот, а и секако според законите, Вие можете да градите само на сопствена територија. Предвидено е поврзувањето со Бугарија да оди преку тунел, но тој тунел може да се изгради само до границата со Бугарија и истиот треба да го преземе и да го гради Бугарија од другата страна во услови кога Бугарија нема направено ни проект за железничко поврзување со Македонија, потенцираше Николоски.
Набрзо потоа, на 22 јули, премиерот Мицкоски во интервју за Телма најави запирање на изградбата на пругата кон Бугарија и пренасочување на средствата за модернизација на пругата кон Грција – Коридор 10.
Имавме проблем со некои од обврските за кои знаевме дека не можеме да ги исполниме. Нашето досие е затворено и чекаме сега одобрување од страна на Европската комисија, затоа што дел од проектите кои ги преземала претходната влада, на памет не ми паѓа да продолжам да ги реализирам. На памет не ми паѓа како премиер на оваа влада да потрошам 550 милиони евра за пруга која завршува во слепа улица на половина тунел, без предвидлива иднина како ќе биде понатаму до Црното Море, на основа на црвен фидик, што значи со пенали може да дојде до 750 милиони евра.
Ги замолувам тие пари да ги потрошиме во модернизација на пругата на коридорот 10 и возовите наместо 30 на час да возат 100 на час и наместо три пати да биде намален буџетот на јавното претпријатие Македонски железници – Инфраструктура, да може трипати да биде зголемен и наместо после две години првпат да имаме една оперативна локомотива, да купиме 5 нови и да имаме повеќе композиции на вагони кои ќе поминуваат во државата, истакна Мицкоски
Веќе наредниот ден (23 јули) Николоски соопшти дека Владата ќе бара дел од средствата за изградба на пруга до Бугарија, да се пренаменат за брзата пруга на Коридорот 10.
Бараме и од Европската банка за обнова и развој и од Европската инвестициска банка со кои потпишале договор претходната влада на СДСМ и ДУИ, тие средства да се пренаменат за изградба на брза пруга по Коридорот 10 и рехабилитација на постојниот Коридор 10. Од Табановце до Гевгелија, значи од границата со Србија до границата со Грција за да можат возовите да одат со 100 до 120 километри на час, а тоа рехабилитација на постојната пруга, проект што ќе чини 250 милиони евра, рече тој.
Според него, тоа значи дека цела линија север-југ чини двојно помалку од 24 километри на потегот од Крива Паланка до границата со Бугарија. Во таа насока, предлага да се седне и да се разговара со бугарската страна и да се види дали изградбата на пругата кон Бугарија може да се реализира.
Кредити коишто идните генерации треба да ги враќаат со камата, што значи ова ќе е најскапата пруга во Европа. Еден километар ќе чини некаде околу 24 милиони евра. Само за споредба, брза пруга која што оди со 200 километри на час чини помеѓу 10 и 12 милиони евра километар. Обична пруга е многу поевтина. И сега се поставува логичното прашање – дали вреди да се потрошат 560 милиони евра народни пари во сиромашна Македонија каде што ние за 14 милиони евра сме благодарни за донација за пруга која што треба да уништи дел од градот Крива Паланка, да вози со 60 километри на час, да има теоретски 22 тунели и да завршува во тунел којшто не води никаде, односно во превод таа пруга никогаш нема да се заврши само што ќе ги фрлиме парите и ќе имаме ситуација каде што за 10 години уште ќе зборуваме дека пругата не е завршена, смета Николоски.
Пругата кон Бугарија ја чекаме три децении
Изградба на пругата кон Бугарија ветуваа сите политички елити во овие три децении. Изградбата на пругата е почната во октомври 1994 година во време на Владата предводена од СДСМ и тогашниот премиер Бранко Црвенковски. За реализација на инфраструктурниот проект биле склучени вкупно 26 договори и 51 анекси на договорите меѓу ЈП МЖ Инфраструктура и фирмите изведувачи на работите за различни секции и градежни позиции.
Во Буџетот на државата, почнувајќи од 1994 година до 2003 година континуирано се обезбедувале средства за реализација на овој проект. Изградбата на пругата е стопирана во 2004 година, се проценува дека во проектот дотогаш биле вложени над 100 милиони евра, со кои само делумно се изградија дел од инфраструктурните објекти.
Градежните работи продолжија дури по десет години, пролетта 2014 година од Владата под водство на ВМРО-ДПМНЕ. Во март 2014 година, пред распишувањето на вонредните парламентарни избори, свечено беше означен стартот на реконструкцијата на делницата „Куманово-Бељаковце“ од Коридорот 8. Според очекувањата на тогашниот премиер Никола Груевски, градежните активности на оваа делница требаше да завршат во средината на 2016 година. Но, ваквите планови не се остварија.
Потоа, за предвремените парламентарни избори во 2016 година СДСМ вети дека во првите две години од мандатот („План за живот во Македонија“ , стр. 246) ќе ја доврши реконструкцијата на делницата „Куманово-Бељаковце“. Сепак и тоа не се случи. Владата предводена од СДСМ и тогашниот премиер Зоран Заев, која беше избрана на 31 мај 2017 година, не успеа да ги реализира ветените проекции до 15 јули 2020 година – кога се одржаа предвремените парламентарни избори.
Инаку, во моментот кога СДСМ ја „наследиле“ изградбата на делницата (по преземањето на власта во 2017 година), според поранешниот вицепремиер Кочо Анѓушев, биле реализирани само 23 проценти од работите. Надежите на тогашниот министер за транспорт и врски, Горан Сугарески беа дека градежните рабпти на овој дел ќе финишираат до 2020 година.
Меѓутоа, наспроти ваквите очекувања градежните активности на првата делница запреа на 29 мај 2020 година, кога германската компанија „Вибе“, како изведувач на делницата Куманово-Бељаковце, го раскина договорот со инвеститорот Јавното претпријатие Железници на РСМ – Инфраструктура.
Поради тоа во февруари 2021 година ЈП МЖ Инфраструктура преку Европската банка за обнова и развој распиша нов тендер за доизградба на првите две делници од пругата. Тендерската постапка се заокружи со изборот на новите изведувачи „Ѓулермак“ и „Штрабаг“ со кои беше потпишан договор во јули 2022 година.
И, така пругата за Бугарија го „дочека“ и мандатот на Димитар Ковачевски и уште едно свечено отпочнување на градежните работи (октомври 2022).
Ковачевски тогаш уверуваше дека напорно ќе се работи за да се изгради железничката линија што ќе нè поврзе со Бугарија:
Или во текот на овие изминати 30 години не сме имале знаење, или немало доволна посветеност или имало премногу корупција. Или сите 3 работи заедно.
Затоа, тука, пред вас, одговорно тврдам дека единствената опција која ја имаме е да ги удвоиме напорите и напорно да работиме. И да го сработиме сето ова со нашите пријатели, со нашите соседи, со ЕУ. Можеме секако да зборуваме зошто нешто не можело или како требало да се направи. Но имаме и опција да избереме да работиме и да одиме напред, да го избереме најдобриот пат, или во случајов најдобрата пруга кон европската иднина. Денеска затоа велам дека рехабилитацијата и зафатите на Коридорот 8, железничката пруга која ја поврзува Република Северна Македонија со Република Бугарија стануваат реалност.
И според тогашниот директор на Македонски железници и инфраструктура Локвенец, сите предуслови за завршување на децениски најавуваниот проект за пруга кон Бугарија се исполнети.
Четири се критериумите се потребни за да се реализира проектот. Прво дали имаме пари? Имаме, обезбедни се од ЕБОР. Второ, досегашното искуство покажува дека археолошкото наследство може да биде голем проблем, но во овој случај испитана е цела траса. Трето е експропријација и можам да ви кажам дека ова е првиот проект со 100 проценти завршена експропријација. Четврт предуслов е да имаме квалитетни фирми, а ние тоа го имаме.
Нормално дека во тек на градба ќе има проблеми, но ви тврдам сите сме максимално посветени и ентузијасти и даваме гаранции за исполнување на роковите, уверуваше и Локвенец.
Дека изградбата на источниот дел од железничкиот Коридор 8 е важна за сите три земји, како за Бугарија, така и за Албанија и Македонија и дека без сомнеж ќе придонесе за додадена вредност на развојот на целиот регион, порача и тогашниот технички премиер на Бугарија, Галаб Донев, во неговиот настап на церемонијата кај Шупљи Камен. Тој во оваа пригода нагласи дека пругата ќе значи остварување на еден сон на многу генерации од двете страни на границата.
За жал, досега тој сон не се оствари.