Од 12 до 14 септември во Маврово, се одржa работилница за лидерска група за родова еднаквост, организирана од здружение ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување, со поддршка од Британската амбасада во Скопје, информираат оттаму.
На работилницата успешно биле остварени целите во насока на унапредување на знаењата и вештините на учесниците за концептите на род, родова еднаквост и социјална инклузија, како и за засилување на интеграцијата на родовата перспектива во процесите на креирање на политики засновани на докази.
„Теоретските знаења на учесниците со основите на родовиот концепт, родова еднаквост и ранливите групи, ги пренесоа Игор Јадровски, претседател на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, заедно со Неда Чаловска, експертка за родови прашања. На работилницата беа презентирани состојбите со родовата еднаквост во Северна Македонија, а се дискутираше за начини за подобрување на политиките, како и спроведување на процесите за процена на влијанието на регулативата, во партнерство со претставници на владата односно од Министерството за јавна администрација“, наведено е во соопштението од организацијата.
Учесниците исто така се запознале и со основните столбови на методологијата РЕСИ – Родова еднаквост и социјална инклузија, а предавањата ги организираше ХЕРА. Преку примената на РЕСИ се очекува да се обезбеди мерките во политиките да се родово сензитивни и да промовираат социјална вклученост.