Не е точно дека Зоран Заев има бугарско државјанство

Заев за „Вистиномер“ децидно тврди дека објавениот документ од наводното негово бугарско државјанство, не е веродостоен, туку е креиран од поединец со лоша намера

-

Ниту поранешниот премиер Заев има бугарско државјанство, ниту Договорот за добрососедство со Бугарија е неважечки. Заев за „Вистиномер“ децидно тврди дека објавениот документ од наводното негово бугарско државјанство, не е веродостоен, туку е креиран од поединец со лоша намера. Заев вели дека има само државјанство на С. Македонија и дека никогаш не побарал државјанство на ниедна друга држава, пишува Вистиномер. 

Текстот го пренесуваме интегрално: 

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук, која има 17 споделувања во моментот на пишувањето на оваа рецензија, во која се споделува наводен „документ“ кој би требало да „докаже дека поранешниот премиер Зоран Заев има бугарско државјанство“. Се работи за лоша фотомонтажа односно неверодостоен документ креиран со помош на алатки за едитирање фотографии.

Во склоп на објавата пишува:

ДОГОВОРОТ СО БУГАРИЈА Е НЕВАЖЕЧКИ ЗАРАДИ ТОА ШТО И ДВАЈЦАТА ПОТПИСНИЦИ и Борисов и Заев СЕ БУГАРСКИ ДРЖАВЈАНИ следи копија од документ од Софија “Удостоверение”.

Ниту поранешниот премиер Зоран Заев има бугарско државјанство, ниту договорот за добрососедство со Бугарија е неважечки.

„Вистиномер“ се обрати за коментар кај Заев.

Не мора да сте експерт за да се види дека е креација на некој поединец со лоша намера. Јас имам само македонско државјанство. Никогаш не сум побарал државјанство ниту од Бугарија ниту од било која друга држава. Можете да видите на лажната слика дека наводниот документ е издаден на 20 април 2017 година. Тоа е 7 дена пред срамниот настан во Парламентот од 27 април 2017 година или месец дена пред да бидам избран за претседател на Владата на Македонија, изјави Заев за „Вистиномер“.

Инаку, Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија е потпишан на 1 август 2017 година помеѓу премиерите Зоран Заев и Бојко Борисов во Скопје. Воспоставувањето на договорот беше поздравено од САД.

Овој значаен договор, кој се фокусира на иднината, ги афирмира постоечките силни врски помеѓу двете земји и отвора врата за уште поблиска соработка во различни области, од инфраструктура па се до култура. Потпишувањето на овој Договор ќе придонесе за политичка стабилност и економски развој во поширокиот регион, и тој нуди охрабрувачки пример за тоа како разликите помеѓу соседите можат да се решаваат на мирен начин, изјави тогаш портпаролот на Стејт Департментот Хедер Науерт.

Договорот е составен од 14 члена со кои се уредуваат економските и билатералните односи на двете земји, врз база на меѓународното право и добрососедство. Властите на двете земји се обврзуваат да создаваат неопходни правни, економски, финансиски и трговски услови за обезбедување на најшироко можно движење на стоки, услуги и капитал, како и да ја зголемат туристичката соработка, да ги подобрат транспортните врски и комуникациите меѓу нив, вклучително во рамките на регионалните инфраструктурни проекти. Двете држави во делот на културното наследство се обврзуваат со заемна согласност заеднички да чествуваат историски настани и личности. Во делот на соработката во област на културата, образованието, здравството, социјалната грижа и спортот, се предвидува во рок од три месеци од стапувањето на договорот на сила да се формира заедничка мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања, која врз база на историски докази ќе работи на подготвување на образовните содржини.

На 1 јули премиерот на С. Македонија, Христијан Мицкоски изјави дека според него, договорот со Бугарија може да се „репреговара“.

На тоа бугарскиот претседател Румен Радев одговори дека договорот мора да се почитува и спроведува, а не да се ревидира.

И коментарот на амбасадорката на САД во земјава, Анџела Агелер, беше дека нема преговори за договори што се веќе направени, а го тангираат напредокот на земјава кон ЕУ.

Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистинита.

Филмскиот фестивал „Киненова“ започнува со првиот долгометражен анимиран филм во земјава

Свеченото отворање на годинешното издание на меѓународниот филмски фестивал „Киненова“, на 15 октомври ќе биде во знакот на македонскиот филм, информираат организаторите. „Оваа година повторно сите светла ќе ги впериме...