Почетокот на судскиот процес за случајот „Пуч“, кој требаше да почне денеска, е одложен затоа што во судницата не се појави четвртообвинетиот Зоран Заев, лидер на СДСМ. Другите обвинети беа во судницата. Првообвинетиот Зоран Верушевски и Ѓорѓи Лазаревски беа донесени од затворот во Скопје, каде издржуваат мерка притвор, а Соња Верушевска и Бранко Палифров, издржуваат мерка домашен притвор.

Судскиот совет, со кој претседаваше судијката Љубинка Башевска, констатира дека Заев денеска со ништо не го оправдал своето отсуство и поради тоа не се исполнети условите за почеток на судскиот процес. Исто така, од судот истакнаа дека од Основниот суд Струмица било доставено известување дека обвинетиот Заев трипати не се јавил во просториите на судот, ниту го оправдал нејавувањето. Поради тоа од судот бил направен обид да се стапи во контакт со него, но од другата страна биле известени дека обвинетиот е на годишен одмор.

Исто така, судот извести дека на Заев му била доставена покана вчера, на 4 август 2015 година, да се јави во струмичкиот суд, но не добиле никаков одговор.

По одложувањето на денешниот главен претерес, се утврдуваше датум кога да продолжи процесот. Судијката бараше рочиштето да почне кон крајот на август, меѓутоа одбраната побара тоа да биде по 3 септември. Во контекст на ова, адвокатот на одбраната, Филип Медарски, рече дека треба да се даде подолг рок бидејќи во меѓувреме бил постигнат Договорот од Пржино, според кој, овој случај ќе го преземе специјален јавен обвинител. На ова судијката реплицираше дека таа не работи според политички договори, туку по закон и за датумот за кога треба да продолжи рочиштето мора да има предвид дека двајца од обвинетите се наоѓаат во притвор каде се знае какви се условите. Веднаш потоа, таа ги праша и обвинетите Верушевски и Лазаревски дали имаат забелешки за тоа главниот претрес да почне во септември. Тие одговорија дека немаат забелешки и се согласни со тоа. Судскиот совет потоа одлучи главниот претрес да се одржи на 7 септември.

Исто така, судот донесе решение да му се достави нова покана на Заев за да се јави во судот.

Адвокатите на одбраната по рочиштето не сакаа да дадат изјава за медиумите.