Ристовска или @devojceto_so_knigite: Животите што се проживуваат додека се чита книга остануваат засекогаш

Во „Летна лектира“ студентката Кристина Ристовска, позната на Инстаграм и како @devojceto_so_knigite, го открива нејзиниот избор на книги за читање во летната сезона

Илустрација: Мета.мк

Во ова динамично и брзо време на живеење, кога дури и одморот претставува „замор“ преку гледање во екраните на телефоните, Мета.мк со цел повторно да ја разгори љубовта кон книгите и желбата за дегустирање нови содржини кај читателската публика, преку викенд-текстови разговара со јавни личности од секоја општествена сфера за нивните омилени книги за време на летниот период – во кој впрочем се наоѓа и најмногу време за читање.


Овојпат на темата „Летна лектира“ разговараме со студентката Кристина Ристовска, позната на Инстаграм и како @devojceto_so_knigite, која има и своја страна за онлајн продажба на книги и додатоци за книги. Таа за Мета.мк открива дека ја има таа среќа да може да биде покрај море три месеци за време на летниот период.

„И сето тоа е благодарение на камп приколка во Грција. Незаменливо нешто. А слбодното време го пополнувам со читање книги. Мноогу книги (се смее)“.

Таа ги дава и нејзините препораки за читање за време на летниот период, велејќи дека за на плажа би издвоила некои полесни книги, романса или некоја историска драма.

• Со книгите на Вај Киленд дефинитивно не може да погрешите, но посебно би ја одвоила Поканата. Сите нејзини книги се исполнети со многу хумор. Моменти каде што толку многу ќе те погоди длабоко во срцето некој дел од книгата што ќе пуштиш и некоја солза, и најважното, што ќе сфатиш што сè си подготвен да направиш за вистинската личност.
• Би ги додала тука и книгите на Сара Џио доколку сте љубители на историски драма романси, посебно Тајната колиба на плажата (книга која се чита буквално во еден ден!) и Темјанушки во март.
• Минатата година ја открив и Али Хејзелвуд. Има две преведени книги кај нас – Љубовна хипотеза и Љубовни неврони и мислам дека ми беше откритие на 2022 година! Едноставно се заљубив уште на првата страница.

„Читам уште од својата 11 годишна возраст. Сум посетила, па може да се каже 70 отсто од планетата Земја. Сум живеела илјадници животи, сум се вљубувала, плачела, сум посакувала да можам да „убијам” некој лик, сум чувствувала жал, сочувство, сите можни емоции благодарение на книгата. Книгите ме спасиле од многу работи што ми се случувале во реалниот живот, вистинско бегство понекогаш кога навистина ти е потребно“, открива Кристина за Мета.мк, додавајќи дека ништо не може да го замени опојниот мирис на нова купена книга од книжарница.

Она што се случува на социјалните мрежи е нешто минливо, вели Кристина, додека поуките што се добиваат од секоја прочитана книга и животите што се проживуваат додека се густира книгата, останува засекогаш.