Марко Бислимоски
фото: РКЕ

Одразот на пандемијата од ковид-19 врз електро-енергетските системи и мерките што ги презедоа регулаторите од Европа, со цел да се заштитат потрошувачите, се дел од темите на третиот трилатерален состанок на Советот на европски регулатори на енергија (CЕЕR), Одборот на регулатори на Енергетската заедница (ECRB) и Здружението на медитерански регулатори на енергија (MEDREG), соопштија од Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Северна Македонија (РКЕ).

Регулаторите се согласиле дека во изминатиот период, поради концентрираната работа од дома, потрошувачите го зголемиле интересот за своите права кога станува збор за квалитетот на испорачаната енергија и понудената услуга од снабдувачите.

„Заштитата на потрошувачите е главната цел кон која се насочени сите активности во Одборот на регулатори на Енергетската заедница“, посочи претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски, во улога на претседател на Одборот на регулатори на Енергетската заедница. Тој порача дека фер договори за потрошувачите и обезбедувањето на висок стандард во квалитетот во снабдување, се правила кои мора да се гарантираат и за кои не смее да има отстапување.

„Како регулатори, нашата главна цел е да обезбедиме либерализација и енергетска транзиција, што подразбира замена на фосилните горива со обновливи извори на енергија, и тоа е за доброто на граѓаните. Имплементацијата на таканаречениот Пакет на регулатива за зелена енергија, претставува предизвик за нас. Целта е да ги мотивираме потрошувачите, активно да се ангажираат и да бидат запознати со процесите и со новите технологии кои ќе им овозможат флексибилност при употребата на достапните системи“, изјави Бислимоски.

Регулаторите, осврнувајќи се на годината што ја одбележа пандемијата, посочија дека дигитализацијата се покажа како успешен мост кој значително ја замени физичката наплата и обезбеди да не се загрози ликвидноста на енергетските компании.  Креирањето на механизми за поттикнување на поголемо учество на потрошувачите на пазарите, што ќе влијае врз зголемување на конкуренцијата и подобрување на понудата, се дел од темите на кои денеска ќе дискутираат европските и медитеранските регулатори.