Реддит го врати огромното платно, корисниците преку цртежи го искажуваат револтот кон директорот на платформата

Верзијата на r/Place за годинава започна вчера, а корисниците веќе ја користат можноста за да ги искажат своите поплаки кон раководството на социјалната мрежа

фото: Принтскрин од r/Place (Реддит)

Реддит го врати r/Place – заедничкиот проект каде што корисниците можат да уредуваат пиксели на огромно платно и на тој начин да исцртуваат слики или пораки.

Според „Врџ“, големото платно се враќа во време кога корисниците на платформата се сè уште бесни за повеќе одлуки на компанијата, а меѓу нив и новите високи цени на АПИ – Апликацискиот програмски интерфејс на Реддит – код кој им овозможува на трети апликации да прелистуваат и прикажуваат содржина од платформата. Новите правила ги принудија апликациите од трети страни да затворат, а покрај ова, за корисниците е спорна и одлуката на компанијата да ја отстрани историјата на разговори пред 2023 година.

Верзијата на r/Place за годинава започна вчера, а корисниците веќе ја користат можноста за да ги искажат своите поплаки кон раководството на социјалната мрежа. Така, во моментов на платното може да се прочита навреда кон извршниот директор на Реддит, Стив Хофман, а многу од другите коментари само ја прикажуваат пораката „АПИ“.

Социјалната мрежа и сама е свесна дека тајмингот на враќање на огромното платно можеби не е соодветен. Во кратката видео-најава, слоганот на компанијата за настанот гласеше „Вистинско место, погрешно време“.

Првично било предвидено платното да биде отворено во април, но оттогаш лансирањето на проектот било постојано одложувано.

Досега големото Реддит платно беше отворено два пати – во 2017 и 2022 година, а идејата зад проектот е на Џош Вардл – човекот креатор на играта „Вордл“ (Wordle).

Двете финални платна од пред пет и десет години претставуваат фасцинантни дела во боја кои содржат стотици мали слики, пораки и колажи.

Пикселна уметност: Македонската Реддит заедница остави белег на големото Реддит платно