Пикселна уметност: Македонската Реддит заедница остави белег на големото Реддит платно

фото: Принтскрин од финалното платно на r/Place

Милиони корисници на Реддит од петокот се здружија за колективно да генерираат масовно колаборативно парче уметничко дело кое стана вистински вирален феномен.

Таканаречениот „подредит“ r/Place функционираше како отворено платно, каде што секој корисник на оваа платформа можеше да поставува по еден мал обоен пиксел на секои пет минути. Проектот за првпат започна пред пет години, како првоаприлски експеримент во 2017 година, кога повеќе од еден милион Реддит корисници поставиле околу 15 милиони пиксели на дигиталното платно.

Пет години подоцна, платното се врати повторно на 1 април, а бројките пораснаа вртоглаво. Само до недела биле поставени речиси 72 милиони пиксели од страна на 6 милиони корисници, со темпо од над 2,5 милиони поставени пиксели во еден час.

Милиони луѓе постојано ги менуваа пикселите и нивните бои, па за да се постигне вистински напредок и да се создаде, но и одбрани едно „дело“ на платното, беше потребен групен напор.

Како и во 2017 година, и овојпат многу уметнички дела беа националистички, често комбинирајќи ги знамињата со знаменитостите и симболите на земјите, потоа со познати и историски личности, но и со дела на технологијата.

Проектот заврши доцна навечер во понеделник, а на финалното платно по четиридневна „битка“ се најде и пикселната уметност на македонската Редит заедница која се организираше преку платформата „Дискорд“. Така, пред платното да стане повторно бело, на него можеше да се види македонското знаме каде на еден од краците е пресликан споменикот „Воин на коњ“ од плоштадот Македонија во Скопје, како и споменикот „Илинден“ од Крушево.

фото: принтскрин од дел од платното на r/Place

Целата кампања на Реддит беше пофалена и за обединетата поддршка за Украина во руската инвазија врз земјата. На платното се најде украинското знаме со напис „Слава на Украина“, а во еден момент со пиксели беше насликан и ликот на украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Покрај тоа, на платното беа насликани многу познати личности, уметнички дела како „Мона Лиза“, како и многу карактери од видео игри, филмови и анимирани серии.