fbpx

Реакции во светот по веста за смртта на Алексеј Навални

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг  ја повика Русија да одговори на „сите сериозни прашања за околностите на неговата смрт“

-

Русија е одговорна за смртта во затворот на опозицискиот лидер Алексеј Навални, изјави американскиот државен секретар Ентони Блинкен, откако руските новински агенции денеска, цитирајќи ја затворската служба, објавија дека Навални починал во затвор.

„Неговата смрт во руски затвор и стравот од еден човек само ја нагласуваат слабоста и гниењето во срцето на системот што го изгради Путин“, изјави Блинкен на маргините на Минхенската безбедносна конференција во Германија, а пренесе Ројтерс.

Блинкен рече дека доколку извештаите за смртта се покажат вистинити, САД ќе разговараат со многу други земји загрижени за Алексеј Навални.

„Русија е одговорна за ова“, рече Блинкен.

Претходно, советникот за национална безбедност на Белата куќа, Џејк Саливан, изјави дека САД активно бараат потврда за смртта на Навални.

Саливан додаде дека долгата историја на Кремљ за нанесување штета на своите противници „покренува вистински и очигледни прашања за тоа што се случило овде“.

Европската Унија соопшти дека го смета рускиот претседател Владимир Путин за единствено одговорен за смртта во затвор на опозицискиот лидер.

Врховниот дипломат на ЕУ, Жозеп Борел, го нарече Навални „многу храбар човек кој го посвети својот живот за да ја спаси честа на Русија, давајќи им надеж на демократите и граѓанското општество“, пренесува Дојче Веле.

„Додека се чекаат дополнителни информации, да бидеме јасни: ова е единствена одговорност на Путин“, напиша Борел на социјалната мрежа „Х“.

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен рече дека веста за смртта на Навални е „мрачен потсетник за тоа што се Путин и неговиот режим“.

„Путин не се плаши од ништо повеќе од несогласување од сопствениот народ“, напиша Фон дер Лајен на „Х“.

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг  ја повика Русија да одговори на „сите сериозни прашања за околностите на неговата смрт“.

Британскиот премиер Раши Сунак му оддаде почит на рускиот опозициски лидер, опишувајќи ги извештаите за неговата смрт како „страшни вести“.

„Како најжесток застапник за руската демократија, Алексеј Навални демонстрираше неверојатна храброст во текот на својот живот. Моите мисли се со неговата сопруга и со народот на Русија, за кои ова е огромна трагедија“, се вели во објавата на Сунак на „Х“.

Во меѓувреме, мајката на Алексеј Навални, Људмила Навалнаја, изјави дека нејзиниот син бил „жив, здрав и среќен“ кога последен пат го видела во понеделникот, пренесува Гардијан.

„Не сакам да слушам никакво сочувство. Го видовме во затвор на 12-ти, на состанок. Беше жив, здрав и среќен“, вели таа во својата објава на Фејсбук.

Руската затворска служба утрово соопшти дека Навални починал. Тој отслужуваше повеќекратни долги затворски казни за злосторства што ги негираше. Со обвиненијата се соочи по враќањето во Русија и по лекувањето во Германија откако беше отруен во август 2020 година. Беше уапсен веднаш по слетувањето на аеродром.

Во затвор пронајден мртов Навални, најгласниот критичар на Владимир Путин

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

(РЕПОРТАЖА) Надежите на СДСМ испарија во сауната на ВМРО-ДПМНЕ

„Овде е стравотно топло, како во сауна е“, рече професорката Гордана Сиљановска-Давкова на прес-конференцијата во централниот штаб на ВМРО-ДПМНЕ, барајќи марамче да се избрише, пред да ја прогласи победата...