Протестен марш за еднакви права: „Сиромаштијата има женско лице“

-

„Со почит кон досегашните победи на жената за родовата еднаквост, но свесни за секојдневните системски недостатоци кои го загрозуваат нашето постоење како слободни, еднакви, достоинствени и безбедни. Овој 8 Март го одбележува женската сиромаштија, овозможена од системот, а продлабочена како резултат на двегодишната пандемија со ковид-19 и нејзините последици. Маршираме бидејќи држава во која жените не се вклучени како еднакви, е држава во која нема напредок. Општество во кое жените се невработени и преработени, незаштитени, виктимизирани, објективизирани и лишени од своите права, е сиромашно општество“, велат од Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство и Платформата за родова еднаквост по повод 8 Март, Денот на жената.

„Не ни треба цвеќе, сакаме права“, „Стоп за економското насилство врз жените“, како и „Социјална правда“, беа пораките кои одекнуваа марш за женските права кој годинава организаторите го насловија „Сиромаштијата има женско лице“.

Во Република Северна Македонија вработени се помалку од половина од жените на работоспособна возраст, а разликата на стапката на вработеност помеѓу мажите и жените е двојно поголема од еворпскиот просек и една од највисоките во Европа, алармираа од Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство.

Според нив, јазот во невработеноста помеѓу мажите и жените е подеднакво висок како и пред 20 години.

„Велите мајка ми седи дома таа е домаќинка. Велите жена ми седи дома, таа не работи. Но тоа не е така, овие жени работат секој ден. Над 220.000 жени кои статистиката ги брои како домаќинки и кои се економски неактивни, работат секој ден, а не заработуваат од својот труд. Зависни се од приходите на домаќинството, овие жени се под постојан ризик од економски насилство и ја живеат староста без пензија“, порачаа членките на Платформата за родова еднаквост.

Тие нагласија дека во време на пандемија со ковид-19, жените се тие што секојдневно учеа со своите деца додека училиштата беа затворени, а мајките ризикуваа да ја загубат својата работа кога децата останаа дома поради затворените градинки.

Бојана Јовановска од Хелсиншкиот комитет за човекови права рече дека Собранието е единственото место каде преку родовата квота, застапеноста на жените забележа зголемување, но со распуштањето на Собранието за време на пандемијата, тоа придонесе жените да бидат отсутни од процесите на донесување одлуки и родово сензитивни мерки за справување со кризата.

Според неа, локалните избори се уште еден пораз за жените кои како што истакна, во наредните четири години повторно ќе бидат исклучени од процесите на донесување на одлуки на локално ниво.

„Денес протестираме за сите текстилни работнички кои останаа без работа, за жените од руралните средини кои останаа без јавен транспорт и пристап до здравствени услуги, за жените со попреченост кои дополнителната непристапност ги направи уште поневидливи. За жените Ромки кои останаа без и онака ниско платената работа, за жените кои немаат пристап до услуги за репродуктивно здравје што ги води до уште поголема сиромаштија. Денес го креваме гласот за сите жени кои ја вршат неплатената домашна работа. За економско зависните и загрозени жени кои не можат да си обезбедат прехранбени продукти. За жените кои немаат ништо на свое име, за жените кои еднакво учествуваат во плаќање на даноци, но не можат да си дозволат основни средства за одржување на менструална хигиена“, рече Јовановска.

Од Платформата за родова еднаквост побараа усвојување на ефективни политики и мерки за справување со последиците од ковид -19 кои ќе вклучат родова перспектива и ќе ги земат предвид потребите на различни категории на маргинализирани и ранливи жени.  Тие побараа и зголемено учество на жените во работните групи кои ги подготвуваат и спроведуваат мерките за одговор на состојбата со Ковид -19 и економската криза.  Велат дека е потребен буџет и економски политики за луѓе, а не за бизниси и партии.

Денес и од Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените – ЕСЕ, по повод Денот на жената, алармираа за нееднаквата положба на жените во општеството и неефективната правна заштита од семејното насилство.

„Дури 70% од жените што претрпеле семејно насилство не се информирани за можноста за користење на бесплатна правна помош во постапката за изрекување на привремени мерки за заштита и постапката за развод  на брак, додека 55% од нив  не се задоволни од обезбедената стручна помош од Центарот за социјални работи и Министерството за правда“, велат од Здружението ЕСЕ, кое повеќе од 20 години обезбедува правна помош за жените кои претрпеле семејно насилство.

На маршот се приклучи и министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска.

Necromanser Eldritch -Diablo 4 -скриншот од лична архива на Иван Стојановски

Експанзијата „Vessel of Hatred“ на Diablo 4 доби одлични критики од гејмерите

Излегувањето на експанзијата Vessel of Hatred на Diablo 4 наиде на голем број одлични критики од страна на гејмерите ширум светот и е експанзија што фановите ја очекуваа од...