fbpx

Анализа: Мажите-политичари не сакаат да го препуштат одлучувањето во рацете на жените-политичарки

-

Застапеноста на жените во политиката и во одлучувањето и понатаму останува минимална и на централно и на локално ниво. Иако политичките партии во последно време често се повикуваат дека се за родова еднаквост, кога станува збор за примена на ова во пракса, тие се повлекуваат. Факт за тоа се неодамнешните локални избори и формирањето на новата Влада на државата. Иако на жените им се дава мал простор на полето на одлучување, тоа не ги спречува да студираат и да дипломираат во овие области, пишува Порталб.мк.

Изјавите на политичките партии за борбата за родова еднаквост често паѓаат во вода бидејќи постапките го покажуваат спротивното, а овој аргумент го поткрепуваат следните податоци.

Северна Македонија од осамостојувањето никогаш немала жена избрана за претседателка на државата, премиерка или претседателка на Собранието, имало само две жени кои ги извршувале последните две функции дури и помалку од еден месец.

Земјата неодамна избра нова Влада на „мажи“ и повторно не го реши проблемот со родовата еднаквост и застапеноста на жените. Само 20 отсто од актуелните министри се жени, сите од СДСМ, па така соодносот на министри и жени е четири спрема еден. Албанските партии министерската функција не ѝ ја довериле на ниту една жена. Ситуацијата е поалармантна на позицијата заменик-министер, каде соодносот е осум спрема еден, или поточно, само две жени се заменици од вкупно шеснаесет.

За разлика од извршната власт каде 20 отсто од министрите и 10 отсто од замениците-министри се жени, состојбата во Собранието е подобра, односно, околу 40 отсто од пратениците се жени, бидејќи тоа го дозволува Изборниот законик.

Во Изборниот законик стои: „Во поднесената листа на кандидати за пратеници, најмалку 40 отсто од кандидатите припаѓаат на помалку застапениот пол, и тоа: на секои три места најмалку едно место му припаѓа на помалку застапениот пол и дополнително уште најмалку по едно место на секои десет места“.

Сегашното Собрание на Северна Македонија, конституирано на 4 август 2020 година, има 47 пратенички од вкупно 120 пратеници. Половата застапеност во Собранието е исто така заштитена со закон, но тоа не важи за функцијата претседател на Собранието.

Друг аргумент за губење на битката со родовата еднаквост се последните локални избори одржани минатиот октомври. Според официјалните податоци на Државната изборна комисија (ДИК), на локалните избори учествувале 299 кандидати, од кои 274 мажи и 25 жени. Во албанските партии од вкупно 59 кандидатури, само 2 од нив биле жени.

Скандалозен беше бројот на жени кои го добија мандатот за градоначалник, каде само две успеаја да ја победат оваа „двојна“ војна.

Советничките листи по полова застапеност се поповолни, бидејќи според законот најмалку 40 отсто од листите за советници во општинските совети мора да бидат жени. На последните избори 55 отсто од кандидатите за советници беа мажи, а 45 отсто жени.

Во однос на функцијата градоначалник, законите не предвидуваат родови квоти.

Државата произведува професионални женски кадри, кои со професионална обука можат да придонесат во политиката и одлучувањето, но партиите не сакаат да го сторат тоа.

Иако често како причина за недостатокот на жени во политиката и одлучувањето некои, па дури и политичарите, го оправдуваат со недостаток на стручен кадар или храброст, податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС) покажуваат дека земјава има професионален женски кадар, и нивната подготовка би придонела во политиката и процесите на одлучување.

Податоците на ДЗС покажуваат дека во 2020 година од вкупно 6.907 студенти кои дипломирале, 4.110 биле жени, или конкретно 59,5 отсто.

Според податоците на ДЗС, ова е бројот на дипломирани жени во 2020 година на некои од општествените и правните факултети, кои содржат и политички науки:

  • Универзитет „Свети Климент Охридски”, Правен факултет – 6 жени од 17 студенти,
  • Универзитет „Св. Кирил и Методиј“, Правен факултет – 91 жени од 132 студенти,
  • Универзитет „Гоце Делчев“, Правен факултет – 14 жени од 24 студенти,
  • Универзитет во Тетово, Правен факултет- 65 жени од 164 студенти,
  • Универзитет „Мајка Тереза“, Факултет за социјални науки – 4 жени од 12 студенти,
  • Меѓународен балкански универзитет, Факултет за хуманистички и општествени науки – 17 жени од 27 студенти,
  • Меѓународен балкански универзитет, Правен факултет – 5 жени од 27 студенти,
  • Меѓународен балкански универзитет, Факултет за комуникации – 3 жени од 5 студенти,
  • Југоисточноевропски универзитет, Факултет за современи општествени науки – 48 жени од 113 студенти,
  • Југоисточноевропски универзитет, Правен факултет – 48 жени од 89 студенти,
  • Американ колеџ, Факултет за политички науки и јавна администрација – 6 жени од 8 студенти,
  • Американ колеџ, Факултет за правни науки – 6 жени од 8 студенти,
  • Европски универзитет, Факултет за правни науки – 7 жени од 17 студенти,
  • МИТ Универзитет, Факултет за правни науки, меѓународни односи и дипломатија – 1 жена од 6 студенти,
  • Универзитет АУЕ – ФОН, Факултет за правни и политички науки – 17 жени од 38 студенти,
  • Меѓународен славјански институт „Г. Р. Державин, Правен факултет – 19 жени од 46 студенти,
  • Меѓународен универзитет „Визион“, Факултет за општествени науки – 8 жени од 11 студенти,
  • Меѓународен универзитет „Визион“, Правен факултет – 20 жени од 59 студенти.

Овие податоци покажуваат дека земјата не се соочува со недостаток на квалификуван женски кадар, но дека политичките партии сè уште не сакаат да им доверат високи функции на жените.

Директорката на Институтот за лидерство и јавна политика (ИЛЈП), Пранвера Касами, нагласува дека ова е проблем кој бара повеќедимензионален пристап. Таа смета дека поставувањето квоти таму каде што ги нема и нивно зголемување таму каде што се, е неопходност за да се постигне природна застапеност, а не форсирана.

Пранвера Касами, фото: ФБ профил

„Оваа застапеност ќе биде задоволителна само кога ќе видиме приближување на родовите пропорции на секоја позиција, како и приближната родова демографска структура од 50-50. Но, овде, пред сите, мажите зад нив и жените мора да веруваат во ова. Залудно е да се очекува промената да дојде само од проактивното активирање на жените, бидејќи само тоа не е доволно. Во филозофијата на лидерството, лидерот е тој што им нуди на другите и им ја подава раката за да се издигнат. Затоа, дури и во овој случај, бидејќи политичкото раководство е во рацете на мажите, тие треба да ја играат улогата на вистински лидери со тоа што искрено ќе ги охрабруваат жените да се приклучат во политичкото раководство“, објаснува Касами.

Социологот и универзитетскиot професор Али Пајазити вели дека овој факт покажува дека политиката кај нас сè уште се гради на патријархален менталитет.

Али Пајазити, Фото: Порталб.мк

„Ова е култура длабоко навлезена во нашиот кодекс како Балкан, каде што се верува дека само мажите можат да водат правилно, дека политиката е машка работа, особено клучните позиции, каде што се носат критични одлуки. Бидејќи веруваат само во мускули и во сила и моќ, а не во афинитети и вештини, бидејќи на другата страна гледаат противник кој дејствува со дискурсот на сила, а не со разум, затоа се подготвени мажествено, а не хуманo”, вели Пајазити.

Касами смета дека не треба да мажите-политичари да мислат дека нема жени подготвени и храбри за политика, секогаш кога ќе размислуваат на тоа прашање.

„За жал, жените не можат да си дозволат таков луксуз во овие околности, затоа што трагично се покажува дека реалноста е делумно ваква. Радикалната промена бара систематска работа, пред сè за овој домен од невладиниот сектор. За оваа реалност да се сврти во корист на самите жени, што е можно повеќе од нив мора да веруваат во промената, без жртвување и без изговори. Патријархалниот дух кој сè уште владее во многу од нашите земји значеше дека некои прашања станаа нормален дел од менталитетот, а за да се промени тоа не е доволно само да пишуваме на Фејсбук, туку потребна е вистинска работа. Пристапот мора да биде добро структуриран и добро заснован на сериозна основа, а секое тврдење со наивен пристап дека наводно работи кон оваа насока, само за да се направи врева, само уште повеќе го отежнува донесувањето промени и предизвикува сериозна дезориентација“, вели Касами.

Таа објаснува дека ИЛЈП во сериозно партнерство со меѓународните организации е посветен максимално да обезбеди можности за интеграција на жените во политиката.

„Во моментов сме на средина на развој на сериозен проект заедно со Британската амбасада во Скопје „Зголемување на учеството на жените во политиката во Северна Македонија“, токму за зголемување на капацитетот на жените во креирањето политики и одлучувањето, чиј концепт се развива во соработка со сите девет општини од Полог. Но, не само тоа, туку, тука спаѓа и надградбата на комисиите на локалната самоуправа за еднакви можности на жените и мажите, или други. Друг подеднакво важен проект е оној во партнерство со Амбасадата на САД, каде што се фокусираме на можностите на младите жени во претприемништвото или СТЕМ“, рече Касами, нагласувајќи дека жените на високи позиции за одлучување треба да го дадат максимумот за да охрабруваат и други девојки и жени на такви позиции.

Што велат за оваа појава политичките партии и оние кои директно се дел од институцијата што ги носи законите?

Неподготвеноста на жените-Албанки да си го земат вистинскиот удел во креирањето на политиките според Алијансата за Албанците доаѓа од девалвирањето на положбата на жената поради владејачката албанска партија, затоа, како што велат, потврдено е во скандалот со прислушувањето.

„Ваквите оправдувања доаѓаат од владејачките партии кои жените ги гледаат како квота и алатка, а не како рамноправен актер во рамките на нивните поданици со мажите. Застапеноста на жените на партиски и државни позиции ја гледаме еднаква со онаа на мажите. Посветени сме на целосно еднаква застапеност на жената во сите институции, како половина од моќта на општеството во сите сегменти“, велат од Алијанса за Албанците.

Пратеничката Дафина Јованоска-Стојаноска, од ВМРО-ДПМНЕ вели дека машките политичари се доведуваат во позиција на правдање со тоа дека нема подготвени и храбри жени, но реалноста е дека ретко кој машки политичар признава рамноправност со колешка, а ги има многу такви.

„Секоја чест на исклучоците, но јас стојам на ставот дека политиката не е само машка работа, иако кај нас мажите политичари не се толку оддадени на семејството и куќата, за разлика од жените-политичарки кои истовремено знаат и умеат да се справат со сите активности и во сите да бидат подеднакво успешни. Иако сум жена, за ова помалку ги обвинувам мажите, а повеќе повикувам на женски чекори и на женски активизам. Жената-политичарка не е само за да води Унија или Форум на жени во нејзината партија, туку жената-политичарка е, и тоа, квалитетна и подготвена и за водење на партија, па и држава. Овие чекори никој не смее да ни ги оневозможи, ниту пак некој се осмелил на тоа. Потребна е само женска желба и мотивација за преземање на работите во женски раце“, објасни Јованоска-Стојаноска.

Пратеничката од ДУИ, Фиснике Бектеши-Шаќири вели дека жените треба да се негуваат како кандидати, лидери и да им се даде поддршка исто како на машките кандидати.

Фиснике Бектеши-Шаќири, фото: лична архива

„Многу жени се подготвени да се соочат со големи предизвици во политиката. Постигнувањето значајно учество на жените во политиката бара градење на капацитетите на жените-кандидатки, зголемување на просторот во политичките партии и негување на политичка волја кај партиските лидери за поддршка на жените на секаков вид на лидерска позиција. Со примената на системот на квоти, учеството на жените во политиката е зголемено, но нивниот пристап до одлучување останува изолиран. Квотите треба да бидат само средство за консолидирање на силната застапеност на жените. Мажите не можат да ги застапуваат интересите на жените. Жените не треба да се гледаат како квоти туку како еден квалитет во општеството. Затоа, јас сум за еднаква застапеност на жените во изборните листи во Република Северна Македонија на парламентарно и локално ниво, преку зголемување на родовите квоти 50:50 и потребата од повеќе жени-градоначалнички, како и поголема застапеност на жени на раководствени позиции, како и во извршната власт и другите државни органи“, рече Бектеши-Шаќири.

Партијата СДСМ вели дека е целосно посветена на еднаква родова застапеност и како партија чија основа е суштината на едно општество за сите, нагласуваат дека има храбри и подготвени жени.

„Во нашата партија мажите се тие кои се борат и ги поддржуваат правата на жените. Не би се согласиле со мислењето дека жените фигурираат како квоти, симбол, без моќ на одлучување. Напротив, цениме дека жените и тоа како се дел од одлучувачките политики и се докажани како исклучителни политичарки кои ги менуваат работите на подобро. Ние како СДСМ остануваме посветени на унапредување на застапеноста на жените во политиката”, појаснуваат од СДСМ.

Жените во РСМ добија право да гласаат и да бидат избрани на политички избори во 1946 година. На глобално ниво, за прв пат беше признаено во 1956 година и гарантирано со Универзалната декларација за човекови права. Учеството на жените во политиката е признаено како човеково право неопходно за глобален напредок.

Оваа анализа е напишана во рамките на проектот „Зголемување на учеството на жените во политиката во Северна Македонија“, што го спроведува Институтот за лидерство и јавна политика, во соработка со Британската амбасада во Скопје.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

За еден ден, две жени од Скопје нападнати од своите партнери

Два случаја во кои жени од Скопје се нападнати од своите партнери се регистрирани во полицискиот билтен во текот на вчерашниот ден. Околу 18 часот и 30 минути вчера, во...