Приватното образование во Германија е во подем

Уделот на студентите на приватните универзитети е речиси поголем за 10 пати, од 1,6 отсто во 2001 година на сегашните 11,6 отсто

Извор: StockSnap на Pixabay

Приватните факултети и училишта се сè популарни во Германија и веќе денес секој десетти студент во земјата посетува некоја установа од високото образование која е во приватна сопственост, соопшти во средата сојузниот завод за статистика, пренесува германската новинска агенција ДПА. 

Во тековниот семестар тоа значи безмалку 342.600 студенти или за 12 пати повеќе отколку пред 20 години, кога имаше 29.400. Во истиот период, бројот на студенти на сите факултети пораснал само за 57,5 отсто, и тоа од 1,9 на околу 2,9 милиони студенти.

Со ова, уделот на студентите на приватните универзитети е речиси поголем за 10 пати, од 1,6 отсто во 2001 година на сегашните 11,6 отсто.

Понудата за студирање на приватните универзитети со годините силно расте и денес има 119 програми, наспроти 49 колку што имало во 2001 година.

Инаку, односот на бројот на студенти и наставници е понеповолен на приватните отколку на државните универзитети.

Во тековниот семестар, на еден наставник на приватните факултети запишани се 36,4 студенти, наспроти 14,6 на јавните. Повеќето студенти на приватните школи запишале правни, економски и општествени науки, а потоа следат инжинерските и медицинските.

Трендот на насочување кон приватното школување е забележлив и во општото образование, наведуваат статистичарите. За 10 години, бројот на приватни школи пораснал за 50 отсто, од 2.522 во 2002 година на сегашните 3.784. Во истиот период, бројот на државни школи за општо образование се намалил за една четвртина.

Уделот на ученици во приватни училишта пораснал од шесте отсто што ги имало пред 20 години на актуелните речиси 10 проценти, односно 797.600 од вкупно 8,7 милиони ученици.

Приватното школување на деца во Германија во просек чини 2.030 евра годишно.