Презентацијата на нови игри Ubisoft Forward 2023 донесе низа долгоочекувани наслови

AC Mirage слика од Ubisoft
AC Mirage, фото од Ubisoft

Презентацијата на игри од компанијата Убисофт, наречена „Ubisoft Forward 2023“ изобилува со долгоочекувани наслови – како најновите верзии на Prince of Persia и Assassin’s Creed, но и најновиот наслов од франшизата Star Wars и играта Avatar. Погледнете ги трејлерите и нашите коментари за овие игри, што допрва треба да излезат:

 

Prince of Persia The Lost Crown

Најновата игра Prince of Persia се враќа на своите корени, односно ќе биде платформска игра, токму како првичната верзија од серијалот – за разлика од претходните многу играни и сакани наслови кои следуваа по првата верзија, што беа со перспектива од трето лице, како Sands of Time и Warrior Within. Овие две беа многу играни – иако Warrior Within имаше потемна атмосфера, а Sands of Time беше поколоритна – и токму оваа игра го имаше краткото враќање наназад, коешто ги спасуваше играчите од смртоносни падови и смртоносни удари во борба. 

Во најновата верзија на играта не играте како принцот, туку како еден од групата херои наречени „Бесмртните” и вашата мисија е да го спасите принцот којшто е киднапиран. Играта изобилува со кул анимации и атрактивни потези во борба, како и многу различни механики за избегнување стапици и скокање на платформи и ѕидини.

Овој нов освежувачки пристап може да ја ревитализира франшизата, бидејќи веќе подолго време се чекаше на најновата игра, којашто можеби на новите генерации во иднина ќе им биде и првата Prince of Persia игра. 

 

Avatar: Frontiers of Pandora

Се очекува оваа игра да биде крајно графички „измазнета“ и со опции како јавање животни и оние што личат на коњи и летечки змејови, интеракција со живиот свет со директно поврзување преку нервниот систем на вонземјаните. Се работи за расата Нави, кои се домородни хуманоиди на планетата Пандора, којашто е нападната од луѓето, кои се тука да ги соберат природните ресурси и да ја индустријализараат планетата. Луѓето се во војна со домородците, коишто имаат специјална врска со природата околу нив. Ова, нормално, има многу референци, од кои првата е дека домородците Нави се всушност референца за Американците-староседелци. Другата референца е милитантна индустријализација – во овој контекст, пораката и на филмовите и на игрите на оваа тема е еколошка и хумана.

Интересно, во македонската митологија името Нави се однесува или на трите наречници или на злобни самовили, а ова име се среќава во многу приказни што ги собрал Марко Цепенков. Самовилите во англосаксонските и нордиските митологии ги нарекуваат и елфови – коишто, патем, се среќаваат во делата на Толкин.   

Навите од „Аватар“ со зашилените уши се блиску до „Шумските елфови“, чиј преѕставник кај Толкин е ликот на стрелецот Леголас. Шумски елфови се среќаваат и во друштвената игра со карти Magic the Gathering во Nature deck, но се фантастичен мотив и на многу други места. 

Но, игрите и филмовите „Аватар“ имаат и друга премиса. „Аватар“ во хиндуизмот значи божество кое заземало човечко тело, на пример „Аватар на Кришна”. Во „Аватар“, луѓето можат да ја пренесат свеста во тело на Нави, што и е приказната во првиот филм, каде Аватарот на крај од филмот си останува во телото на Нави и живее среќно. Што се однесува до најновиот филм на оваа тема – тој не го доживеа посакуваниот успех кај гледачите. Да се надеваме дека играта нема да има сличен епилог. 

 

Star Wars Outlaws 

Најновиот Star Wars „spin-off“ е играта Star Wars Outlaws, во која што практично играте со женска верзија на ликот Хан Соло. Но всушност се работи за сосема друг лик во тој универзум – девојката со име Kay. Премисата е дека сте одметник во каубојски стил, крадец, но благороден крадец што секогаш е на страната на доброто. Играчот треба да ја заврши последната „работа“ од оваа категорија, со којашто би се збогатил засекогаш.

Во играта имате и милениче – вонземјанче со име Никс (Nyx), што е интелегентно и слатко, а Ви помага во мисиите – на пример, може да вклучува прекинувачи и да Ви носи предмети, да им одвлекува внимание на стражари…

Гејмплејот е интересен, особено возењето на пребрзи лебдечки мотори, при што може да планирате пукање со замрзнување на времето – многу слично како во игрите Fallout. Исто така, пукањето може да биде и со заземање засолниште и пукање од агол како во Мас Ефект игрите. А и има возење на вселенски бродови и водење битки со нив против други бродови, како во класичните „вселенски игри”, на пример познатата игра на Steam наречена Star Conflict, која што е поврзана и со Warthunder – најпознатата онлајн-игра со авиони.

Анимациите, односно синематиците, во играта се на многу импресивно ниво и на моменти делуваат како филм. Во последно време игрите Star Wars имаат голем успех, особено Star Wars Survivor, но сепак останува да видиме какво ќе биде најновото издание.

Мора да се напомене дека во играта сте шверцер и одметник и главното оружје Ви е бластер пиштол, а не светлосен меч. Ова е посебно добро освежување, а уште поголемо позитивно изненадување е тоа што има девојка-протагонист по име Kay – на женската популација гејмерки им требаат повеќе хероини во гејмингот покрај Лара Крофт и малкуте други.   

 

За игрите Assassin’s Creed ви презентираме две нови видеа, а веќе имаме постар напис за тоа како ќе се развива оваа франшиза во иднина, којшто е се уште валиден – може да го прочитате тука.

 

Assassin’s Creed Mirage

  

 

Assassin’s Creed Nexus VR 

 

Ако сакате да го видите комплетниот стрим на Ubisoft Forward 2023, погледнете ја презентацијата во целост: