Претставување на избор поезија од Стефан Марковски на книжевен фестивал во Полска

Избор поезија од современиот македонски поет, романсиер и драматург Стефан Марковски ќе биде претставен во рамки на фестивалот „Пронајдени во преводот“ во Гдањск, Полска.

Брзина на Сонот од Стефан Марковски (објавено со дозвола)

Избор поезија од современиот македонски поет, романсиер и драматург Стефан Марковски ќе биде претставен во рамки на фестивалот „Found in Translation“ (Пронајдени во преводот) во Гдањск, Полска. Изборот насловен Prędkość snuA Dream’s Pace – Брзина на сонот е објавен на полски, англиски и македонски јазик, а преводот на полски јазик е направен од Зофиа Дембовска.

Изборот на поезијата на Марковски ќе го промовира полската поетеса Хана Лозовска, а во рамки на истиот настан кој ќе се одржи на 21 април во 13 часот во Европскиот центар за солидарност во Гдањск ќе биде промовиран и избор поезија и од современата италијанска поетеса Лаура Капра.

Фестивалот Found in Translation е уникатен книжевен фестивал посветен пред сé на книжевно-преведувачката дејност. Годинава фестивалот ќе се одржи од 20 до 22 април. Наградата за превод „Тадеуш Бој-Желењски“ (Tadeusz Boy-Żeleński Translation Award) која во рамки на фестивалот ја доделува градоначалникот на Гдањск е важно признание за уметноста на литературниот превод и истата се доделува на секои две години на живи преведувачи од странска литература на полски јазик.

На овој фестивал учествувале некои од најреномираните светски автори и добитници на Нобеловата награда за литература, како Адам Загајевски, Олга Токарчук, Вислав Мишливски, Анджеј Стасјук и други.