Претседателот Џо Бајден го предлага Кристофер Хил за нов амбасадор на САД во Белград

Американскиот претседател Џо Бајден го номинираше долгогодишниот искусен дипломат Кристофер Хил за нов амбасадор на САД во Србија, пренесуваат светските медиуми. За да биде назначен за амбасадор, номинацијата на Хил треба да биде потврдена од американскиот Сенат.

Белградскиот дневен весник „Данас“ денеска пишува дека ваквиот потег на претседателот Бајден ќе значи отповикување на досегашниот американски амбасадор во Белград Ентони Годфри пред истекот на неговиот мандат. Овој српски медиум коментира дека новата администрација на Бајден со ваквиот потег се обидува да го засили влијанието на САД на Балканот, првенствено за да се оконча дијалогот меѓу Белград и Приштина.

Поранешниот амбасадор на САД во Белград во периодот од 2012 до 2016 година, Мајкл Кирби во интервју за Гласот на Америка на српски јазик вели дека номинацијата на Кристофер Хил за нов амбасадор ќе значи можност за Србија да го исполни ветеното. Тој во интервјуто додава дека Србија и Косово водат дијалог, но тој не се води само за да се разговара, туку и за дијалогот успешно да се заврши. Според негово мислење, крајниот цел од дијалогот е Србија во Европската Унија, како и независност на Косово.

Инаку, угледниот американски дипломат Кристофер Хил се пензионираше и се повлече од политиката во 2010 година откако беше амбасадор во Ирак. Претходно тој беше член на американскиот преговарачки тим на мировните преговори во Дејтон за завршување на војната во Босна и Херцеговина, беше амбасадор на САД во Македонија и Албанија, како и во Јужна Кореја, Ирак и Полска.