Дури шест подзаконски акти врз основ на кои се постапува денес во Македонија, а се однесуваат на квалитетот на амбиентниот воздух се напишани во 1976 година и се сосема застарени, нефункционални, ограничувајќи ги на тој начин инспекциските служби во нивното откривање и санкционирање на загадувачи на воздухот.

На сајтот на Министерството за животна средина и просторно планирање, во заглавјето Регулатива/Национално законодавство, во делот за квалитет на амбиентниот воздух, покрај Законот за квалитет на амбиентниот воздух се дадени и подзаконски акти, правилници, уредби и упатства, кои треба да овозможат примена на овој закон во делот на мерење, следење и утврдување на штетни материи, мониторинг на квалитетот на амбиентниот воздух, утврдување на максимално дозволени емисии, класификации на објекти и слично.

Дел од нив, поради својата застареност, поради тоа што се базирани на стандарди за мерење на квалитетот на воздухот и на емисиите на штетни супстанци од седумдесетите години на минатиот век, кои малку или воопшто не кореспондираат со поимите, стандардите, начините на мерења и другите елементи содржани во важечкиот Закон за квалитет на амбиентниот воздух донесен во 2012 година, ја прават примената на овој закон односно постапувањето по него, отежнат, а во некои случаи речиси невозможен. Дел, пак, од овие подзаконски акти, иако донесени во и по 2010 година, се повикуваат на стандарди од 70-тите, што, исто така, ги прави тешко применливи во постапките на инспекторите за животна средина.

Јавноста за прв пат се соочи со овој проблем откако во дел од медиумите беше објавено дека малите загадувачи, оние чии ложишта имат јачина до еден мегават, не можат да бидат санкционирани доколку загадуваат само поради тоа што инспекциските служби треба да постапуваат по важечкиот Правилник за граничните вредности за дозволените нивоа на емисии и видови на загадувачки супстанции во отпадните гасови и пареи кои ги емитираат стационарните извори во воздухот од 2010.

Овој правилник предвидува загадувањето од малите печки да се мери преку бојата на чадот, тнр.чаднокатрански број, кој во членот 4 се дефинира како „степен на црнина на површина на филтер харијата предизвикана од отпадни гасови и се изразува со помош на скала од 10 полиња (од 0 до 9) (Бахархова скала), со различен интензитет на, при што, се одредува степенот на скалата до која црнината е најблиска.

Со помош на чадниот број се оценува црнината на отпадните гасови од ложиштата при согорување на течните и гасовитите горивата“. Но, во истиот правилник, во членот 12 стои дека „ за ложишта со јачина до еден мегават се применуваат ограничувања за емисиите согласно стандардот МКС M.E6.110 – 1987 година, при што чаднокатранскиот број може да изнесува најмногу до број 30“. Збунувачки, во еден ист правилник, без никакво објаснување, има два различни начина за мерење на емисиите на чад од малите печки, од кои едниот е стар 32 години!

„Дајте ни алатки за да постапуваме против загадувачите!“, категоричен е Мирослав Богдановски, првиот човек на Градскиот инспекторат.

Тој додава дека за инспекторите за животна средина постапувањето по овој правилник е речиси невозможно бидејќи кога ќе се соочат со загадувач, каде евидентно има надминување на вредностите, врзани им се рацете да докажат дека има загадување и нивните решенија не поминуваат во управна постапка.

„Поднесовме иницијатива за измена на Правилникот и го притискаме Министерството за животна средина во најкус можен рок да ги направи промените“, вели Богдановски и најави формирање на заедничка работна група со Министерството за решавање на овој проблем.

„Мачно е кога ни се префрла дека не правиме доволно за борбата против загадувањето, а притоа ни се врзани раце со застарени или контрадикторни и нефункционални акти“, објаснува Богдановски.

Законот за квалитет на амбиентниот воздух, меѓу другото, за правни лица предвидува глоба од 8.000 до 20.000 евра доколку испуштат во амбиентниот воздух загадувачки супстанции над пропишаните гранични вредности за емисија.

Соочено со проблемот, Министерството за животна средина минатата недела издаде соопштение кое не ги објаснува туку уште повеќе ги заплеткува работите. Во него се вели дека во споменатиот правилник има гранични вредности и дека тие зависат од горивото кое се користи, а инспекторите ги упатува да постапуваат врз основ на Законот за управување со отпад.

„Мета“ во повеќе наврати се обиде да добие одговор од МЖСПП во врска со подзаконските акти кои ја уредуваат материјата на квалитетот на воздухот, но досега од министерот Садула Дураки, ниту од заменик-министерот Јани Макрадули, ниту пак од портпаролката на министерството, Беса Татеши ни беше упатувани одговори дека се презафатени.