Познати соговорниците на дебатата за млади „Има ли разбирачка со чет-ботови?“

Дебатата за млади „Има ли разбирачка со чет-ботови?“ ќе се одржи на 22 февруари (среда), со почеток од 18 часот, во Јавна соба во Скопје. Настанот е од отворен тип, а на него ќе говорат Тамара Димитрова – предавач на Brainster Next College, Петар Фидановски – советник за ИТ стандардизација во Министерството за информатичко општество и администрација, Нино Карас – извршен директор и ко-основач на CodeWell Group и CodeWell AI и Никола Велковски – ко-основач на Howitzer.

Чет-ботовите се компјутерски програми дизајнирани да симулираат разговор со друг човек на Интернет. Како такви, можат да бидат интегрирани на вебсајтови, платформи за пораки и мобилни апликации и да обезбедат брзи и автоматизирани услуги за клиентите, да извршуваат рутински задачи или едноставно да нудат информации и препораки.

Последните неколку години, а особено по лансирањето на „ChatGPT“, чет-ботовите станаа една од најдебатираните појави на современата технологија и феномен кој се очекува да го промени онлајн-искуството на луѓето, и можеби, Интернетот во целост.

На претстојната дебата во среда ќе одговориме на прашањата кои сите меѓусебно си ги поставуваме: Како функционираат чет-ботовите, од каде ги црпат информациите и како одлучуваат кој е вистинскиот одговор на нашето прашање? Каде овие јазични модели во моментов наоѓаат најголема примена? Кои прашања треба да знае еден чет-бот да ги одговори, а кои не? Каква примена би можеле да имаат чет-ботовите во јавниот сектор и во комуникацијата меѓу граѓаните и институциите? И можеби најважно, кои се етичките дилеми што ги отвора сè поголемата достапност на чет-ботовите? Што ни носи иднината и како ќе изгледа интернетот, пребарувањето и нашето секојдневие во онлајн свет во кој постојано би комуницирале со чет-ботови?

Настанот во среда е организиран од Фондацијата Метаморфозис во синергија со проектот „Зголемување на граѓанското учество во Дигиталната агенда – ICEDA“ кој е кофинансиран од Европската Унија, и проектот „Веродостојни вести за оспособена младина“ финансиран од Британската амбасада во Скопје.

Дебатата е од отворен тип и на истиот се очекува да присуствуваат млади лица. Сите заинтересирани страни се повикани да го пополнат формуларот за регистрација за настанот достапен на овој линк, а повеќе информации може да се најдат на Фејсбук.