Повторно поскапуваат меѓуградските билети, студентите изложени на поголеми трошоци

Растот на цената на горивата што настана откако Владата одлучи да не ги продолжи антикризните мерки, се одрази и врз меѓуградските автобуски билети од некои превозници на релацијата Тетово – Скопје, Гостивар – Тетово како и на Гостивар – Скопје.

Патниците кои патуваат од Тетово кон Скопје со автобускиот превозник Еуро турист – Гостивар од вчера наместо 160 денари, плаќаат за билетот 190 денари. Релацијата Гостивар – Скопје претходно чинеше 250 денари, а од денес чини 300 денари.

„Ние сме принудени да ги поскапиме билетите поради растот на цената на горивото, што изминативе денови поскапе за речиси 10 отсто“, велат за Мета.мк од Еуро Турист Гостивар.

Засега Еуро Турист е единствениот превозник што ги поскапе билетите, од Автобуската станица во Тетово велат дека сите превозници различно постапуваат во однос на цените на билетите.

„Како што се случи и претходно, приватните превозници сами одлучуваат кога и за колку да ги поскапат билетите за меѓуградските линии“, велат за Мета.мк од Автобуската станица Тетово.

Скокот на цените директно и негативно влијае врз финансиската состојба на студентите

„Сега цената на билет кон Скопје и назад изнесува дупло од пред првото поскапување, што значи ако некогаш одевме и се враќавме за 240 денари, од денес тоа чини 380 денари. Ова навистина не е фер кон студентите и сите што секојдневно патуваат до главниот град“, изјави студентка за Мета.мк.

Друга студентка вели дека иако сега се работи за само еден превозник, останатите ќе го следат неговиот пример.

„Мислам дека ако направам пресметка за парите што ги давам за превоз ќе можам да изнајмам стан и да се преселам во Скопје. Не знам што повеќе може да кажеме, ситуацијата излегува од контрола и нема да ме чуди ако и другите постапат исто“, рече таа.

Мета пишуваше и за претходното поскапување на на билетите за меѓуградските линии што се одрази врз студентскиот стандард на оние кои патуваа од внатрешноста до главниот град. За ова реагираа и од најголемата студентска организација, Универзитетското студентско собрание при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, но и покрај тоа меѓуградските автобуски билети постојано поскапуваат.

Скокнаа цените на меѓуградските билети, поскапувањето се одрази врз студентите