Скокнаа цените на меѓуградските билети, поскапувањето се одрази врз студентите

Автобуска станица во Тетово, фото: Мета.мк

Поскапувањето на меѓуградските билети на релациите од главниот град до другите градови во Македонија е забележано од страна на граѓаните во земјава. Билетот на релацијата Скопје – Куманово – Скопје што минатата година чинеше 100 денари, па потоа се покачи на 120, денес чини 150 денари.

Цената на билетите за релацијата Тетово – Скопје – Тетово се зголеми за 35 отсто, односно билет во еден правец сега чини 160 денари, наспроти претходната цена што беше 120 денари. Порастот на цената е во важност од вчера, кога сите приватни автобуски компании чии автобуси ја возат оваа релација преку писмено соопштение до автобуската станица во Тетово известија за својата одлука.

Граѓаните на Тетово со реакции за тоа што тие не биле никако известени за новата цена, што е за 40 денари повисока од денот кога претходно го купиле истиот билет.

Од автобуската станица во Тетово се со став дека тие немаат никаква врска со ова, затоа што како што велат, сите превозници ним им ги доставиле новите цени и тие само треба постапуваат според тоа, односно билетите да ги наплаќаат според новите цени.

„Поради приватни причини и без да го нарушуваме нашиот договор со компаниите не можеме да дадеме повеќе информации. Ние само ја спроведуваме нивната едногласна одлука за цената на билетот на релацијата Тетово-Скопје кој од вчера чини 160 денари“, изјави за Мета.мк директорот на автобуската станица во Тетово.

Мета.мк ја контактираше приватната автобуска компанија „Руле Турс“, чии автобуси ја возат истата релација каде се забележува промена во цената на патните билети, но и промена во цената за сите релации од Скопје до градовите Велес, Неготино, Кавадарци, Демир Капија, Богданци, Гевгелија, Дојран, Куманово и Гостивар.

„Цените на патните билети за меѓуградските линии се поскапени од 15.02.2022 година. Причини за поскапувањето се покаченото гориво, покачените резервни делови и покачената струја“, велат од компанијата „Руле турс“.

„Руле Турс“ нуди и месечен билет на релацијата Скопје-Тетово-Скопје што досега чинеше 3.500 денари.

„Цената на месечен билет на релација Скопје-Тетово-Скопје изнесува 4.000 денари со важност за тековниот месец и можност истиот да важи најкасно до 5-ти наредниот месец кога билетот треба да се продолжи. Цената на месечен билет е за 60 отсто поевтина од дневниот билет за сите денови во месецот и е за 45 отсто поевтин доколку се патува само во работните денови од месецот“, истакнуваат од превозната компанија.

На скокнувањето на цените реагираат и студенти кои се запишани на факултет на некој од универзитетите во главниот град. За нив, разликата меѓу старата и новата цена има влијание кон одвоениот буџет за секојдневните трошоци во текот на студиите.

„Кога и да одам на факултет ми треба и повратен билет, што значи дека 320 денари ме чини само превозот од Тетово до Скопје и назад. Каде се основните потреби како на пример храна или вода? Мислам дека ова е многу скапо, претходно повратен билет чинеше 240 денари и тоа беше прифатлива сума“, вели студентка од Тетово, која студира на Факултетот за електротехника и информациски технологии.

Моментално, сите студенти на овој факултет посетуваат онлајн настава, но полагањето на испитите и колоквиумите и одржувањто на вежбите се врши со физичко присуство.

„Доколку наставата започне да се одвива со физичко присуство тоа ќе значи дека пет денови во неделата ќе треба да патувам до Скопје и притоа секое одење ќе ме чини најмалку 500 денари. Часовите се долги, потребно ти е нешто за да се освежиш. Во просекво секое семејство во другите градови надвор од Скопје има барем еден студент. Не сите родители можат да им го овозможат тоа на своите деца. Се разбира дека ќе продолжам со студиите, но поради оваа ново-настаната разлика можеби ќе треба да се скрати од некои други работи кои досега биле подостапни за мене. Кога ќе размислам иако учиме во вакви услови, можеби ќе биде полесно за сите доколку наставата продолжи да се одвива на овој начин“, рече студентката.

Поскапувањето на цените на билетите го вршат самостојно приватните превозни компании, но истото негативно влијае врз јавниот интерес на граѓаните и загрозува одредени групи во општеството, како што се студентите.

Мета.мк претходно пишуваше за студентските организации кои во неколку наврати од Mинистерството за транспорт и врски бараа да се продолжи бесплатниот железнички транспорт кој студентите го уживаа секој четврток и секој втор викенд пред неговото укинување со почетокот на пандемијата. Тие сега бараат наместо секој четврток во месецот, истото да биде достапно секој викенд. На овој начин, државата ќе покаже дека се грижи за студентите кои се наоѓаат во незавидна финансиска состојба а ќе се стимулира и железничкиот транспорт во земјава.

Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски по презентирањрто на овој предлог од страна на Универзитетското студентско собрание на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во јули минатата година рече дека ќе го имаат во предвид при изготвувањето на буџетот за 2022 година. Досега, како што изјави претседателката на студентското собрание при УКИМ, Ева Цветковска се уште немаат добиено одговор за постигнување напредок во однос на предлогот.

По новонастанатата ситуација со поскапувањето на автобуските билети, еден начин да се подобри истата, би било повторното активирање на бесплатниот железнички транспорт за студентите кои патуваат од другите градови во главниот град.

 

Автор: Ангела Бошкоска