Фото: Порталб.мк

Аферата со издавање пасоши со лажен идентитет не влијае на визната либерализација, рече европратеникот Андреас Шидер, бидејќи државата презема мерки. Истото го мисли и Малинка Ристевска Јорданова од Институтот за европски политики, која вели дека сепак, овој скандал ќе има влијание врз проценката на безбедноста во текот на постапката за издавање патни исправи, пренесува Порталб.мк.

Европратеникот Андреас Шидер ја опиша аферата со издавање оригинални пасоши со лажни идентитети на регионални криминалци од службеници и контролори вработени во Министерството за внатрешни работи како скандалозна, но тоа според него, нема да се одрази негативно на безвизниот режим, бидејќи , како што вели, државата презеде акција.

„Ова прашање е поврзано со реформите кои се потребни за борба против корупцијата. Сериозно е кога има над 200 лажни пасоши наоколу. Во Северна Македонија има сериозна внатрешна дебата дали објавувањето го саботирало случајот. Ова треба да се дефинира во Северна Македонија. Но, она што е видливо е дека има активности против криминалот и корупцијата, но има и криминал, со што станува јасно дека земјата треба да преземе дополнителни мерки. Не очекувам никакво влијание врз европската интеграција“, изјави европратеникот Шидер и додаде дека не очекува овој скандал да има негативно влијание врз визниот режим за Северна Македонија со ЕУ.

Според Шидер, земјата покажа дека работите одат во вистински правец.

Осврнувајќи се на изјавата на европратеникот Шидер, Ристевска исто така рече дека факт е дека безбедноста при издавање лични документи е еден од условите за визна либерализација, меѓутоа, тоа не значи дека скандалот ќе има директно влијание врз визната либерализација, но дека ќе биде подигнат механизмот за издавање. Сепак, според неа, безбедноста при издавањето на овие документи веќе станува голем прашалник. Таа вели дека оваа акција, потенцира нешто друго важно, политичката волја за спротивставување на ваквите криминални дејства.

„Секако дека ќе има влијание врз проценката на безбедноста на постапката за издавање пасоши, па затоа мониторингот може да биде поригорозен. Од друга страна, фактот дека овој криминал е откриен ја покажува и политичката волја и капацитетот да се соочиме со овој вид тежок криминал“, изјави Ристевска за Порталб.мк.

Според неа, во овие моменти е важно понатамошното дејствување.

„Затоа, најважно е како да се постапи понатаму. Досието треба да се „исчисти“ на најпрофесионален можен начин. Сегашните партиски прекупувања го комплицираат овој процес“, вели Ристевска.

Од друга страна, известувачот за Северна Македонија во ЕП, Илхан Кучук рече дека Северна Македонија нема да биде санкционирана за овој случај, бидејќи како што рече, „европското разбирање е дека проблемите треба да ги решаваме заедно, да разговараме и да дадеме едни – други совети врз основа на искуствата.“

„Потребни се подлабоки реформи. Нема да ја санкционираме Северна Македонија, не сме диктатура, ние сме Унија заснована на вредности, затоа мора да ги рефлектираме европските вредности. Најновите случувања ќе се рефлектираат во досието на Комисијата и Европскиот парламент и сигурно ќе бидат следени со сигурност од двете институции “, рече Кучук.

Коментарите на европратениците доаѓаат откако македонската опозициска ВМРО-ДПМНЕ претходно предупреди дека издавањето 215 македонски пасоши со лажен идентитет на меѓународните шверцери на дрога може да создаде сериозни проблеми за земјата во врска со безвизниот режим кај земјите – членки на ЕУ. Од партијата сметаат дека доколку нема сериозна истрага од Интерпол и ЕУ за овој скандал, постои ризик безвизниот режим да биде ограничен или суспендиран.

Инаку, во акцијата од 6 април Министерството за внатрешни работи уапси 9 лица, додека едно е недостапно за полицијата.

Според Спасовски, овластени службени лица и контролори од административните служби на Министерството за внатрешни работи издавале патни исправи, злоупотребувајќи го идентитетот на граѓаните кои дотогаш немале македонски пасош. Така, вкупно 215 лица, од кои 214 се странски државјани, се здобиле со фалсификувани пасоши преку посредник надвор од МВР. Меѓу оние кои добиле македонски пасоши има и членови на меѓународни криминални групи и нарко – картели. Според информациите на Спасовски, цената на еден пасош одела и до 20.000 евра.

Министерството за внатрешни работи ја спроведе акцијата со поддршка на регионалната истражна канцеларија на Амбасадата на САД во Скопје и Интерпол.

Спасовски рече дека во координација со партнерите акцијата требало да се спроведе по неколку дена, но поради обидот на опозицијата да ја спречи, таа била спроведена на 6 април. Сепак, тој смета дека акцијата е успешна и тврди дека кругот во МВР, кој бил дел од оваа група, е затворен.