fbpx

Пописот остава простор за прекршување на Охридскиот договор и Уставот

-

Доколку при пописот на населението во 2020 година не се земе во предвид етничката припадност на населението, се ризикува пописот да пропадне како оној во 2011 година, а се отвора можноста во отсуство на официјални бројки да се играат игри со непроверени бројки, а со тоа би се нарушил принципот на Охридскиот рамковен договор (ОРД) и на Уставот на Македонија за правична застапеност, пишува „Порталб.мк“.

Експрертите ги повикуваат политичките партии да инсистираат на етничката и верската графа, бидејќи ако не се направи таква евиденција, тогаш ќе има последици како од уставно – правен аспект,  исто така и од општествен аспект.

– Албанските политички партии треба да инсистираат на етничката и верската графа во пописот, бидејќи пописот не е само едноставна статистичка операција, туку е и процес со правни, политички, научни, развојни, економски, културни и социјални импликации. Затоа, секое поинакво решение од ова, би претставувал ризик за неуспех на најавениот попис, како што овој процес пропадна  во 2011 година, бидејќи неговите податоци би биле нестабилни и недоверливи. Ова уште повеќе кога, од една страна, постојат уставни и законски вредности како и индивидуални и колективни права, чиешто функционирање и реализација тесно се поврзува со процентот на етничките заедници, а тоа се права како: јазикот, правична и соодветна застапеност итн., а од друга страна, Уставот на земјата во одредбата на членот 48 им гарантира правото на припадници на заедниците слободно да го изразуваат, негуваат и развиваат својот идентитет и нивните особености, при што Републиката на сите заедници им ја гарантира заштитата на етничкиот, културниот, јазичниот и верскиот идентитет – вели универзитетскиот професор по Уставно право, Јетон Шасивари.

Но, доколку немаме бројки за етничка припадност во државата, последиците ќе има и од социјален аспект, смета универзитетскиот професор и социолог Али Пајазити.

– Секако дека ќе има последици и од социјален карактер, бидејќи нашата земја, како последица на децениската дискриминација, избра шема на аритметизација или пропорционализација на секој институционален сегмент, што нам Албанците ex lege ни овозможува да се претставуваме онолку колку што сме, што истовремено и авансира но и ограничува (во иднина) ако имаме кадар над процентот што сме. Сега де-етнизацијата на пописот подразбира замаглување на застапеноста, бидејќи не се знае , кој колку е, и се врши многу опасна операција, иако имаме јасна дијагноза. Граѓанско општество може да се гради не со бришење на етничките бои, не со денационализација на граѓаните, туку со давање на еднакви можности – вели Пајазити.

За правичната и пропорционална застапеност на етничките заедници во институциите во земјата, треба да има официјални бројки, според кои би се  вршеле вработувањата. Но, овој закон нема да го обезбеди ова.

Иако надлежните тврдат дека за етничката припадност ќе дознаат со посредство на јазикот што го зборуваат, тоа не е доволно, бидејќи според Пајазити, социолошки апсурд е тоа да еден Албанец се квалификува како „лице кои говори aлбански“, а не Албанец.

– Социолошката апсурдност е тоа што се квалификувам како лице кое говори aлбански, а не Албанец. Во овој случај крајно се релативизира етничката припадност, и врз основа на јазиците испаѓа дека треба да се квалификувам како Англичанец, Босанец, Турчин … Лудило! Ако тоа се случи, ќе се навлезе во клопче и нема да може да се најде ни почеток ниту крај. Кому ќе се доделат правата предвидени за фамозните 20%? Ова е чекор кон градење на нова граѓанска нација, не постоечка, социјален експеримент кој отвора можност за игри со непроверени бројки и којшто го закопува ОРД  – вели Пајазити.

Недостатокот на официјални бројки на етничка припадност ќе создаде простор за кршење на принципот на Охридскиот рамковен договор за правично застапување и VI амандманот на Уставот, кој ги повикува на тоа дека сите етнички заедници треба да бидат еднакви во однос на застапеноста во сите нивоа во државата.

Според договорот, овој принцип ќе се применува особено во однос на вработувањата во јавната администрација и јавните претпријатија, како и во пристапот до јавното финансирање за развој на деловните активности.

„Законите со кои се регулираат вработувањата во јавната администрација ќе содржат мерки за да обезбедат правична застапеност на заедниците во сите централни и локални јавни органи и во сите нивоа на вработување во овие тела, истовремено почитувајќи ги правилата на компетентност и интегритет, со кој се управува јавната администрација “, се вели во Охридскиот договор.

Но, и Уставот на Македонија повикува на правична застапеност, односно во Амандманот VI се наведува дека на сите нивоа сите заедници треба да бидат застапени правично и подеднакво.

„Соодветна и правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници, во државните органи и други јавни институции на сите нивоа”, се вели во Амандманот VI на Уставот на Република Македонија.

За пописот планирано е да се потрошат 522.751.000 денари, или над 8,1 милиони евра.

Во оваа фаза, до 17-ти декември, секој има право да дава предлози и забелешки за нацрт-законот, што се наоѓа во системот ЕНЕР.

Потоа, нацрт-законот ќе треба да се достави до Владата за одобрување, а потоа доколку владата го одобри, истиот се поднесува во собраниска постапка.

Последниот попис на Македонија беше спроведен во 2002 година, додека во 2011 година започна, но не беше реализиран.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Повеќе од 30.000 починати во Газа, најголем дел се жени и деца

Повеќе од 30.000 Палестинци се убиени во Газа од 7 октомври до денес, според податоците на Министерството за здравство на Хамас, а најголем број од починатите се жени и...