Село Врапчиште во полошкиот регион | Фото: RašoAn / CC BY-SA Wikimedia Commons

Милион и триста илјади евра, најмногу за урбанистички планови, тротоари и за машини за одржување чистота, потрошил лани за јавни набавки Центарот за развој на полошкиот плански регион. Според податоците од Електронскиот систем за јавни набавки (ЕСЈН) на Бирото за јавни набавки, Центарот лани склучил 14 договори во вредност од околу 80 милиони денари или милион и триста илјади евра.

Околу 275.000 евра чинеле два договора за урбанистички планови за населени места во рурални средини, еден за општина Боговиње и еден за Врапчиште.

Втора вкупнo најскапа била набавката на машинерија за одржување на јавна чистота за општините Маврово-Ростуше, Боговиње и Гостивар. За два вакви договори Центарот за развој на полошкиот регион исплатил вкупно околу 250.000 евра.

Следни по вредност се договорите за изградба и реконструкција на тротоари. Договорот за изградба на тротоари на регионалниот пат Тетово-Јажинце, во делот кај селата Доброште и Одри, е склучен на околу 200.000 евра, а договорот за дел од патот Тетово-Требош бил пет илјади евра поевтин. Центарот лани потрошил уште 260.000 евра за патишта и улици во селата Церово, Симница, Јажинце и Милетино.

Околу 75.000 евра чинела набавката, поставувањето и опремувањето на ПИП Центар, извршена во рамки на проектот „Паметни инфо и промо центри“. Околу 65.000 евра вредел договорот за „набавка и поставување на ПИП Центар (Целосно опремен метален контејнер) и проектирање и надзор“, а десетина илјади вториот договор, за техничка опрема за ПИП центарот, со опис „компјутерска опрема и материјал“.

Остатокот од набавките што Центарот за развој на полошкиот плански регион ги извршил минатата година биле за адаптација или реконструкција на училници во рамки на проектот „Воспоставување на социјално претпријатие за одржлива неформална едукација во туризам“, финансиран од Швајцарската агенција за развој и соработка, за надзор над проекти и за телекомуникациски услуги.