Милионски тендери од општина Тетово за фирми на семејството Бајрами

Сите тие тендери се доделени врз основа на процедури утврдени со закон и мониторирани од Бирото за јавни набавки, доколку имаше нешто сомнително и обвинителството и Државниот завод за ревизија ќе беа пред вратите на општина Тетово, како што и се секој ден за други процедури, вели градоначалникот Касами

Фото: Порталб.мк

Од 2021 година до денес кај три тетовски фирми од мрежата  на семејството Бајрами завршиле милионски тендери од општина Тетово. Станува збор за две фирми основани непосредно пред локалните избори во 2021 година, „Еко-пеу“ и „Ереу-транс“ како и фирмата „Мујо-Бајрами“ основана во 2011 година. Според Електронскиот систем за јавни набавки овие фирми се добитнички на тендери исклучиво од општина Тетово. Вкупно вредноста на договорите на Општина Тетово со овие три фирми е над 182 милиони денари, или околу три милиони евра.

Порталб.мк  истражуваше колку и какви тендери добиле овие фирми од општина Тетово. На прашањето на Порталб.мк градоначалникот на општина Тетово ја отфрли можноста за злоупотреба, и го повика Обвинителството и Државниот завод за ревизија да спроведат истрага ако имаат сомнежи за овие тендери.

Друштвото за туризам, угостителство и услуги „Еко-Пеу ДООЕЛ Тетово“ според податоците кои Порталб.мк ги обезбеди од Централниот регистар на Република Северна Македонија, е основано на 10 мај 2021 година, и сопственичка е Хабибе Бајрами. Фирмата има само еден вработен. Но, и покрај ова, оваа фирма во 2023 година од општина Тетово добила девет тендери со милионски суми, а во 2024 година до сега оваа фирма повторно добила два тендери со милионски суми. Тендерите се од различни области и некои не се совпаѓаат со дејноста на фирмата. Вкупната сума од сите овие добиени тендери е над 65 милиони денари, или над 1 милион евра.

Порталб.мк направи преглед на тендерите добиени од оваа фирма.

На сличен начин, на 27 мај 2021 година, само 17 дена по основањето на „Еко-Пеу“ е основано Друштвото за градежништво, транспорт, трговија и услуги „Ереу-Транс“, само неколку месеци пред локалните избори. Сопственик на оваа фирма е Џарие Бајрами. И оваа фирма има само еден вработен. „Ереу-Транс“ во 2023 година има добиено три милионски тендери. Вкупната сума од сите овие добиени тендери е над 89 милиони денари, или над 1,4 милиони евра.

Во оваа мрежа на фирми по рано е основано само Друштвото за градежништво, транспорт, трговија и услуги „Мујо-Бајрами“, на 23 септември 2011 година, со сопственик Џемал Бајрами. Оваа фирма од општина Тетово има добиено еден тендер во 2021 година и три тендери во 2022 година во вредност од неколку милиони денари. Вкупната сума од овие четири тендери е над 27 милиони денари, или над 440 илјади евра.

Според Електронскиот систем за јавни набавки, трите горенаведени фирми не добиле тендери од никоја друга институција, туку исклучиво од општина Тетово.

Порталб.мк го праша градоначалникот на општина Тетово, Билал Касами, како им се доделени овие тендери на две нови фирми „Еко-пеу“ и „Ереу-транс“, кои имаат само по еден вработен, и имаат поинаква дејност од онаа за која ги добиле тендерите.

Касами демантираше каква било злоупотреба, притоа потенцирајќи дека сите постапки се направени според законите.

„Сите тие тендери се доделени врз основа на процедури утврдени со закон и мониторирани од Бирото за јавни набавки, доколку имаше нешто сомнително и обвинителството и Државниот завод за ревизија ќе беа пред вратите на општина Тетово, како што и се секој ден за други процедури. Ја користам оваа прилика да и пренесам и на Државниот завод за ревизија и на Обвинителството и на секој кој може да има сомнежи за злоупотреба, дека општина Тетово е отворена за соработка“, рече Касами.

Тој додаде дека не можат да фаворизираат еден инвеститор или друг изведувач на работите, многумина од нив може и да не му се допаќаат, но тој не е тој што одлучува.

„Значи, и во случајот што беше спомнат (во однос на прашањето) не е дека јас одредувам кој ќе добие еден или друг тендер, јас сум тој што ќе се погрижи работите што се преземаат да се завршат до крај, како што е и оваа работа (н.з. улицата Браќата Миладиновци) ја вршеше една таква фирма и имаше сомнежи дека нема да се изведе како што треба, но сведоци сме дека сите работи се направија како што треба. Значи, за мене е малку важно кој ќе ја добие работата, важно е работата да се спроведе до крај врз основа на договорот и стандардите и барањата од наша страна“, рече Касами.

Инаку, во оваа 2024 година, според Електронскиот систем за јавни набавки до сега се склучени само два договора со компанијата „Еко-пеу“.