Десетици илјади приврзаници на американскиот претседател Доналд Трамп се собраа денеска во Вашингтон во последен обид да обезбедат пресврт во резултатите од претседателските избори на кои победи Џо Бајден. Конгресот денеска водеше дебата по која требаше да ги потврди гласовите на електорите пред стапувањето на функцијата на Џо Бајден за нов претседател на САД.
Во критичните попладневни часови во Вашингтон, приврзаници на претседателот Трамп се судрија со полициските сили, ја пробија заштитната ограда и упаднаа во зградата на Конгресот. Седницата беше прекината, но последните информации од терен се дека гласовите на електорите од одржаните избори заедно со конгресмените се безбедно евакуирани. Според извештаите од лице место на светските медиуми, има повредени полицајци и барем еден тешко повреден протестант во судирите.
Поради упадот во Конгресот, градоначалникот на Вашингтон Мјуриел Боусер одлучи да прогласи полициски час во американскиот главен град, кој почнува на полноќ по средноевропско време и ќе трае до претстојното утро. Во меѓувреме, претседателката на Претставничкиот дом Ненси Пелоси побараа од Националната гарда да ја исчисти зградата од демонстрантите, кои се влезени и во салата на американскиот Сенат. Портпаролката на Белата куќа изјави дека Националната гарда е повикана да интервенира.
Инаку, претседателот во заминување Доналд Трамп по упадот во зградата на Конгресот им се обрати на приврзаниците на Твитер со зборовите: Знам дека сте повредени. Имавме избори кои ни се украдени. И сите го знаат тоа. Особено другата страна, но сега морате да одите дома. Мораме да имаме мир. Мораме да имаме ред и закон. Не сакаме никој да биде повреден. Ова е тежок период.
Новоизбраниот претседател на САД, Џо Бајден по немилите настани во Вашингтон изјави дека американската демократија се наоѓа пред напад што не е забележан и виден во модерното време. Тој изјави дека хаосот во Вашингтон е изведен од мал број на екстремисти, но тој мора сега да заврши. Тој го повика Доналд Трамп да се обрати на телевизија и да го одбрани Уставот, а опсадата на Конгресот да се заврши.
Невидените настани во Вашингтон предизвикаа реакции на меѓународната јавност. Британскиот премиер Борис Џонсон на „Твитер“ напиша дека во моментов е клучно да има мирен и законски трансфер на власта во САД. Неговиот колега од Канада, Џастин Трудо изјави дека ја следат ситуацијата „од минута во минута“. Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг ги осуди настаните во Вашингтон, оквалификувајќи ги како шокантни сцени.
„Исходот демократските избори мора да се почитува“, напиша генералниот секретар на НАТО на „Твитер“.