Поетско-музичкиот електронски акт „Поетроника“ утре во МНТ

Публиката ќе има можност да проследи речиси двочасовен перформанс на Митковски и Салпе, во кој на динамичен начин успеваат да ја реинвентираат и осовременат македонската уметничка форма

Андреја Салпе и Оливер Митковски / фото: Македонски народен театар (МНТ)

Утревечер, по втор пат во живо во Македонскиот народен театар (МНТ) ќе биде изведен поетско-музичкиот проект „Поетроника“ на двајцата современи уметници Оливер Митковски и Андреја Салпе.

Настанот ќе се случува на малата сцена во МНТ со почеток во 20 часот.

Публиката ќе има можност да проследи речиси двочасовен перформанс на Митковски и Салпе, во кој на динамичен начин успеваат да ја реинвентираат и осовременат македонската уметничка форма и да фрлат ново светло на македонскиот пишан збор, адаптирајќи го на современото време и потенцијално приближувајќи го до нова и млада генерација.

Во низата музичко-поетски делници, Салпе и Митковски успеваат да реактуализираат дел од македонските поетски великани, меѓу кои Ацо Караманов, Гого Ивановски, Славко Јаневски и Игор Исаковски.

„’Необичниот живот на Наташа Целакоска’ е необична, интересна и речиси непозната песна од Горан Петревски (професор на Економски факултет по Монетарна политика), која токму поради ингениозниот контекст звучи како вистинско мало ремек-дело. Здравиот контекст на ‘Поетроника’ открива нови аспекти на стиховите од авторите Владимир Лукаш, Оливера Ќорвезироска и Ѓоко Здравески, кои припаѓаат на актуелната генерација, а прекрасно успева да блесне и ‘Осаменост’ на подзаборавената и трагично починатата поетеса Радмила Трифуновска“, соопштија од МНТ.

Инаку, овој автентичен и домашен уметнички продукт ќе биде издаден за дискографската куќа ПМГ Џез.