fbpx

Почна постапката за екстрадиција на Љупчо Палевски од Турција во Македонија

Првично, треба да се примат сите списи од надлежните истражни органи, потоа да се изготви барањето за екстрадиција, сите документи треба да се преведат на турски јазик и потоа барањето да се испрати преку ДХЛ пошта, со потпис на министерот за правда Кренар Лога

-

Министерството за правда од надлежните турски власти побарало Љупчо Палевски Палчо, првоосомничен за убиствата на 14-годишната Вања Ѓорчевска и 74-годишниот Панче Жежовски, кој беше фатен во Турција, да биде задржан во притвор поради екстрадиција сè до завршувањето на постапката.

„Очекуваме од Република Турција веднаш да постапи по нашето барање“, велат од Министерството за правда.

Утринава во 09:20 часот Министерството добило официјално известување од Интерпол дека лицето Љупчо Палевски, баран со меѓународна потерница е лишен од слобода во Турција.

„Министерството за правда ја отпочна постапката за екстрадиција и ги прибира сите документи од институциите кои се потребни за нејзина реалзиација. Направени се контакти со ЈОРСМ и ОЈО Скопје за да се комплетираат уредно списите како би можело Министерството за правда да постапува. Во координација сме со сите засегнати институции за да постапиме веднаш и нема да чекаме да измине рокот од 40 дена за да го доставиме барањето за екстрадиција“, известува Министерството.

Првично, треба да се примат сите списи од надлежните истражни органи, потоа да се изготви барањето за екстрадиција, сите документи треба да се преведат на турски јазик и потоа барањето да се испрати преку ДХЛ пошта.

Министерот за правда, или лице овластено од него, го потпишува барањето за екстрадиција и го испраќа до централниот орган, односно до турското Министерство за правда.

„По завршување на постапката пред странската држава се договара превземање на лицето преку Министерствата за внатрешни работи (канцелариите на Интерпол)“, велат од Министерството и замолуваат да не се шират дезинформации за случајот со двојното убиство.

Oд Основното јавно обвинителство Скопје известија дека го изготвиле Барањето за екстрадиција од Република Турција на лице осомничено за две кривични дела – Грабнување од член 141 од Кривичниот законик, како и две убиства на свиреп начин (едно на малолетно лице и едно од користољубие) заедно казниви по член 123 став 3 од Кривичниот законик. Јавниот обвинител побарал од надлежните власти во Република Турција екстрадиција на лицето за кое е распишана меѓународна потерница, а од ИНТЕРПОЛ, Анкара е добиена информација дека на 05.12.2023 година е уапсен во Република Турција.

„Во прилог на барањето за екстрадиција до турските власти ќе биде доставена комплетната потребна документација – наредбата за истражна постапка против осомничениот, решението со кое од Основниот кривичен суд Скопје му е определен бранител по службена должност и му е одреден притвор, како и наредбата за издавање меѓународна потерница. На турските власти ќе им бидат посочени и применетите одредби од Кривичниот законик во кои е содржан законскиот назив и обележјата на кривичното дело за кое се води истрагата и други релевантни одредби од македонското законодавство“, велат од обвинителството, додавајќи дека сето ова е предадено во Министерството за правда.

Љупчо Палевски Палчо беше фатен вчера во Турција, во Беликесир, на 200 километри од Истанбул. Тој, три дена по убиството на Вања, на 30 ноември, заминува за Белград, а наредниот ден, го презема скопјанец со џип „Ренџ ровер“ и преку граничниот премин „Градина“ влегува во Бугарија. Тој имал транспорт низ територијата на Бугарија и влегува во Турција. Лицето што го превезувало, вчера беше приведено и одреден му е притвор од 48 часа. Станува збор за 46-годишен скопјанец, кој се поврзува со партијата „Десна“, чиј лидер е Палевски, а и самиот на социјалните мрежи има објавено фотографија од неговиот пат во Турција.

Вчера беше поднесена кривичната пријава, а во 30-дневен притвор за случајот се четири лица. Љупчо Палевски Палчо е осомничен за убиство и грабнување. Влатко Кешишов, Велибор Маневски и Боре Видевски се осомничени за грабнување од член 141 од Кривичниот законик, како и две убиства на свиреп начин (едно на малолетно лице и едно од користољубие), додека таткото на Вања, Александар Ѓорчевски се сомничи дека им помогнал при извршување на кривичното дело – грабнување на малолетно лице.

Министерот Спасовски рече дека пронајдени се два пиштола кои треба да се вештачат, како и телефонот на 14-годишната Вања.

Според обвинителството, на 22 ноември, четворица од осомничените, го грабнале 74-годишниот Жежовски од Велес со намера да го присилат да го даде неговиот автомобил Цитроен за тие да го искористат за грабнување на 14-годишната Вања. Откако влегле во неговиот дом, физички го нападнале, го врзале и со автомобил го однеле во близина на селото Рудник, каде го убиле со пиштол.

Пет дена подоцна, според обвинителството, четворицата, а помогнати од петтиот (н.з. Александар Ѓорчевски), извршиле грабнување на 14-годишната Вања, со намера да присилат член на нејзиното потесно семејство (н.з. мајката) да даде пари за откуп на детето. За да биде киднапирана Вања, бил искористен одземениот автомобил.

„Подоцна на свиреп начин и со умисла ја лишиле од живот жртвата, а со претходно купен бензин го запалиле автомобилот Цитроен“, се вели во соопштението на обвинителството.

Таткото на Вања пред надлежните истражни органи негирал вмешаност во убиството на неговата ќерка.

Спасовски: Монструмот е фатен, Љупчо Палевски уапсен во Турција

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Патот до слободниот пристап до информации поплочен со тужби, нетранспарентност и молк од администрацијата

Колкава плата зема одреден министер, директор, функционер? Колку пари потрошиле пратениците за патни трошоци? Колку судски пресуди се донесени за семејно насилство? Колку чинело новогодишното украсување за секој град...