fbpx

Спасовски: Монструмот е фатен, Љупчо Палевски уапсен во Турција

Во повеќе наврати во своето обраќање, министерот Спасовски го карактеризираше Палевски како „монструм“, а сите петмина осомничени како „,малоумни, монструми, луѓе кои не можат да се наречат луѓе“

-

На 30 ноември, три дена по убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје, која е грабната од нејзиниот влез кога тргнува на училиште од скопско Дебар Маало и една недела по убиството на 74-годишниот Панче Жежовски од Велес, осомничениот за убиствата, Љупчо Палевски Палчо тргнува за Србија. Го вози неговиот адвокат, на кој Палевски му кажува дека треба да го носи на лекарски преглед во Белград.

Во Белград, Палевски бил оставен во хотел.

Наредниот ден, го презема друго лице од Скопје со џип „Ренџ ровер“ и преку граничниот премин „Градина“ влегува во Бугарија. Тој има транспорт низ територијата на Бугарија и влегува во Турција. Лицето што го превезувало, денеска беше приведено и одреден му е притвор од 48 часа. Станува збор за 46-годишен скопјанец, кој се поврзува со партијата „Десна“, чиј лидер е Палевски.

Министерот Спасовски покажува фотографија од уапсениот Палевски во Турција / Фото: Видео принтскрин

Во Турција оди во градот Беликесир, по што македонските служби стапуваат во контакт со турската полиција. Со помош на оперативен извор, за многу кратко време македонската полиција добива повратен одговор дека Палевски е во Беликесир и дека сака да замине во Истанбул. Тој се подготвува за Истанбул, најмува такси, но со намера да ги залаже органите на прогонот, се враќа назад за Беликесир, каде што е и уапсен, додека се движел пеш по еден од автопатите.

Сето ова вечерва го соопшти министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, а во врска со еден од најбизарните настани во поновата македонска историја, кога две лица, од кое едно е малолетно девојче, беа убиени за само 12 дена. Во повеќе наврати во своето обраќање, Спасовски го карактеризираше Палевски како „монструм“, а сите петмина осомничени како „,малоумни, монструми, луѓе кои не можат да се наречат луѓе“.

Беликесир, Турција, местото каде што Палевски се криел по двете убиства / Принтскрин, Гугл мапс

„Тоа беше последната алка од овој чин за да кажам дека сме завршиле сè, да ги разобличиме овие монструми за ова двојно свирепо убиство кое нè потресе сите, од најмладо до најстаро. Случајот е сега во рацете на Јавното обвинителство“, рече Спасовски, заблагодарувајќи се на пријателските држави Турција, Србија, Бугарија и до министрите за внатрешни работи од овие држави, а и на Хрватска, која самоиницијативно извршила проверки на нејзина територија за тоа дали Палевски можеби се крие таму.

Две жртви, пет осомничени, два пиштола и запален „Цитроен“

Кривичната пријава која вечерва МВР ја доставило до ОЈО била напишана на повеќе од 100 страници. Сите докази се предадени на обвинителството.

Љупчо Палевски Палчо е осомничен за убиство и грабнување. Влатко Кешишов, Велибор Маневски и Боре Видевски се осомничени за грабнување од член 141 од Кривичниот законик, како и две убиства на свиреп начин (едно на малолетно лице и едно од користољубие), додека таткото на Вања, Александар Ѓорчевски се сомничи дека им помогнал при извршување на кривичното дело – грабнување на малолетно лице.

За сите четворица, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка вечерва достави предлог за определување мерка притвор. Ним им беше определен 48-часовен притвор, бидејќи стануваше збор за предистрага, а вечерва судија на претходна постапка им одредил притвор од 30 дена, откако и официјално беше отворена истрагата.

Според обвинителството, на 22 ноември, четворица од осомничените, го грабнале 74-годишниот Жежовски од Велес со намера да го присилат да го даде неговиот автомобил Цитроен за тие да го искористат за грабнување на 14-годишната Вања. Откако влегле во неговиот дом, физички го нападнале, го врзале и со автомобил го однеле во близина на селото Рудник, каде го убиле со пиштол.

Пет дена подоцна, според обвинителството, четворицата, а помогнати од петтиот (н.з. Александар Ѓорчевски), извршиле грабнување на 14-годишната Вања, со намера да присилат член на нејзиното потесно семејство (н.з. мајката) да даде пари за откуп на детето. За да биде киднапирана Вања, бил искористен одземениот автомобил.

„Подоцна на свиреп начин и со умисла ја лишиле од живот жртвата, а со претходно купен бензин го запалиле автомобилот Цитроен“, се вели во соопштението на обвинителството.

Запалениот автомобил во селото Бразда / Фото: Мета.мк

Таткото на Вања се сомничи дека на останатите им дал информации во кое време Вања ќе излезе за на училиште и дека токму дента ќе биде сама, односно без нејзината сестра, која го губела првиот час.

Министерот Спасовски рече дека смртта на Вања настанала поради прострелна рана, а запленети се два пиштола, кои допрва треба да бидат предмет на вештачење.

Љупчо Палевски и останатите тројца осомничени се членови на партијата „Десна“. Палевски и досега бил пријавуван за извршени кривични дела, а со својот проруски наратив, често користејќи и говор на омраза, важеше за контроверзна личност во македонската јавност.

„Вакво криминално гнездо мора да се разбие до крај. Tаа партија мора да биде дерегистрирана и да се обвини за странско влијание“, рече министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

На прашањето за какво странско влијание, Спасовски одговори со прашање: „Не знаеме какви ставови застапуваа лицето и неговата партија? Не знаеме дека директно се спротивставија на напредокот на државата, се спротивставија на НАТО?!“.

Четворицата осомничени вечерва од истражниот затвор во Шутка беа однесени во Основниот кривичен суд во Скопје, каде што им беше одреден притвор од 30 дена.

За екстрадицијата на Палевски од Турција во Македонија, сега надлежно е Министерството за правда.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Дебар Маало го прослави роденденот на Горан Стефановски

Во чест на роденденот најпознатиот македонски драматург, во Дебар Маало денеска повторно се слушаше гласот на Горан Стефановски преку неговите аудио драми кои ги пушташе платформата „Самоглас“. На настанот организиран...