fbpx

Почина актерката Катина Иванова

„Беше мајстор на сценска интерпретација, со истакнат сценски говор и посебно специфичен и топол сензибилитет. Катина беше насмеана и префинета личност, постојан следач на претставите, поддржувач на актерите, извонреден пријател и човек“, напишаа од МНТ за актерката

-

Почина актерката Катина Иванова. Веста за смртта ја објави Македонскиот народен театар (МНТ) на својот профил на Фејсбук. Иванова повеќе од четири децении беше дел од МНТ.

„Беше мајстор на сценска интерпретација, со истакнат сценски говор, и посебно специфичен и топол сензибилитет. Катина беше насмеана и префинета личност, постојан следач на претставите, поддржувач на актерите, извонреден пријател и човек“, напишаа од МНТ за актерката.

Таа дипломирала на отсекот за драмски актери на Вишата музичка школа при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје во 1978 година. На сцената на МНТ дебитирала уште како студентка во претставите „Соблазна во Шентфлоријанската долина“ и „Славата и смртта на Хоакин Муриета“ (двете во 1976).

По дипломирањето, односно од 1979 г., член е на ансамблот на МНТ, каде остварува бројни доминантни улоги во над 45 претстави меѓу кои: Канигунда во „Кандид“ (1980), Дена во „Кршалнига“ (1983), Амелија во „Погрижи се за Амелија“ (1984), Сузана во „Слободни врски“ (1984), Маријана во „Тартиф“ (1986), Мајката на младоженецот во „Малограѓанска свадба“ (1986), Соња во „Црна дупка“ (1988), Арсиное во „Мизантроп“ (1989), Тамарочка во „Валпургиска ноќ или Чекорите на командорот“ (1990), Клер во „Слугинки“ (1993), Ирина во „Лепа Ангелина“ (1995), Гатачката во „Едмонд“ (1997), Катерина Када во „Немушт јазик“ (2000), Македонка во „Балканот не е мртов“ (2001).

Исто така, таа е и госпоѓа Робинсон во „Дипломец“ (2004), Пациент во „Мара/Сад“ (2008), Сопругата во монодрамата „Сребрена свадба“ (2010), Варвара Петровна Ставрогина во „Бесови“ (2011), Ноќта во „Сината птица“ (2014), Прасковја Фјодоровна во „Мајсторот и Маргарита“ (2015), како и последните улоги во „Разговори во четири очи“ (2015), Сесили Робсон во „Квартет“ (2016) и Госпоѓа Пернел во „Тартиф“ (2016). Со подеднаква професионална љубопитност и страст настапува и на сцената на други театри низ Македонија, како и во проекти на независни театарски трупи.

Снимила десетина филмови и ТВ серии докажувајќи се како актерка со исклучителен креативен потенцијал меѓу кои се: „Оловна бригада“ (1980), „Хај-фај“ (1987), „Светло сиво“ (1993), „Ангели на отпад“ (1995), „Џипси меџик“ (1997), „Одмазда“ (2001), „Држава на мртвите“ (2002), „Наше маало“ (1999-2004) и „Бунило“ (2009).

За своите актерски остварувања, добитник е на Награда за најдобро театарско остварување на Фестивалот „Tеатарски празници“ (Благоевград, Бугарија) за улогата на Мег во претставата „Роденден“ и Наградата на ревијата „Екран“ за улогата на Ревзија во филмот „Џипси меџик“ (1997).

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Дебар Маало го прослави роденденот на Горан Стефановски

Во чест на роденденот најпознатиот македонски драматург, во Дебар Маало денеска повторно се слушаше гласот на Горан Стефановски преку неговите аудио драми кои ги пушташе платформата „Самоглас“. На настанот организиран...