Почина актерот Трајче Ѓоргиев

Фото: МНТ

Македонскиот народен театар (МНТ) соопшти дека починал актерот Трајче Ѓоргиев (роден 1967 година).

Ѓоргиев дипломирал на Факултетот за драмски уметности во Скопје, на отсекот за актерска игра, во класата на професорот Љубиша Георгиевски, во 1991 година.

Дел е од МНТ повеќе од триесет години – започнувајќи од првата улога како Акаст во „Мизантроп“ (1989), преку вработувањето во 1998 година, до големиот број на оддиграни улоги. Во 2005 година ја режира и игра во петте пантомими за една глумечка претстава „Човекот” од Марсел Марсо и со неа се стекнува со титулата магистер по пантомима, на Академијата за театар и филм „НАТФИЗ” во Софија, Бугарија. Дел е и од „Театар за пантомима“, летна школа на Кенјон колеџ, Гамбир, Охајо, 2008 г., а посетува и едногодишни специјалистички студии по пантомима во класата на проф. д-р Александар Илиев, на „НАТФИЗ“, 2005 – 2006 г.

Основач е и главен двигател на ПАНФИЗ, меѓународниот фестивал за пантомима и физички театар, фестивал кој 16 години опстојува, ја анимира публиката, го поддржува и оддржува овој жанр во театарската уметност и ги донесе кај нас некои од најдобрите светски пантомимичари.

За својата долгогодишна и исполнета кариера добитник е на Гран при за најдобра претстава и најдобра режија на ДАФ, Кочани за претставата „Кралот Иби“ во 1991 г., Гран при на ДАФ, Кочани, за претставите „Настојник“ во 1996 г., „Домот на Бернарда Алба“ во 1998 г., „Јане Задрогаз“ во 1999 г. и „Најкратки драми на светот“ во 2003 г. Во 2006 година е добитник на две големи награди за претставата „Човекот“ – награда за најдобра сценска игра на фестивалот „Златен рис“ во Бања Лука и наградата на директорите на фестивалот на Меѓународниот фестивал во Габрово, Бугарија.

Денот и времето за погребот и комеморација ќе бидат дополнително објавени.