По шест месеци, пратениците го усвоија задолжувањето кај ЕБОР за изградба на регионалните депонии

Депонијата „Русино“, првата фотографија направена од Мета.мк во октомври лани, а втората направена од МЖССП на 1 ноември годинава

Речиси шест месеци откако Владата на РСМ го испрати до Собранието предложениот закон за задолжување на земјава кај Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), пратениците денеска го усвоија законското решение со кое ќе се обезбеди кредит од 55,3 милиони евра за изградбата на регионалните депонии за пет плански региони.

Од Министерството за животна средина и просторно планирање информираат дека Собранието на денешната 73. Седница го усвоила предложениот закон, по кој треба да следи потпишување на договорот со ЕБОР за финансирање на регионалниот проект за цврст отпад. Со овој капитален зафат, за прв пат од осамостојувањето на Македонија ќе се инвестира во изградба на три регионални депонии по европски стандарди, односно за воспоставување на регионален систем за управување со отпад во Југоисточен, Вардарски, Пелагониски, Југозападен и Полошки плански регион.

„Во рамките на реализација на проектот предвидено е изградба на алтернативен пат за сите регионални санитарни депонии. Очекуваме поради исклучителната важност на проектот за регионот, одобрување на дополнителни грант средства од европски фондови преку Рамката за инвестиции за Западен Балкан (WBIF), а исто така, со завршувањето на првата фаза со имплементација на брзите мерки во Русино исполнет е предусловот за дополнителни 9 милиони швајцарски франци грант од швајцарска влада“, информираат од Министерството за животна средина и просторно планирање.

Инаку, Мета.мк веќе две години наназад пишува околу проблемот со бавната реализација на регионалните системи за управување со отпад во земјава, кои се одложуваат со години наназад. Во соработка со Порталб.мк, минатиот месец ги прашавме и општините каде треба да се градат трите регионални депонии со средствата од ЕБОР (Новаци, Гостивар и Василево) околу нивната истрајност за да ги реализираат овие проекти.

Општините спас од ѓубрето гледаат во изведбата на современите регионални депонии

Градоначалникот на Василево, Славе Андонов за Мета.мк изјави дека Општина Василево е согласна за изградба на современа регионална депонија на нивна територија, но и дека соработката со државната власт е многу бавна.

Од Општина Василево појаснуваат дека нивен главен предуслов за реализацијата на проектот е да нема загадување на животната средина, а депонијата за Југоисточниот и Вардарскиот плански регион да биде изградена по најсовремени еколошки стандарди.

Градоначалникот на Општина Новаци, Стевче Стевановски за Мета.мк појаснува дека во јули 2017 година жителите од оваа локална самоуправа биле прашани на јавна расправа и дале зелено светло за изградба на регионалната депонија на нивна територија. Негова забелешка е дека предвидените средства за изградба на регионалната депонија не би биле доволни, а главното барање на Општина Новаци од кое нема да отстапат е да се изгради нова сообраќајна делница која што од клучката кај Крклино на влезот во Битола ќе води директно до новата регионална депонија.

Со најрезервиран став се од Општина Гостивар, каде што и во моментов се наоѓа регионалната депонија „Русино“ за Полошкиот плански регион. Во изјава за Порталб.мк, тие велат дека немаат доволно информации во однос на средствата што ќе бидат обезбедени преку кредитот од ЕБОР за идната регионална депонија.

„За заемот од Европска банка за обнова и развој знае само владатаопштините и ЈП „Русино“ не се информирани, динамиката не зависи од нас, да се надеваме дека постапките ќе течат брзо и да отпочнат изведбените работи на терен“, велат од Општина Гостивар, дополнувајќи оти се надеваат дека „Русино“ ќе постане санитарна депонија по сите стандарди, но и дека ќе се користи само во период од пет години, по што ќе се затвори со сите прописи.

Цели 17 години се чека на изградба на регионалните депонии, ЕУ бара акција од властите