Претседателот на државата се огласи со став во врска со судскиот спор на ИРЛ, повикувајќи на почитување на основните темели на демократијата. Претседателот Стево Пендаровски повикува на почитување на слободата на говорот и на почитување на институцијата „саморегулација на медиумите“.
„Слободата на медиумите е директно поврзана со степенот на демократијата во едно општество и со заштитата на јавниот интерес. Новинарството е слободна професија и како таква е потребно да подлежи на принципот на саморегулација од страна на медиумските тела и организации. Јавноста има право да биде навремено и точно информирана за сите важни прашања во едно општество кои се однесуваат на јавниот интерес“, се нагласува во обраќањето
Шефот на државата бара и судскиот систем да не го заборава јавниот интерес.
„ Граѓаните, исто така, имаат право да очекуваат судиите кога пресудуваат да ја почитуваат слободата на изразување, правото на граѓаните да бидат информирани за теми од јавен интерес и да му дадат приоритет на јавниот интерес наспроти поединечниот интерес особено кога се работи за прашања кои го засегаат големото мнозинство од општеството. Во таков случај, во јавен интерес е јавноста да биде запознаена со релевантни факти од значење за тие прашања“, се вели во соопштението.
На крајот, ставот на претседателот Пендаровски е дека мора да се престане со дискредитација на новинарите, односно борба против нив и медиумите.
„Етикетирање, дискредитација и обиди за регулирање на новинари и медиуми имаше и во минатото и сведоци сме дека таквите процеси не доведоа до демократски развој. Како држава која се определила за членство во ЕУ и споделување на европските вредности за демократија, транспарентност и одговорност, потребно е да ги почитуваме и спроведуваме меѓународните стандарди за медиумски слободи“, се порачува во соопштението од Кабинетот на претседателот.