Пендаровски: С. Македонија е подготвена да придонесе Европа да стане првиот јаглеродно-неутрален континент до 2050 година

Foto> kabinet na pretsedatelot

С. Македонија, поддржувајќи го Европскиот зелен договор, е подготвена со својот удел да придонесе Европа да стане првиот јаглеродно-неутрален континент до 2050 година, порача претседателот Стево Пендаровски, во своето обраќање на пленарната сесија на отворањето на Светскиот лидерски самит во рамките на Конференцијата за климатски промени на Обединетите Нации (COP26) што се одржува во Глазгов.

Пендаровски пред светските лидери ги истакна заложбите и амбициозните цели на земјата до 2030 година да ги намали емисиите на стакленички гасови за 51 отсто, во споредба со нивоата од 1990 година, или 82 отсто во нето емисии во споредба со истата година која е земена како појдовна основа. За тоа, посочи Пендаровски, осмислени се 63 политики и мерки за ублажување кои се родово одговорни и поврзани со 15 цели за одржлив развој.

„Научниците велат дека можеби останува само уште една деценија за светот да ги преосмисли фундаментално своите развојни парадигми, да ги промениме нашите животни навики и да ги закрепнеме нашите економии на цврсти и одржливи основи. Ако ги игнорираме ваквите загрижувачки трендови, следат катастрофални последици за животната средина, здравјето, безбедноста на храната и водата, односно за целокупната  безбедност и развој на луѓето“, рече Пендаровски, нагласувајќи дека тоа што беше ветено во Париз, мора да се испорача тука, во Глазгов.

С. Македонија, посочи, како земја-кандидат за членство во ЕУ подготвена да започне преговори, веќе го транспонира европското законодавство за климатски промени во своето национално законодавство. Целите на долгорочната стратегија за климатски акции се да се трансформира земјата во економија со ниска емисија на јаглерод, зајакнувајќи ја конкурентноста и промовирајќи социјална кохезија. Вклученоста на целото општество ќе помогне во справувањето со невработеноста преку создавање еколошки работни места, намалување на загадувањето со обновливи извори и развој на одржливи навики преку образование. Осмислена е транспарентна, координирана и сеопфатна климатска акција во партнерство со науката, бизнисите, граѓанското општество и младите. Сосема сме свесни, смета Пендаровски, дека меѓународното финансирање ќе зависи од ефективното, функционално и правично управување на национално и на меѓународно ниво.

„Овие обврски ги презедовме наспроти неколкуте структурни предизвици по нашиот национален економски раст, влошени од разорните ефекти на КОВИД-19, бидејќи цврсто веруваме дека единственото одржливо закрепнување од пандемијата е еколошкото закрепнување. Ако држава со БДП по глава на жител под 6.000 американски долари е целосно посветена на остварување на овие амбициозни ветувања, тогаш секоја држава во светот може да го стори тоа“, порача Пендаровски на Светскиот лидерски самит во Глазгов.