Патувачкото кино на „Македокс“ почнува на 25 јуни, носи документарци во осум места на Истокот

Патувачкото кино на „Македокс“ на 25 јуни ја започнува серијата на проекции на документарни филмови низ осум населени места во источниот дел на земјава. Магаренцето на „Македокс“ на 25 јуни ќе гостува во Кратово, а проекцијата на документарците ќе започне од 21 часот. Еден ден подоцна, на 26 јуни ќе бидат прикажани документарни филмови во селото Шлегово.

Проекциите на „Македокс“ ќе продолжат на 2 и 3 јули во Штип, на 9 јули во кочанско Оризари, а еден ден подоцна (10 јули) во Кочани. Гостувањата со документарци во Виница и Пекљани се закажани за 3 и 4 септември, информираат од „Македокс“.

„Магаренцето ќе го започне своето патешествие во грлото на изгаснатиот вулкан забележан и во Хомеровата „Илијада“, полецка по средновековните мостови меѓу кулите ќе го распне платното за првата проекција под ѕвездите. Ќе помине и до најстарата неолитска населба кај Славе Македонски, но и до населеното место во „каменестото корито“ кое е прогласено за град од скоро, во новиов милениеум. Магаренцето ќе раскажува приказни, но и ќе збира, стари и нови, како онаа за печалбарот Кочо кој го шверцувал белото злато во утробата на гуски“, велат организаторите на фестивалот.

Тие додаваат дека за присуство на закажаните проекции задолжително ќе биде носењето на маска од секој посетител, како и задолжително ќе биде мерењето температура и дезинфекција на рацете на влезот.

Овогодинешното издание на патувачкото кино е поддржано од Агенцијата за филм на Република Северна Македонија, Општина Кратово, Општина Кочани, Општина Штип, Општина Кочнаи, Општина Виница и Центарот за развој на источен плански регион.