Патувачка работилница за видео-игри за основци

Патувачка работилница за деца за изработка на видео-игри од утре тргнува во неколку градови во државата (Свети Николе, Крива Паланка, Чашка, Радовиш).  Работилницата е наменета за деца од трето до деветто одделение. Идејата е децата да се запознааат со концептите поврзани со дизајнирање на видео игри на забавен и лесно разбирлив начин.

Првата работилница ќе се одржи утре на пладне во Дом на култура „Крсте Петков Мисирков“ во Свети Николе, задутре во Центар за култура Крива Паланка од каде продолжува на 14 ноември во Општина Чашка и завршува во Радовиш.

Учесниците ќе се запознаат со принципот за изработка на видео игри во програмата scratch, што е посебно развиен визуелен јазик од универзитетот Massachusetts Institute of Technology за полесно совладување на програмерските вештини кај децата. Досега, во оваа програма повеќепати се одржани работилници кои покажале дека брзо го привлекуваат вниманието дури и на деца кои не пројавиле претходен интерес за програмирање. Работилниците ќе се одржат во просториите на Домовите на културата и училиштата, а ќе присуствуваат најталентираните ученици кои покажуваат интерес за оваа област.

Работилницата е под менторство на Петар Котевски од Македонската асоцијација за развивање игри – МАГДА.

Настанот е дел од проектот „Видеоигротека“ во организација на Унијата на македонски професионални асоцијации во креативните индустрии УМПАКИ Скопје, а поддржан од Министерството за култура во рамките на „Нов културен бран“.

Во рамките на овој проект на 9 ноември во соработка со фестивалот на европски филм „Синедејс“ се одржа презентација и дискусија на тема „Темната страна на дигиталната технологија“ за средношколци и основци, а потоа беше прикажан филмот „Хакер“.