Изборните места во Холандија се отворени утринава, а резултатите од овие парламентарни избори со нетрпение се очекуваат во Европа поради тоа што тие би можеле да бидат индикатор за силата на крајната десница пред изборите во Франција и во Германија, кои треба да се одржат во текот на годинава.
Во анкетите пред изборите, најдобро котираше актуелниот премиер Марк Руте со својата десничарска партија, додека веднаш зад него беше Партијата за слобода на крајниот десничар Герт Вилдерс.
Руте, кој веќе двапати беше премиер, им порача на граѓаните дека прават избор меѓу него, вистинскиот татко на нацијата кој ја води земјата кон економско зајакнување, и Вилдерс, антиисламскиот радикал, кој доколку стапи на функција, не би бил подготвен да донесе тешки одлуки.