
Нивото на загаденост на воздухот во пакистанскиот град Лахоре, кој е втор по големина во Пакистан, се смета за „опасно“ според швајцарската компанија IQAir, која го следи квалитетот на воздухот низ светот, известува Си-ен-ен.
За да се справи со високото ниво на загаденост, во Лахоре, како и во градовите Гурјанвала и Хафизабад, е прогласена вонредна состојба во однос на животната средина и здравјето. Ова значи дека се затворени училиштата, градските паркови, трговските центри и канцелариите.
Во регионот во кој се наоѓа Лахоре, кој вклучува и градови во Индија како Делхи, речиси секоја зима се забележува загрижувачко ниво на аерозагадување. Оваа појава е последица не само на токсичните честички произведени од индустријата и од возилата, туку и од палењето на полињата со ориз во подготовка за засадување на житарици. Ниските температури потоа ги „заробуваат“ овие штетни честички, што пак доведува до оформување на смог.
Пред само неколку дена индискиот врховен суд им нареди на општините околу Делхи да ги спречат земјоделците да ги палат своите полиња.