Во општина Аеродром се отвори реновираната библиотека „Јане Сандански“ која е дел од Градската библиотека „Браќа Миладиновци“. Во реновираниот објект целосно е заменета електричната инсталација, набавени се нови маси и полици за книгите, направен е бесшумен под, поставени се и нови прозорци, со што објектот влегува во категоријата на енергетски ефикасни објекти.

На свеченото отварање на библиотеката беа присутни Градоначaлникот на Град Скопје, Коце Трајановски и Директорот на библиотеката „Браќа Миладиновци“, Бранко Цветковски. Градоначалникот Трајановски рече дека целта на овој објект е да се доближи пишаниот збор до поголем број граѓани, вљубеници во читањето.

– На посетителите на овој клон ќе им бидат достапни 20 000 наслови, а во новоотвореното електронско катче периодично ќе имаат можност и бесплатно да читаат поголем број е-часописи. За реализација на овој проект Градот од буџетот издвои 1.200.000 денари, а во иднина планираме да инвестираме и во отворање на нови клонови во другите скопски општини за да ја донесеме книгата што поблиску до сите наши граѓани – додаде градоначалникот Трајановски.