Шахпаска фото: МТСП
Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска | Фото: МТСП

Денеска беше отворен новиот дневен Центар за деца и млади со интелектуална попреченост во населбата Топанско Поле, при Јавната Установа Завод за рехабилитација на деца и млади, за што Министерството за труд и социјална политика (МТСП), преку европски фондови, инвестираше 3,5 милиони денари (50 илјади евра).

Оваа институција од почетокот на минатата година е во фаза на целосно реконструирање и освен првиот кат каде е лоциран новиот дневен Центар, се планираат и натамошни зафати за реконструкција, согласно новиот Закон за социјална заштита.

Во рамки на Центарот се сместени неколку одделенија, за дневен престој на деца од 7 до 14 години, за згрижување на корисници на возраст од 14 до 26 години и за лица со попреченост во развојот со над 26 години старост. Сите имаат стручна и здравствена помош од, двајца дефектолози, лекар, негувател и инструктор.

„Моментално во Центарот, на дневна основа, се згрижени 9 корисника на возраст од 14 до 26 години. Според Планот и Програмата за работење на Центарот, треба да се зголеми бројот на вработени стручни лица и уште да се подобрат условите за престој на нашите корисници. Сега има 64 вработени, а се предвидени вкупно 185 работни места за стручен персонал, како и зголемен број на корисници и отворање на центар за аутизам“, рече директорот на Заводот за рехабилитација на деца и млади, Скопје, Фатмир Ејупи.

Според градоначалникот Општина Бутел, Велимир Смилевски, во оваа општина, во повеќе институции и објекти се работи интензивно на проширување на капацитетите за згрижување и помош на лица со попреченост и за нивно што побрзо вклучување во општествено социјалниот живот.

„Општина Бутел има инклузивна програма за овие лица, веќе во градинката „Живко Брајковски“ е оспособена просторија за деца со посебни потреби, а уште во две училишта ќе се обезбедат посебни соби, сето тоа со помош на проекти на МТСП“, изјави Смилевски.

Министерката на МТСП, Јагода Шахпаска посочи дека целосно реконструираниот нов дневен Центар ќе овозможи згрижување на поголем број на млади со посебни потреби, на возраст од 14 до 26 години, дека во него работат стручни и професионални лица и дека активно се вложува во подобрувањето на грижата за овие лица, посебно сега, во услови на пандемија.

„МТСП и понатаму ќе работи на приближување на социјалните услуги до лицата со попреченост и за нивно вклучување во заедницата. Новиот Центар нуди широка лепеза на услуги и се надевамд ека што поскоро тој ќе биде исполнет со максималниот број од 24 корисника“, рече Шахпаска.

Одговарајќи на новинарско прашање, таа нагласи дека попишувачи ќе има и во центрите за лица со попреченост, со запазување на сите здравствени протоколи, за што се прават подготовки, како и дека за 360 бедомни лица пописот е веќе завршен. Во однос на ситуацијата со заболени од ковид-19 во градинките, Шахпаска рече дека е во благ пораст бројот на заболени дечиња, 19, но дека не ситуацијата е под контрола и сместувањето во градинките е безбедно, затоа таму се почитуваат сите потребни мерки за заштита.