Отворен Младински центар во Струмица

Со усвојување на Законот за младинско учество и младински политики во 2020 година, сите општини имаат законска обврска да формираат Локален младински совет, да имаат Канцеларија за млади, Младински центар, но и Локална стратегија за млади

Фото: Општина Струмица

Во Струмица денеска е отворен првиот младински центар, кој е сместен во општинската зграда. Центарот располага со современи и функционални простории и амфитеатар, каде што можат да се реализираат едукативни активности, конференции, предавања и изложби. Како што информираат од општината, ова е место во кое младите ќе можат да се собираат и да ги реализираат своите идеи и иницијативи и со тоа да учествуваат во развојот на општината.

Како што е наведено во соопштението од општината, за овој проект вложени се 7,2 милиони денари општински пари. На денешното отворање на центарот, присуствувал и градоначалникот Костадин Костадинов.

Со усвојување на Законот за младинско учество и младински политики во 2020 година, сите општини имаат законска обврска да формираат Локален младински совет, да имаат Канцеларија за млади, Младински центар, но и Локална стратегија за млади.

Според Извештајот за надзор на примената на Законот за младински политики на Националниот младински совет на Македонија (НМСМ), во самиот закон има нејаснотии околу тоа кој какви надлежностите има и тоа придонесува на доцнење во спроведувањето на овој закон.

Порталб неодамна објави дека сè уште не е формирано Националното советодавно тело за младински политики, но Владата донесе одлука според која Агенцијата за млади и спорт, Министерството за труд и социјална политика, Министерството за правда, Министерството за локална самоуправа, Министерството за култура, Министерството за образование и наука, Министерството за здравство и Министерството за финансии, треба да го именуваат претставникот на Националното советодавно тело за младински политики.