Отворен е повикот за учесници на Летната академија на МОФ

Летната академија ќе собере стотина млади учесници од земјава кои ќе добијат прилика да присуствуваат на стручни предавања и панел-дискусии што ќе понудат опсег на знаења и вештини

фото: Младински образовен форум (МОФ)

Отворен е повикот за учество на Летната академија за младински права, демократија, младинско учество и организирање и адресирање на социјални предизвици и проблеми што ја организира Младинскиот образовен форум (МОФ).

Право на учество на академијата имаат сите заинтересирани млади на возраст од 15 до 25 години кои се членови на МОФ, но и млади кои досега немале прилика да се вклучат во активностите и настаните на организацијата.

Летната академија ќе се одржи од 21 до 25 август во хотел „Истатов“, Дојран. Истата ќе собере стотина млади учесници од земјава кои ќе добијат прилика да присуствуваат на стручни предавања и панел-дискусии што ќе понудат опсег на знаења и вештини и ќе ги оспособат да станат поактивни во своите локални заедници преку акции за застапување.

Од МОФ информираа дека секој учесник ќе треба да направи избор на настани на кои би сакал да присуствува согласно своите преференци и приоритети. Финалниот избор ќе се направи според квалитетот на поднесените апликации и до пополнување на ограничениот број на места на настаните.

Заинтересираните млади лица имаат можност да бираат да присуствуваат на дебата  на која ќе се изучува форматот на Британската Парламентарна дебата, да учат за правото, да истражуваат и креираат младински политики, а тука се и предавањата за артивизам и новинарство.

За да се пријават, потребно е младите да го пополнат прашалникот достапен на овој линк. Повикот за учество на Летната академија на МОФ е отворен до 2 август до 17 часот попладне.