fbpx

Осум години затвор за Рашковски за случајот „Софтвери“

На затворски казни за случајот „Софтвери“ беа осудени и останатите шестмина обвинети. Изрекувањето на пресудата траеше повеќе од два часа, односно толку време се образложуваше спорниот начин за набавката на софтвер за контрола на сообраќајот

-

Казна од осум години затвор пресуди судијката Фанка Јанчулева Михаиловска за поранешниот генерален секретар на владата, Драги Рашковски за случајот во јавноста познат како „Софтвери“. За делото злоупотреба на службената положба Рашковски е осуден на седум години затвор, додека за делото перење пари, доби една и пол година затвор. Судијката му засмета единствена казна од осум години, во кое влегува и времето поминато во притвор, од 2021 година.

На затворски казни за случајот „Софтвери“ беа осудени и останатите обвинети. Професорот Ивица Димитровски, носител на проекти на „Финки“ е осуден на пет години затвор, пет години и шест месеци затвор доби обвинетиот Игор Христов, надворешен соработник на Влада, Даниел Станчев од „Инвока груп“ е осуден на четири години затвор, надворешната соработничка на Владата Ирена Ивановска е осудена на три и пол години, а по три години затворска казни добија Игор Ивановски и Маја Силјаноска, исто така надворешни соработници во Владата.

Изрекувањето на пресудата траеше повеќе од два часа, односно толку време се образложуваше спорниот начин за набавката на софтвер за контрола на сообраќајот во период кога со Генералниот секретаријат раководеше Рашковски.

Пресудата не е правосилна и осудените имаат право на жалба до Апелациониот суд.

Според обвинителниот акт, Рашковски, не ги извршил службените должности при спроведување на четири постапки за јавна набавка за систем за биометриска идентификација, јавна набавка на софтвер за определување на просечна брзина на возила во сообраќајот и изрекување на казни, набавка на АНПР камери за препознавање на регистарски таблички за возила и јавна набавка на метални кабини за потребите на системот на биометриска идентификација и систем за автоматско препознавање на регистарски таблици. Софтверот за сообраќајни прекршоци и биометриска идентификација, според обвинителката Ивана Трајчева, никој не ги користел, а Генералниот секретаријат со кој управувал Рашковски ги набавил без да има надлежност за тоа. Дополнително, обвинителката докажуваше дека тендерите биле наместени.

Вториот дел од обвинението се однесуваше на спорна исплата на хонорари. Имено, според обвинителството, Рашковски склучувал авторски договори со физички лица кои не ги извршувале работните обврски – тие подигнувале дел од парите и му ги враќале на Рашковски, со што била направена штета на буџетот во вкупен износ од над 20.000 евра.

Два дена пред изрекувањето на пресудата, пак, Рашковски на прес-конференција образложуваше за жалбите кој ги поднел до Стразбур.

Жалбите во најголем дел се однесуваат за притворите кои им беа одредени, а Рашковски обвини дека Обвинителството самоволно носело одлуки за притвор, без притоа да им биде овозможено правото на жалба на одбраната.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Уапсени двајца руски новинари под обвинение дека работеле за фондацијата на Алексеј Навални

Двајца руски новинари се уапсени под обвинение за „екстремизам“, поради обвиненијата дека работеле за група основана од починатиот руски опозициски политичар Алексеј Навални, пренесе Гардијан. Новинарите Константин Габов и Сергеј...