Бујар Османи, министер за надворешни работи | Фото: МНР

Доколку поради забелешките од Бугарија до крајот на годината не се одржи првата меѓувладина конференција на нашата земја со ЕУ, тоа ќе се смета за неуспех на Берлинскиот процес, бидејќи идејата зад лансирање на оваа иницијатива е поттикнување на регионалната соработка и забрзување на евроинтеграциите на земјите од Западен Балкан. Во тој случај, товарот ќе биде на сите – и на нас, на Бугарија, и на германското претседателство, изјави денеска министерот за надворешни работи Бујар Османи на прес-конференцијата на која зборуваше за претстојниот самит на Берлинскиот процес во Софија на 10 ноември со ко-претседателство на Бугарија и Северна Македонија во контекст на тензиите во македонско-бугарските односи.

Во врска со изавата на премиерот Зоран Заев дека граѓаните треба да се подготват дека може да нема почеток на преговорите со ЕУ во декември, Османи рече дека потребата за консензус за преговарачката рамка е една од 130-те потреби за консензус што во просек треба да се случат во текот на преговорите. Според него, треба да се навикнеме дека влегуваме во процес кој бара постојани потреби за консензус од сите земји членки.

– Треба да прифатиме дека отсега ќе треба да бараме консензус со 27 земји-членки. Во сите 130 чекори може да се случи една земја членка да не даде потврда. Ние сме веќе во процес на започнати преговори, сега разговараме за преговарачката рамка која ја дава содржината на преговорите – изјави Османи.

Бујар Османи, министер за надворешни работи | Фото: МНР

Министерот за надворешни работи на денешната прес-конференција рече оти се чувствува тензија во комуникацијата што се должи на пандемијата и изборите, и, како што кажа, едно ниво на недоразбирање во односите со Бугарија, како резултат на слабата комуникација, но сепак земјава треба да влезе со поголема самодоверба.

– Треба да излеземе од чувството на немање самодоверба, бидејќи ние сме членка на НАТО и земја со одлука за почеток на преговори со ЕУ и мора да имаме самодоверба за нештата што сметаме дека се наша вредност – порача Османи.

Во однос на јавната прозивка од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски дека Османи во Софија добил сет барања за нов договор и уставни промени, тој ја повика опозицијата да не навлегува во дневно-политичка битка за поени кога се работи за иднината на државата.

– Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ го има мојот број и можеше да ме слушне пред јавно да ме прозива. Не е добро за овие прашања да се шпекулира и да се комуницира преку јавноста, туку важна е соработката и внатрешната кохезија – рече Османи.

Бујар Османи, министер за надворешни работи | Фото: МНР

За заедничката комисија за историските прашања, која денеска се состанува по пауза од повеќе од 10 месеци, министерот за надворешни работи смета дека има простор за надминување на недореченостите. Сепак, Османи рече оти има впечаток дека во Бугарија Договорот не е доволно имплементиран.

– Ваквите комисии се сретнуваат вообичаено еднаш или двапати годишно, нашата девет пати. Резултати има од нивната работа, но очкуваме да продолжат и да најдат решенија. Се чувствува една тензија, едно ниво повеќе на недоразбирање, а сметам дека причината за тоа е намалената динамика на преговорите. Затоа со студена глава им пристапувам на овие прашања и сметам дека има простор за надминување на недореченостите. Има чувство кај нив дека Договорот не е доволно имплементиран. Ова се тешки теми, бараат анализи, во Комисијата не седат политичари, туку историчари кои размислуваат поинаку. Сакаме во идната комуникација да ги тргнеме тие дилеми, да создадеме амбиент и да ги охрабриме да најдат решение. Знам дека има страв кај нас дека решението може да наштети на идентитетот, но сметам дека треба да имаме повеќе самодоверба. Не треба да дозволиме да нè водат емоции, дневно политички рецидиви, мораме да влеземе во ментален модус на самодоверба. Никој не може да нè загрози, ние сме членка на НАТО – рече Османи.