fbpx

ОН: Израелскиот напад во Рафах може да доведе до „масакр“

Во Рафах, град со површина од 64 квадратни километри, се сместени 1,5 милиони Палестинци кои чекаат редици за храна, вода и пристап до тоалет

-

Израел беше остро критикуван од неколку страни, меѓу кои Обединетите нации, Обединетото Кралство и САД, за воздушните напади во градот Рафах, град со површина од 64 квадратни километри, во кој моментално се сместени 1,5 милиони Палестинци, односно речиси целото население на Газа, пренесува Би-би-си.

Дипломатот Мартин Грифитс од Обединетите нации (ОН) предупреди дека проширување на досегашната офанзива во Рафах би била „катастрофална“. Грифитс вели оти жителите на Газа се „набиени во Рафах и ја гледаат смртта во очи“, потенцирајќи дека има крајно ограничени залихи на храна и вода во градот и дека веќе нема каде друго да бега раселеното население на Газа. Според Би-би-си, невообичаено остар јазик е искористен во апелот на Грифитс, укажувајќи на сериозноста на ситуацијата.

Младата Даијна Албукари, која моментално е во Рафах, за „Скајњуз“ објасни како е моментално да се живее во Газа.

„Нема струја, нема храна, нема чиста вода. Морам да чекам со часови за да се истуширам или да го искористам тоалетот“, рече Албукари.

Албукари спие на неколку ќебиња и перници. Во исчекување на копнен напад во секој момент, веднаш до креветот има ранец кој е спремен со потребни намирници, за да може веднаш да го понесе со себе во случај на ненадеен напад.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху тврди дека нападот во Рафах е единствениот начин Израел да ги постигне своите воени цели.

Министерот за надворешни работи на Обединетото Кралство Дејвид Камерун го предупреди Израел „сериозно да размисли“ пред да продолжи со напади во Рафах, велејќи дека блокирањето на храна и вода во регионот претставува прекршување на меѓународниот закон.

„Луѓето во Рафах веќе се имаат преселено три, четири или пет пати. Не е возможно повторно да се преселат – не можат да одат на север затоа што би се вратиле во домови кои се уништени. Тие не можат да одат на југ, бидејќи тоа би значело одење во Египет, што никој од нас не би сакал да го види, вклучително и Египќаните“, изјави Камерун.

Портпаролот на Антонио Гутереш, генералниот секретар на ОН, изјави дека не би поддржале евакуациски план, велејќи дека „Обединетите нации не би биле учесници во принудно раселување“.

Претседателот на САД Џо Бајден исто така го предупреди Израел да не врши акција во Рафах без конкретен план со кој би се заштитиле цивили.

Истовремено, преговорите за примирје во регионот не напредуваат глатко. На средби во Каиро, израелската делегација го напуштила состанокот. Според „Вол стрит џурнал“, делегацијата си отишла без да се заокружат некои клучни точки. Џон Кирби, портпаролот за национална безбедност на САД, пак, изјави дека преговорите биле генерално позитивни, но сепак посочи дека „ништо не готово додека не е сè сработено“.

Јужноафриканската Република (ЈАР) достави ново барање до Меѓународниот суд на правдата во Хаг, барајќи итно прекинување на активностите на Израел во Рафах. ЈАР претходно покрена постапка во Хаг против Израел со која го обвинија за геноцид врз палестинскиот народ.

Дополнително, генералниот секретар на ОН Гутереш коментираше дека е „длабоко загрижен“ за бројот на убиени новинари од почетокот на војната, истакнувајќи ја потребата на слободата на медиумите како клучна во воени конфликти. Коментарите на Гутереш доаѓаат по напад со дрон во кои беа тешко повредени двајца новинари од Ал Џазира – на новинарот Исмаил Абу Омар мораше да му се ампутира ногата.

Според организацијата „Комитет за заштита на новинари“, од почетокот на војнаа до 13 февруари, 85 новинари се убиени, 16 повредени, 25 уапсени и четворица се водат како исчезнати.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Поминаа 23 години од масакрот кај Вејце

Денеска се навршуваат 23 години од масакрот кај Вејце, кога во 2001 година, од заседа беа убиени и масакрирани осум припадници на посебната единица при СВР Битола и припадници...