fbpx

Обвинителството се јави со детали од истрагата за „бомбите“

-

Јавното обвинителство денеска, како реакција на наводите дека постапува селективно или воопшто не постапува по предметите од „бомбите“ што изминатите неколу месеци ги објавуваше опозцијата, во поопширно соопштение информира за текот на истрагата, односно дека „ги преземат сите потребни дејства за да се утврди постоењето на елементи на сторено кривично дело и да се лоцира евентуалната кривична одговорност“.

Оттаму велат дека надлежните обвинители ја водат истрагата „неселективно, стручно и професионално“.

Во соопштението на Обвинителството, во најголем дел се информира за тоа кој бил повикан на разговор и дал изјава, кој не се одзвал на поканите, од каде биле побарани материјали, изјави и документи, но нема конкренти заклучоци, сомневања и утврдени факти за сторен криминал.

Како што претходно соопштија од Јавното обвинителство, предметите од „бомбите“ на опозицијата биле распределени на 23 јавни обвинители.

Во меѓувреме, со Догoворот од Пржино е предвидено истрагата за наводите што произлегуваат од прислушуваните разговори да ја води специјален јавен обвинител, кој треба да биде избрaн и да почне со работа на 15 септември.

Соопштението на Јавното обвинителство за истрагата за секој од одделните предмети го пренесуваме во целост: 

Во медиумите и во изјавите на одредени лица се наведува дека надлежните јавни обвинителства не постапуваат, односно селективно постапуваат по предмети произлезени од прес-конференциите на СДСМ и од објавените телефонски снимки на наводни разговори.
Во врска со овие наводи, Јавното обвинителство повеќепати има објавено соопштенија во кои ја информира јавноста за текот на постапките.
Преку ова известување, повторно истакнуваме дека за сите настани е поведена постапка. Јавните обвинители од основните јавни обвинителства, во чија надлежност се сите досега отворени предмети, ги преземаат сите потребни дејства за да се утврди постоењето на елементи на сторено кривично дело и да се лоцира евентуалната кривична одговорност и при тоа постапуваат апсолутно неселективно, стручно и професионално.
Во текот на постапките, преземени се следните дејства по одделни предмети и тоа:

● Во врска со наводното незаконито прислушување на лицата Зоран Заев, Радмила Шекеринска, Тито Петковски, Андреј Жерновски, Оливер Спасовски и Стево Пендаровски, отворен е предмет по кој активно постапува надлежен јавен обвинител, при што испитани се Зоран Заев, Радмила Шекеринска, Тито Петковски, Оливер Спасовски и Стево Пендаровски како подносители на пријавите.
Испитани се и пријавените Сашо Мијалков, тогашен директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, и Горан Груевски, началник од истата управа.
Испитани се и претставници на Министерството за внатрешни работи и три лица вработени во Управа за безбедност и контраразузнавање – одделение за оперативно-техничка поддршка на операции.
Прибавено е техничко мислење подготвено од технички советници – тројца професори од Факултетот за електротехника и информациски технологии Скопје.
Извршен е непосреден увид во службените простории каде што се спроведува посебната истражна мерка следење на комуникациите, а за констатираната состојба сочинет е записник.
Од подносителот на пријавата побаран е оригиналниот медиум на кој биле снимени телефонските разговори што се објавени на прес-конференциите, но сè уште не е доставен оригиналниот медиум.

● Отворен е предмет и за наводите во телефонски разговор од јуни 2011 година, помеѓу Гордана Јанкуловска, министер за внатрешни работи, и Мартин Протоѓер, шеф на кабинетот на претседателот на Владата, за наводно отпуштање од работа на поголем број лица вработени во Министерството за внатрешни работи и во други државни органи поради нивната политичка определба. Надлежниот јавен обвинител поднесе барања за доставување податоци и документација до Владата на Република Македонија, Секторот за правни работи и управување со човечки ресурси и до Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди при Министерството за внатрешни работи.
Барањата се однесуваат на доставување податоци за лица на кои им престанал работниот однос во периодот 2011-2015 година, основата за престанок на работниот однос, постапките во врска со престанокот на работниот однос, одлуките за постапките (дисциплински и судски), како и исходот од истите.

● За наводно ставање надвор од употреба на телефонски број 070-306-775, кој го користела политичката партија СДСМ за свои потреби, искажано во телефонски разговор помеѓу Миле Јанакиески, поранешен министер за транспорт и врски, и Ирена Мишева, неизвршен член на одборот на директори на „Т-Мобиле Македонија“, надлежен јавен обвинител поднесе барања за доставување податоци и документација до „Т-Мобиле Македонија“ и до Централниот регистар на Република Македонија.

● Наводите од телефонски разговор помеѓу Миле Јанакиески, поранешен министер за транспорт и врски, и Никола Тодоров, сегашен министер за здравство, за наводно исклучување на лифтовите од зградите на гласачите од Општина Центар за време на локалните избори во 2013 година во Општина Центар, се предмет на разгледување во надлежното Основно јавно обвинителство.
Поднесено е барање до Државната изборна комисија за информација дали се поднесени приговори за спречување остварување на избирачко право поради исклучување лифтови во колективни станбени згради. Исто вакво барање е доставено и до Секторот за внатрешни работи Скопје.

● Во врска со предмет оформен по објавените телефонски разговори за наводна исплата на парични средства за авионски превоз на лица, македонски државјани, со привремено или постојано живеалиште во Швајцарија и во Италија за остварување гласачко право, поднесени се барања за доставување податоци и документација до Централниот регистар на Република Македонија, Државната изборна комисија и до Друштвото за градежништво „Бетон“ АД Скопје. Испитан е и поранешниот директор на Друштвото за градежништво „Бетон“ АД Скопје.

● Во врска со телефонски снимки за наводни разговори што се однесуваат за наводно малтретирање при лишувањето од слобода на осудениот Љубе Бошковски, прибавени се списите на истражниот и на кривичниот предмет по кој е осуден. Прибавени се известувања од Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди при Министерството за внатрешни работи и писмено известување од Народниот правобранител. Од Министерството за внатрешни работи е испратено барање за доставување податоци за тоа кои овластени службени лица биле инволвирани во лишувањето од слобода на сега осудениот Љубе Бошковски. Повикани се повеќе лица за распит пред јавниот обвинител во врска со спомнатиот настан.

● По оформениот предмет во врска со наводни телефонски разговори кои се однесуваат на наводно незаконито рушење на објектот „Космос“, извршен е увид во претходно оформен предмет во Основното јавно обвинителство за кривично дело – бесправно градење од чл.244-а од КЗ. Испитан е претставник на Општината, повикан и испитан е градежен инспектор и дадена е наредба за вештачење.

● Во врска со телефонски разговори кои се однесуваат на локалните избори од 2013 година, на гласањето за избор на градоначалник на Општина Центар, поднесени се барања до Државната изборна комисија, Општина Центар, Министерство за финансии и до Министерство за образование за доставување податоци и документација.
Од прибавените податоци и документација произлезе потреба да бидат испитани 32 лица, чие испитување во меѓувреме е завршено.

● Во врска со наводни закани кон директорот на правното лице „Илинден“, изведувач на градежни работи, а за да запре со асфалтирање на улиците низ Охрид, прибавена е од Централен регистар на Република Македонија релевантната писмена документација, а повикан и испитан е управителот на правното лице „Илинден“.

● Во врска со телефонски разговори за наводни закани спрема вработените во „Македонски телеком“ и во „Т-Мобиле Македонија“ во однос на тоа како да гласаат на локалните избори во 2013 година, прибавено е писмено известување од „Македонски телеком“ дали и на кој од вработените е даден отказ во наведениот период, како и дали е поднесен приговор за вршен притисок за начин на гласање. По добиеното сознание дека се прави внатрешна ревизија во „Т-Мобиле Македонија“, побарано е извештајот од внатрешната ревизија да се достави до јавното обвинителство.

● Во врска со телефонски разговори за наводно прераспределување на лицето Ивица Тошески поради политички мотиви од началник во МВР на пониска позиција, побарани се податоци од Министерството за внатрешни работи. Бараните податоци и документација се доставени. Испратена е покана за испитување на лицето Ивица Тошески.

● Во врска со објавениот телефонски разговор за наводни притисоци врз затворениците во затворот „Идризово“ да гласаат за ВМРО-ДПМНЕ на локалните избори 2013 година, прибавени се известувања од сите мобилни оператори, повикан е и испитан директорот на затворот. Од Државната изборна комисија и од Општина Гази Баба побарана е документацијата за гласањето на затворениците.

● Во врска со предмет за наводно поттикнување непознато лице од Миле Јанакиевски, поранешен министер за транспорт и врски, за да се јави на друго лице по име Саше и со сериозна закана да го присили да им каже на 40 професионални војници како да го вршат избирачкото право за избор на градоначалник на општина Центар, побарано е од Државната изборна комисија и од Министерство за одбрана да се достават потребните податоци и документација.

● Во врска со телефонски разговор за наводно приведување на лицето Страшо Поповски, поради неговото работење за СДСМ, поднесено е барање до Секторот за внатрешни работи Охрид за доставување податоци за евентуално приведување на гореспомнатото лице. Побарани се податоци за лицето Страшо Поповски и по добивањето на податоците, лицето со покана е повикано да се јави за испитување во јавното обвинителство.

● Во врска со наводни закани упатени кон директорот на „Струмица Табак“ дека доколку пред изборите не им ги исплати субенциите на гласачите, ќе му биде одземена лиценцата за работа, поднесени се барања до „Струмица Табак“, до Централен регистар на Република Македонија и до Државната комисија за спречување корупција за доставување податоци и документација. Извршено е и испитување на државниот секретар во Министерството за труд и социјална политика.
● Во врска со наводен телефонски разговор за присилба врз лица, вработени во ЈП „Улици и патишта“ да вршат избирачко право на определен начин – да гласаат за кандидатот и за кандидатската листа на ВМРО-ДПМНЕ за Град Скопје, а во кој разговор се споменува лице по име Синиша вработено во ЈП „Улици и патишта“, побарани се податоци од ЈП „Улица и патишта“ за вработено лице по име Синиша. По добиеното известување, повикани се три лица на испитување.

● Во врска со наводните телефонски разговори за наводен договор помеѓу лицата Бедредин Ибраими и Мендух Тачи, за Бедредин Ибраими да гласа за поништување на гласањето во 2013 година на избирачки места во општина Струмица, а како противуслуга членовите на Државната изборна комисија од партијата ВМРО-ДПМНЕ да гласаат за поништување на гласањето на избирачки места во општина Чаир, прибавена е обемна документација од Државната изборна комисија.

● Во врска со телефонски разговори за наводен договор помеѓу Мартин Протоѓер, шеф на кабинетот на претседателот на Владата на РМ, и Гордана Јанкулоска, тогашен министер за внатрешни работи во Владата на РМ, за ослободување на вработени лица во Министерството за време на кампањата за локалните избори 2013 година од извршувањето на редовните работни задачи, така што би можеле да учествуваат во политичката кампања за потребите на ВМРО-ДПМНЕ, поднесено е барање за доставување податоци и документација до Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди при Министерството за внатрешни работи.

● Во врска со телефонски разговор за наводно ангажирање на овластени службени лица од Министерството за внатрешни работи за извршување работни задачи надвор од местата на нивното живеење за да бидат спречени да не го вршат избирачкото право, побарано е од Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди при МВР на РМ, да ги достави потребните податоци и документација.

● Во предмет во врска со телефонски разговор за наводно договарање помеѓу Гордана Јанкулоска, тогашен министер за внатрешни работи и Анета Станчевска, помошник-министер за внатрешна контрола и професионални стандарди при МВР, истите да влијаат на исходот на полициските постапки против овластени службени лица во Охрид за настани поврзани со насилство, како и да издејствуваат против тие лица да не се водат постапки, испратено е барање до Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди при МВР на РМ за доставување податоци и документација. Истовремено од Основно јавно обвинителство Охрид прибавени се списите на конкретен предмет.

● Поднесено е барања за доставување податоци до Полициска станица Ѓорче Петров, до Министерството за внатрешни работи и до сите мобилни оператори, а во насока на расветлување на предметот отворен по телефонски разговори за наводно пуштање на слобода на лица кои за време на локалните избори во 2013 година биле приведени во Полициската станица Ѓорче Петров.

● Во предмет оформен во врска со телефонски разговори за наводно учество во гласање на локалните избори одржани во 2013 година на лица кои немаат избирачко право, од Министерството за внатрешни работи и од Државната изборна комисија барани се податоци, проверки и релевантна документација.

● Наводните телефонските разговори помеѓу Сашо Мијалков, во тоа време Директор на управата за безбедност и контраразузнавање, и Миле Јанакиески, во тоа време министер за транспорт и врски во Владата на РМ, за наводно договарање едно лице да биде озвучено и пратено кај Андреј Жерновски, за да му понуди пари за да издејствува Андреј Жерновски да биде обвинет за кривично дело, се предмет на анализа во основното обвинителство. Надлежен обвинител двапати со покана за испитување го повика лицето Андреј Жерновски, кој иако ги примил поканите, на истите не се јавил ниту, пак, на кој било начин го оправдал нејавувањето во Јавното обвинителство.

● Во врска со наводни телефонски разговори меѓу Кирил Божиновски, сега генерален секретар на Владата на Република Македонија, Гордана Јанкулоска, поранешен министер за внатрешни работи, и лице по име Мирослав Јовановиќ, за наводно давање налози од службени лица од МВР на одредени граѓани за време на локалните избори во 2013 година да гласаат за политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, поднесено е до Министерството за внатрешни работи, до Владата на РМ и до „Македонски телеком“ АД Скопје барање за податоци, проверки и за доставување релевантна документација.

● Во врска со наводни телефонски разговори за откуп на повеќе катастарски парцели на Водно и за промена на генералните и на деталните урбанистички планови на земјената површина каде се наоѓаат парцелите, од Агенцијата за катастар на недвижности на Град Скопје и од Општина Центар побарано е да се достави релевантна документација.

● Во предметот за наводни телефонски разговори за поттикнување насилно дејствување кон советниците и кон градоначалникот на Општина Центар, од Секторот за внатрешни работи Скопје барани се проверки и податоци, по што е доставена релевантна документација и снимки од видеонадзор.

● Во врска со телефонски разговори за наводно прикривање на убиството на Мартин Нешковски и сторителот на истото, бидејќи станува збор за веќе претходно оформен предмет за кој е донесена одлука, извршен е увид во два предмети во Основното јавно обвинителство Скопје.

● Надлежното Основно јавно обвинителство отвори предмет по допрен глас во врска со телефонските разговори за незаконско работење на градоначалникот на општина Битола веднаш по објавување на снимките и почна постапка за проверување на наводите. Издадена е наредба за прибирање документација по повеќе основи до Општина Битола. За истите случувања, во надлежното обвинителство пристигната е една анонимна кривична пријава и две кривични пријава поднесени од СДСМ.
Повикани и сослушани се подносителите на кривичната пријава, дел од превозниците и други лица по околностите во врска со кривично-правниот настан.

● Во врска со наводна телефонска комуникација за набавка на опрема од Израел и наводно договарање незаконита награда, побарано е од Министерството за внатрешни работи – Управа за безбедност и контраразузнавање да достави писмено известување и релевантна документација, која се однесува на содржината на разговорите.
На барањата од јавното обвинителство, од повеќе институции и правни лица доставен е обемен писмен материјал кој е предмет на проучување.
Во предметите во кои се исцрпени сите планирани и можни дејства, завршено е проучувањето на материјалот и со тоа е разјаснета кривично-правната ситуација, надлежниот јавен обвинител, во согласност со законите, донесува соодветна одлука.
Јавните обвинители ќе продолжат со преземање на сите предвидени дејства во останатите предмети, особено оние кои се неопходни, а во согласност со поединечната стратегија на секој надлежен обвинител што постапува по конкретен предмет“.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Полицијата насилно го задуши про-палестинскиот протест на Универзитетот Калифорнија

Стотици полицајци влегоа на кампусот на Универзитетот Калифорнија (УКЛА) денес во обид да го расчистат про-палестинскиот протестен камп, кој вчера беше нападнат од израелски поддржувачи, пишува Гардијан. Се проценува дека...