Коѕиас планира засилување на грчката соработка со Балканот

Грција планира поактивна политика за интензивирање на соработката со сите балкански држави. Шефот на грчката дипломатија, Никос Коѕиас, на денешниот Национален совет за надворешна политика, ги информираше претставниците на сите политички партии за намерата за продлабочување на соработката и за интензивирање на врските со Балканот за подобрување на билатералната соработка, но и за трасирање на патот за побрза интеграција во европското семејство.

– Грција се враќа на Балканот и нашата политика има два елементи: едниот да ја поддржиме нашата соработка со секоја држава и нејзиниот пат за интегрирање во Европската унија, а вториот е да најдеме начин да креираме еден внатрешен балкански простор, да се изгради одново Балканот и да се поттикне развој на настаните што ќе ја олесни идната позиција на секоја од овие држави во ЕУ –  истакна Коѕиас по состанокот на Националниот совет за надворешна политика.

На состанокот грчкиот министер ги известил претставниците од сите партии во грчкиот парламент за неговите средби и за патувањата во балканските држави, за грчката политика кон Македонија, Албанија и кон Косово, како и за односите со Србија, Босна и Херцеговина и со Црна Гора, но и за одлуката да се засилат стратегиските врски со Бугарија. Коѕиас истакнал дека се продолжува со планот да се дозволи отворање на канцеларија за врски на Косово во Грција, план кој е почнат уште од 2012 година.

Националниот совет забележал дека и покрај финансиските проблеми во Грција, државата и понатаму останува најсилен играч на Балканот, држава која има културно, политичко и историско знаење и технички познавања и искуства за ЕУ и со тоа може да помогне за подобра иднина на државите од Балканот.