Студенти на УКИМ ќе одат на обуки за дезинформации и односи со јавност

Меморандумот кој го потпишаа Петровска и Ангелова, опфаќа повеќе форми на соработка помеѓу двете институции - давање препораки за вработување на најдобрите студенти од УКИМ во областите од интерес на одбраната, стипендирање на студенти од критични специјалности, како и промоција на воената професија на студентите на Универзитетот

Фото: Министерство за одбрана

Студентите на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ ќе имаат можност да се стекнат со практично искуство посетувајќи обукина еден од Регионалните центри за справување со дезинформации и односи со јавност кој наскоро се очекува да ја добие НАТО акредитација. Ова, меѓудругото, е предвидено со меморандумот за соработка кој денеска го потпишаа ректорката Биљана Агелова и министерката за одбрана Славјанка Петровска. Освен тоа, се овозможува и практична настава на студентите како и организирање различни облици на доедукација на вработените во министерството.

„Образованието е темелот врз кој ги градиме идните генерации, но и го развиваме општеството во сите сфери создавајќи иднина. Потпишувањето на меморандумот за соработка ќе ја зацврсти и интензивира и досега добрата соработка помеѓу Министерството и различни факултети, а ќе биде и добра основа за нови облици за соработка кои досега не сме ги применувале“, рече министерката.

Ректорката Ангелова, пак, порача дека со потпишувањето на меморандумот се отвора широко поле на соработка кое ќе има влијание врз општеството и студентите.

„Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ како најголем и најстар Универзитет на нашата држава ги покрива сите научни подрачја, капацитетите и ресурсите со кои што располагаме можат да придонесат во развојот на одбраната и потребите на Министерството за одбрана и обратно. Она што ќе ни го пружи Министерството за одбрана е во насока на практична работа за нашите студенти и вработување на најдобрите студенти од различни научни подрачја, со оглед на ширината на активности кои ги има ова Министерство, можноста да се учествува на научни конференции, семинари, обучни центри за наши вработени, за наши студенти, и тоа отвора огромно поле на соработка“, рече Ангелова.

Меморандумот опфаќа повеќе форми на соработка помеѓу двете институции, вклучувајќи давање препораки за вработување на најдобрите студенти од УКИМ во областите од интерес на одбраната, стипендирање на студенти од критични специјалности, како и промоција на воената професија на студентите на Универзитетот.