fbpx

Обвинителството ги отфрли кривичните пријави против ексдиректорот на финансиската полиција Арафат Муареми

По овие предмети претходно постапуваше поранешната шефица на ОЈОГОКК Вилма Русковска, која беше суспендирана додека во тек беше постапката по овие пријави

-

Јавното обвинителство на нашло дека постојат докази дека ексдиректорот на Управата за финансиска полиција Арафат Муареми сторил кривично дело поврзано со службата. Од обвинителството соопштуваат дека постапувале по двете кривични пријави против поранешниот директор и вработени службеници во Управата за финансиска полиција, и дека „не постои основано сомнение дека пријавените ги сториле кривичните дела или друго кривично дело кое се гони по службена должност“.

Инаку, по овие предмети претходно постапуваше поранешната шефица на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција (ОЈОГОКК) Вилма Русковска, која беше разрешена додека во тек беше постапката по овие пријави. Таа тврдеше дека постапувала по анонимна пријава, а до судот навела дека директорот на Управата за финансиска полиција сторил кривично дело „Примање награда за противзаконито влијание“ и дека располага со докази за основано сомнение дека го сторил тоа кривично дело.

Од обвинителството денеска потврдија дека во анонимната кривична пријава поднесена од група граѓани до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција се изнесени наводи дека Управата за финансиска полиција не постапувала по анонимните пријави и оформените предмети биле затворани без да биде известено надлежното обвинителство.

Од обвинителството тврдат дека од УФП побарале податоци за бројот на примени анонимни кривични пријави од 2018 година до денот на доставување на одговорот и нивното евидентирање во уписниците на УФП, причините за нивно евентуално неевидентирање, како и фазата во која се наоѓаат овие пријави и дејствијата што УФП ги преземало по однос на нив. Врз основа на наредба за претрес издадена од Основниот кривичен суд Скопје, на барање на обвинителството е извршен претрес на просториите на УФП, како и претрес на лице – поранешниот директор на УФП. Обезбедени биле 415 предмети.

„Истражители од Истражниот центар на ОЈОГОКК извршија увид во документацијата на сите 415 предмети и констатираа дека дел од предметите, иако се по пријави од 2018, 2019 и 2020 година, сѐ уште се водат како предмети во работа, а поголем дел од предметите се препратени на надлежно постапување во други инспекторати, МВР и други институции. Во предметите што биле затворени е содржана службена белешка од која може да се утврди на кој начин предметот е затворен или препратен во друга институција. Од сето погоре наведено, предметниот обвинител утврди наводите во пријавата дека УФП не преземала соодветни дејствија по предметите и не ги известувала надлежните јавни обвинителства и другите засегнати институции, не соодветствуваат со фактичката состојба“, се вели во соопштението од обвинителството.

Во однос на наводите во анонимната кривична пријава и фактот дека наредбата за претрес на лице е барана поради постоење на основи на сомневање дека поранешниот директор Арафат Муареми сторил кривично дело „примање награда за противзаконито влијание“, од обвинителството исто така соопштуваат дека не нашле такви докази.

„Од собраните докази и деталното разгледување на сите анонимни пријави, не произлезе основано сомневање дека пријавениот со искористување на своето реално или претпоставено влијание, службена или општествена положба и углед, барал, интервенирал, поттикнувал или на друг начин влијаел да се изврши службено дејствие што не би смеело да се изврши или да не се изврши службено дејствие што би морало да се изврши, а за посредувањето да примил награда или друга корист“, велат од обвинителството.

Против Муареми имаше уште една кривична пријава, поднесена од физичко лице за сторени кривични дела злоупотреба на службена положба и овластување, малтретирање во вршење на службата, насилство и примање поткуп.

Во врска со наводите во пријавата, јавниот обвинител, како што велат од обвинителството, во текот на предистражната постапка доставил барање до повеќе органи и институции и ги сослуша оштетениот, пријавените и шеснаесет сведоци.

Од прибраните писмени докази и вербални искази, јавниот обвинител утврдил дека не постои основано сомнение што упатува дека пријавените ја искористиле својата моќ како вработени во УФП и откако оштетениот не им дал пари, започнале да водат постапки за поништување на легализацијата на неговиот објект.

„Исказите на сведоците, вработени во Општина Дебар не ги потврдија наводите на оштетениот дека пријавените ги извршиле кривичните дела Малтретирање во решение со кое ја отфрли кривичната пријава бидејќи не постои основано сомнение дека пријавените ги сториле кривичните дела за кои се пријавени или друго кривично дело што се гони по службена должност“, велат од обвинителството.

Отворањето и работата по овие предмети резултираа со дисциплинска постапка против три обвинителки, меѓу кои и Вилма Русковска. На предлог на републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески, бидејќи наводно имало низа пропусти во случајот откако Муареми испрати претставка за претресите во Управата и обвини дека е нарушен и неговиот углед и на институцијата со која раководи, Русковска беше суспендирана од работа, а Муареми најави кривични пријави тврдејќи дека претресот во неговите канцеларии не бил во согласност со законот.

Муареми лани во август соопшти дека по своја сопствена волја се повлекува од функцијата в.д директор на Управата за финансиска полиција, со цел да нема сомнеж за какво било влијание врз предметот кој се води во Обвинителството.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Очајна екипираност – во просек еден обвинител има по 180 нови предмети годишно

Во просек, на годишно ниво секој јавен обвинител од основно обвинителство работел на по околу 180 нови предмети, покажува Годишниот извештај за работата на јавните обвинителства за 2023 година...